Европа
Германија предупредува на можни напади на јавниот превоз во Истанбул

Германското министерство за надворешни работи предупреди во среда на опасност од можни напади врз подземната железница и на автобуските постојки во Истанбул, по турскиот напад врз курдските борци на северот на Ирак.
„Постои можност од засилени активности и напади на PKK“, се истакнува во соопштението на интернет страницата на Министерството, во кое се мисли на Работничката партика на Курдсктан.
„Покрај тоа, постојат индиции за можни напади на мрежата на подземната железница и на автобуските постојки во Истанбул“, додава Министерството.
Турција во првите шест месеци ја посетиле 14,89 милиони туристи, што е пад од 2,25 отсто, објави во среда турското Министерство за туризам. /крај/мф/ст
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Германските научници пронајдоа антитело против ХИВ

Од 1981 година, кога болеста стана позната, СИДА-та одзеде 44 милиони животи низ целиот свет. Се смета за една од најсериозните епидемии во историјата на човештвото. Иако бројот на смртни случаи се намали со текот на времето благодарение на едукацијата и превентивните мерки, луѓето сè уште умираат од последиците на оваа болест.
Во 2024 година, околу 630.000 луѓе починаа од СИДА низ целиот свет. Затоа, откритието од страна на Универзитетската клиника во Келн непосредно пред почетокот на Европската конференција за СИДА (15-18 октомври) во Париз буди нова надеж дека тоа би можело да претставува уште едно оружје во борбата против оваа болест, пишува Дојче Веле.
Тестирани повеќе од 800 антитела против ХИВ
Истражувачкиот тим предводен од Флоријан Клајн, директор на Институтот за вирусологија, проучувал примероци од крв од 32 лица. Сите биле заразени со ХИВ, но независно, односно без терапија, развиле силен и широко ефикасен имунолошки одговор преку антитела против вирусот.
Научниците тестирале повеќе од 800 различни антитела од овие примероци во лабораторија, испитувајќи ја нивната способност да го неутрализираат вирусот ХИВ. Едно од нив, означено со 04_A06, особено се издвојуваше. Ова антитело го блокира местото преку кое вирусот се прицврстува на клетките домаќини за време на инфекцијата. На овој начин, го спречува вирусот ХИВ да влезе во клетките. Откако вирусот ќе влезе во клетка, ги презема нејзините функции и ги користи за да се реплицира, со што го ослабува имунолошкиот систем на долг рок.
Планот за производство на антитела се наоѓа во човечкиот имунолошки систем, во Б-лимфоцитите. Кога ќе дојдат во контакт со патогени, овие лимфоцити созреваат во плазма клетки кои произведуваат големи количини на антитела, вклучувајќи го и 04_A06. Истражувачите го дешифрираа генетскиот план за неговото создавање и беа во можност да го репродуцираат. „Значи, повеќе не е потребно да се зема крв од пациенти, но овој генетски план може да се вметне во друга клетка и да се каже: произведете го овој протеин – или ова антитело.“
Антитело 04_A06 – за терапија и превенција на ХИВ
Во експерименти на глувци кои носат компоненти на човечкиот имунолошки систем и се инфицирани со ХИВ, антителото 04_A06 беше во можност целосно да го неутрализира поголемиот дел од вирусот ХИВ. Истражувачите тестираа околу 340 различни варијанти на ХИВ, вклучувајќи ги и оние кои веќе беа отпорни на други антитела. „Вирусите се многу разновидни и затоа ХИВ е толку тежок за лекување, бидејќи постои голема генетска разновидност меѓу вирусите“, објаснува Клајн. Новооткриеното антитело, сепак, беше во можност да неутрализира 98 проценти од тестираните варијанти.
Значи, 04_A06 може да им помогне на луѓето кои веќе се инфицирани со ХИВ бидејќи го спречува вирусот да влезе во клетката. „Се врзува за рецепторот на вирусот, го блокира и на тој начин го спречува да ја инфицира целната клетка.“ Покрај тоа, вирусите кои се „обележани“ со антитела полесно се препознаваат и уништуваат од имунолошкиот систем. Ова антитело може да се користи и превентивно за да се спречи инфекцијата со ХИВ: „Ако антителото веќе постои во телото, вирусот што влегува веднаш се запира пред да може да ја инфицира клетката.“
Сè уште нема вакцина против ХИВ
Новото антитело би можело да дејствува како таканаречена пасивна имунизација. Спротивно на тоа, активната имунизација вклучува вакцина што му овозможува на телото самостојно да произведува антитела, но таква вакцина сè уште не постои. Постојат студии со mRNA вакцина што треба да го стимулира имунолошкиот систем да одговори на специфичен протеин од обвивката на вирусот ХИВ. Сепак, досега овој пристап е тестиран само на една варијанта на вирусот.
Во моментов, разни лекови во форма на таблети или инјекции се користат за профилакса против ХИВ инфекции, и тоа со голем успех. Сепак, таблетите најчесто треба да се земаат секојдневно. Депо препаратите со долго дејство, како што се оние што содржат ленакапавир, веќе се одобрени во САД и ЕУ, но сè уште не се продаваат во ЕУ.
Идејата зад профилаксата со антитела како 04_A06, објаснува Клајн: „Дека можете да избегнете земање таблети дневно бидејќи би имало повеќе од 90 проценти шанса да се спречи инфекцијата“. Профилаксата со антитела би се земала приближно на секои шест месеци.
Ново ХИВ антитело со висока потенција
Веќе се откриени и други антитела со широк спектар против ХИВ, но „04_A06 дефинитивно е исклучително моќен претставник на оваа група“, вели Александра Тркола, директорка на Институтот за медицинска вирусологија на Универзитетот во Цирих. „Теоретски, само 04_A06 постигнува ефикасност што нормално се постигнува само со комбинирање на повеќе антитела“.
„Силен“ во овој контекст значи дека дури и кога мала количина од антителото се нанесува на заразените клетки, ефектот е многу изразен. Ова е важно ако откритието од Келн еден ден ќе се развие во лек што може да се администрира со инјекција. Бидејќи може да се администрира само ограничена количина – а давањето 20 инјекции не само што би било незгодно, туку и многу скапо за производство, објаснува Клајн.
Долгиот пат до лек за СИДА
Сепак, може да помине долго време пред да се развие вистински лек базиран на 04_A06, вели Кристоф Спинер, раководител на одделот за заразни болести во Универзитетската болница „Rechts der Isar“ во Минхен. Тој забележува дека резултатите од Келн во моментов се само лабораториски податоци, „така што ефикасноста не може директно да се пренесе во услови од реалниот живот“. Потребни се понатамошни студии за дозата, безбедноста и ефикасноста на антителото.
Александра Тркола, исто така, предупредува: „Сè уште не можеме да знаеме дали антителото ќе се покаже ефикасно и во клиничка употреба“. Сепак, додава: „Знаците секако се многу охрабрувачки“.
фото: принтскрин
Европа
Манекенка убиена во Милано: момчето ја избодело 24 пати на балкон пред соседите

