Европа
Германската полиција притвори Тунижанец кого со поврзува со Амри
Берлинската полиција во средата притвори 40-годишен Тунижанец за кој смета дека е најверојатно поврзан со минатонеделниот напад со камион врз божикен базар во германската престолнина за кој е осомничен сега убиениот негов 24 годишен сонародник Анис Амри, а во кој без убиени 12 луѓе и уште 48 беа повредени, а кој според истрагата бегајќи во Франција се обидувал да се снабди со оружје.
Германската полиција верува дека во средата уапсениот маж бил во контакт со Анис Амри. Бројот на мобилниот телефон на приведениот е најден во телефонот на Амри најден на местото на нападот во централниот дел на западен Берлин.
Натамошните истраги покажуваат дека постои можност и сега приведениот Тунижанец да бил вмешан во подготовката на терористичкиот напад. Полицијата во средата утрото извршила рација во просториите во кои живеел и работел 40-годишен Тунижанец, во објект кој е напуштен од 2008 година на берлинскиот аеродром Темпелхоф, пишува Spiegel Online.
Истрагата и натаму анализира како Амри успеал да ја напушти Германија и пред во петокот утрото да биде застрелан во престрелка со италијанската полиција да стана на железничката станица во Милано. Германската полиција е критикувана дека европската потерница со наградата од 100.000 евра за Амри ја распишала дури два дена по нападот.
Според сознанија добиени од надзорните камери во францускиот град Лион, Амри во Милано стасал со воз од Франција. Француската телевизија TF1 тврди дека Амри патувал со автобус од Амстердам до Лион, и оти во текот на ова долго 15-часовно патување неговиот идентитет ниеднаш не бил проверуван.
Француското радио RFI, пак, повикувајќи се на безбедносни извори пренесе дека Амри во Франција се обидувал да дојде до оружје, вклучително и автоматска пушка, и оти оваа информација била потврдена од германската полиција. Се истакнува дека овој податокот отвора многу прашања околу поддршката која Амри можел да ја добие во Франција.
Германските иследници ги негираат написите во италијанските медиуми во кои се тврди дека во ранецот на младиот Тунижанец е пронајдена холандска картичка за мобилен телефон, поради што се разгледувала и можноста дека во Италија пристигнал преку оваа држава. Италијанскиот дневен весник La Repubblica во средата објави дека СИМ; картичките од тој вид се дистрибуирани во трговски центри во три холандски града од 20-ти до 22-ри декември годинава.
Британската туристка минатата седмица за телевизијата Sky News тврдеше дека е убедена дека го видела Амри во Шамони, француски скијачки центар во близината на границите со Швајцарија и Италија, две дена пред да биде застрелан во Милано, односно во средата.
Снимките од надзорните камери покажуваат дека Амри минал и низ Торино, соопшти италијанската полиција. Неколку часа подоцна бил снимен и на железничката станица во Милано, кратко време пред да биде легитимиран при рутинска контрола во раните утрински часови, кога го извадил својот пиштол и го рани италијанските полицаец по што беше застрелан./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.