Европа
ГЛОБСЕК: Потребата за заедничко европско разузнавање поголема од кога и да е
Европската унија се наоѓа пред нов предизвик во своето постоење, а тоа е формирање на заедничко европско разузнавање, сметаат водечките светски експерти, кои викендов учествуваат на меѓународниот ГЛОБСЕК безбедносен форум кој се одржува во Братислава, а на кој присуствува и Макфакс.
Од Братислава, Бојан Стојковски
„Лекцијата е стара, мора да се искористат можностите што ги нудат различните информации, ние секогаш го знаевме тоа. Локалните полициски власти мора да соработуваат со разузнавањето, во Велика Британија на овој начин во последниот период беа спречени неколку терористички ќелии’, изјави професорот од британскиот Кинг Колеџ, Дејвид Оманд.
Еден од проблемите за реализацијата на оваа цел се и постоечките европски договори во кои ова прашање е регулирано на национално ниво.
„Најважно е да се има соработка меѓу европските земји, вакво нешто сега постои на билатерална основа, нам сега ни треба повеќе. Еден проблем е тоа што во Лисабонскиот договор во однос на безбедноста стои дека ова прашање е регулирано во рамките на националните ингеренции. Мора да размислиме за промена на ова, и најважниот проблем сега е што нема веќе доверба“, смета Анеми Туртелбум, поранешен белгски вицепремиер.
Мигрантската криза ја зголеми опасноста од потенцијални напади на евроско тло, што е причина повеќе за формирањето на заедничкото европско разузнавање, смета поранешниот директор на германската разузнавачка служба, Август Хенинг.
‘За време на мигрантската криза многу лица влегоа во Германија, ни треба многу подобар систем на податоци, како и подобар систем на комуникација. Што повеќе луѓе се свесни за ова тогаш ќе има поголема соработка, како и поголема свест во општеството’, вели Хенинг.
Американското искуство во справувањето со терористички напади, пак, говори дека подигнувањето на свеста кај народот за опасностите е подеднакво важна како и средствата кои се користат за да се спречат нападите.
„Доколку се анализираат нападите во САД се работеше за лица кои оперираат сами и најчесто преку онлајн комуникации, но немаше случаи на поголеми групи, односно организирани напади. Она што треба да го направиме сега е да покренене свест кај обичните луѓе, доколку се сомневаат околу некого, пред се да знаат каде и на кого да му се обратат’, вели Мајкл Чертоф, член на интернациоалниот одбор на ГЛОБСЕК.
Според Туртелбум, пак, за разлика од САД, средствата кои ЕУ ги одвојува за оваа цел во овие моменти не се доволни. ‘Во секоја земја постои проблемот со средствата, вие можете да ги имате сите информации но да немате кој да ги анализира, ова важи и за Европа. Важно е да се заштити приватноста, но за ова се потребни пари. Средствата кои се одвојуваат од европските фондови во моментов едноставно не се доволни’, вели таа.
Човечкиот фактор во оваа ситуација не смее да се занемари, локалните полиции се доста важни бидејќи тие се на терен и можат да забележат доколку постои некаква опасност, односно подеднакво е важно да се работи и на локално и на меѓународно ниво, додаваат безбедносните експерти.
Макфакс присуствуваше изминатиот викенд на Безбедносниот форум на ГЛОБСЕК кој секоја година се одржува во Братислава, на кој шефовите на држави, десетици министри за одбрана и за надворешни работи, како и стотици аналитичари, дипломати и новинари од повеќе од 70 земји пристигнаа доцна ноќта во петокот и во саботата утрото во словачката престолнина Братислава на единаесеттиот годишен Глобален форум за безбедност
ГЛОБСЕК 2016 се занимаваше со најжешките безбедносни прашања на денешницата, како мигрантската криза, справувањето со тероризмот од ултрарадикалните групации како Исламската држава и моменталната безбедносна ситуација во Европа во однос, како што се наведува тука во Братислава, на руската агресија и уште поголемата пропаганда.
ГЛОБСЕК Татра самитот во Братислава е еден од најважните настани во текот на шестмесечното ротирачко претседателствување на Словачка со Советот на ЕУ. Покрај споменатите актуелни теми, беше дискутирано и за теми поврзани со енергетска заедница, финансиите, инвестициите, за иднината на еврозоната, за дигиталната агенда.