29-годишната Памела Џенини, италијанска бизнисменка и модел, беше убиена на балконот од нејзиниот стан во Милано пред соседите кои беспомошно гледале во ужасот и ја повикале полицијата.
Убиецот, нејзиниот 52-годишен партнер Џанлука Сонцин, ја мачел дури и кога полицијата влегла во станот, а по убиството се обидел да се самоубие, пишуваат италијанските медиуми.
Убиството се случило на 14 октомври, вечерта во населбата Горла на северната периферија на Милано. Сонцин ја одвлекол Памела на балконот и почнал да ја боде со нож. „Ќе ја убие, ќе ја убие“, извикувале соседите кои биле сведоци на нападот. Околу 22 часот, полицијата и пожарникарите ја скршиле вратата од станот на третиот кат.
Внатре ја пронашле Памела на подот, додека Сонцин – вооружен со ловечки нож – продолжил да ја боде. Ја избодел вкупно 24 пати. Пред полицијата да може да го совлада, се избодел двапати во грлото. Тој бил итно префрлен во болница, но неговиот живот не бил во опасност.
Мотивот за злосторството наводно била одлуката на Памела да ја прекине врската.
„Знаев дека сака да се ослободи од него. Сакаше да го остави“, изјавил нејзин поранешен партнер на полицијата. Токму него го повикала Памела за време на смртоносниот напад и веднаш ги известил службите за итни случаи. Соседите биле привлечени од вресоците што одекнувале низ улицата. „Ги слушнавме нејзините вресоци, многу гласно. Таа викаше ‘помош, помош’“, рече еден жител.
Двојката била во врска една година, а Сонцин наводно ја злоупотребувал од самиот почеток на нивната врска. Наводно ѝ се заканувал и тврдел дека има оружје. Еден сосед се присетил на претходна полициска интервенција.
„Полицијата веќе интервенирала пред неколку месеци. Тој се јавил на мојот интерфон за да ме замоли да му отворам, но кога стигна на третиот кат, таа не му отвораше и се јави на 112. Сепак, во следните недели, често ги гледавме повторно заедно.“
Џанлука Сончин претходно ѝ бил познат на полицијата. Пред петнаесет години, тој бил уапсен за измама како дел од операција со која била разбиена организација која препродавала луксузни автомобили меѓу Германија и Италија, избегнувајќи ДДВ.
фото: принтскрин
Европа
Немири на пропалестинските протести во Валенсија

Најмалку пет лица беа приведени, а неколку беа повредени во пропалестинските протести во Валенсија што се одржаа пред и за време на кошаркарскиот натпревар од Евролигата помеѓу Валенсија и Хапоел Тел Авив. Натпреварот помеѓу Валенсија Баскет и Хапоел Тел Авив се играше пред затворени врати, но тензиите беа високи пред Роиг Арената.
И покрај напорите на полицијата, која го следеше целиот периметар од раните утрински часови, избувнаа судири со пропалестинските демонстранти кои се обидоа да ги пробијат полициските коридори. Демонстрантите фрлаа пиротехнички средства и други предмети кон полицијата и превртуваа контејнери.
„Откако некои демонстранти, некои со маски, се упатија кон полицијата, беа извршени пет апсења“, изјави полициски извор за АФП. Во демонстрациите против израелскиот клуб учествуваа речиси илјада луѓе, претежно млади луѓе, кои извикуваа пораки за поддршка на Палестина.
Неодамна, една од најпрестижните велосипедски трки во светот, Вуелта а Еспања, беше цел на демонстрантите поради учеството на израелскиот тим Израел-Премиер Тек. За време на трката, неколку етапи беа скратени бидејќи немаше безбедни услови за завршување на етапата. На крајот, последната етапа беше исто така завршена на околу 50 км од целта по немирите во центарот на Мадрид.
фото: принтскрин