Европа
Германија го одобри фракирањето
Германија ќе го дозволи контроверзното хидраулично кршење, попознато како фракирање, за потребите на тестирањата за евентуалните наоѓалишта на гас, одобри во средата владата на канцеларката Ангела Меркел, но меѓу пратениците врие незадоволството, бидејќи сметаат дека не се поставени соодветни еколошки критериуми.
Нафтените компании сметаат дека во северните низини на Германија има резерви од гас од шкрилци кои би можел да ѝ ја намали на земјата зависноста од рускиот гас кој се испорачува преку гасовод.
Меѓутоа, тој гас може да се екстрахира само со хидраулично кршење, со постапка на вбризгување на течност за ослободување на гасот од карпите. Јавноста се спротиставува на таквата постапка, позната како фракирање, бидејќи стравува дека хемикалиите ќе ги загадуваат подземните води.
„Станува збор за закон кој во најголема можна мера го ограничува овој вид експлоатација на нафтата и гасот“, изјави по состанокот на кабинетот за заштита на околината Барбара Хендрикс од Социјалдемократската партија (SPD) и додаде дека за владата заштитата на здравјето на граѓаните и квалитетот на водите се „на првото место“.
Деловните луѓе го критикуваат новиот закон, бидејќи сметаат дека содржи премногу услови за добивање нафта и гас од шкрилци, Сојузното здружение на германската индустрија BDI смета дека новиот закон значи и дополнително заострување за фракирањето. „Условите се апсолутно претерани“, вели директорот на BDI, Маркус Кершер. Сојузот на хемиската индустрија VCI, пак, смета дека е целосно неодговорно да не се искористат сопствените резерви од енергенси.
Законот го критикуваат и здруженијата за заштита на природната околина и опозициската партија на Зелените, но затоа што според нив тој не оди доволно далеку во насока на целосна и постојана забрана за употреба на оваа метода. „Со овој закон сојузната влада ја отвора вратата за една целосно несигурна технологија“, коментираше во средата потпретседателот на пратеничкиот клуб на Зелените, Оливер Пришнер.
Во текот на седницата на владата, пред канцеларијата на канцеларката Меркел се одржуваа протести на еколошките здруженија против фракирањето. Во меѓувреме, две илјади општини низ Германија се изјаснија против издавањето дозволи за дупчењата со оваа контроверзна метода.
Поборниците на оваа метода велат дека употребата на фракирањето последните години во САД и Канада придонела за поголема независност од енергенсите на светските пазари, а падот на цените на енеренсите ги привлекол и многуте индустриски гранки кои се служат со поголеми количества енергија. Меѓутоа, со актуелните ниски цени на нафтата, многу од овие проекти на северноамериканскиот континент се запрени, бидејќи станува скап./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