На дискусиите во Братислава присуствуваа и министрите за финансии од Словачка, Германија, Франција, Италија, Белгија и Ирска. Исто така, ќе присуствуваат пет европски комесари, седум високи претставници од земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, министрите за енергетика од Норвешка, Бугарија и Романија, како и дипломати од повеќе земји членки на ЕУ. Високи претставници на банкарскиот, ИТ секторот, инвестициите и од енергетскиот сектор, исто така, имаа свое учество во дискусиите./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Напад со ХИМАРС врз Белгород, гори нафтено складиште во Луганск, се шират снимки
Украина изврши ноќни напади врз термоцентрала во рускиот регион Белгород и складиште за нафта во окупираниот Луганск, според руските власти и снимки од очевидци објавени на социјалните медиуми. Нападите го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во делови од Белгород, објавува „Киев Индепендент“.
Според локалните канали на Телеграм, Белгород, град на само 34 километри од украинската граница, бил погоден од повеќекратни ракетни системи HIMARS. Се вели дека целта била термоцентралата на градот. Вјачеслав Гладков, гувернерот на регионот Белгород, подоцна објави дека „масивниот ракетен напад“ ја таргетирал енергетската инфраструктура во и околу градот.
It’s lights out in Belgorod again. It is clear that russia cannot protect this city. It should be surrendered to Ukrainian forces who can provide better protection.
Fact: None of this would’ve happened if I had been the president of russia. pic.twitter.com/7HIGxDYhy5
— Rock – NAFO Raccoon (@NAFORaccoon) February 26, 2026
„Нанесена е сериозна штета на енергетската инфраструктура. Ова доведе до прекини на електричната енергија, прекини во снабдувањето со вода и проблеми со греењето“, рече Гладков. „Киев Индепендент“ не можеше независно да ги потврди тврдењата во времето на објавувањето.
Истата ноќ, беа објавени фотографии и видеа од запален складиште за нафта во Луганск, кој е под руска окупација од 2014 година. Локалните жители објавија дека на пожарот во фабриката му претходеле низа експлозии.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта соборило 95 украински беспилотни летала над различни региони на земјата. Украина редовно напаѓа воена инфраструктура длабоко на руска територија и на окупирани територии за да ја ослаби борбената моќ на Москва. Киев ги смета нафтените објекти за легитимни воени цели бидејќи тие директно ги финансираат воените напори на Русија.
Нападите доаѓаат во време кога Русија води сопствена кампања за уништување на енергетската мрежа на Украина во текот на есента и зимата, оставајќи илјадници луѓе низ цела Украина без греење и електрична енергија.
Европа
Работник згмечи автомобил на депонија во Минхен: Не забележал дека има човек внатре
82-годишен Германец загина во автомобил смачкан од кран што се користи за сечење и дробење стари автомобили во отпад во минхенскиот округ Оберзендлинг во среда попладне.
Според полицијата, автомобилот бил закажан за уништување, а се верува дека човекот влегол во возилото незабележано. Во моментот на несреќата, 60-годишен вработен во компанијата управувал со тешка машина што се користи за дробење стари автомобили.
Работникот прво го смачкал покривот на возилото со кранот, а потоа го превртел на покривот. Дури тогаш, според полицијата, сведок забележал дека во автомобилот има лице, објавува Би-Би-Си.
82-годишникот претрпел смртоносни повреди кога покривот на возилото бил смачкан. На местото на настанот биле повикани служби за итни случаи. Интервенирале пожарникари, работници на брзата помош и полиција. Пожарникарите морале да користат специјална опрема за да го извлечат телото од автомобилот.
Според портпаролот на полицијата, возилото не му припаѓало на починатиот маж. Се верува дека 82-годишникот, кој живеел во Минхен, дошол на местото за да собира старо железо. Сообраќајната полиција во Минхен започна истрага за околностите на несреќата.
Европа
Полска сака да ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години
Полска планира да воведе закон со кој ќе им се забрани на децата под 15 години да користат социјални медиуми и ќе ги направи платформите одговорни за проверка на возраста на корисниците, изјави министерката за образование Барбара Новацка во интервју објавено денеска, објави Ројтерс.
Владејачката Граѓанска коалиција ќе презентира нацрт-предлог со кој ќе се изрекуваат казни за платформите што остануваат достапни за помладите корисници. Новацка додаде дека законот би можел да стапи во сила на почетокот на 2027 година. „Гледаме последици за менталното здравје на децата и младите, како и пад на нивните интелектуални способности“, рече Новацка, истакнувајќи дека нивото на казните за компаниите сè уште се дискутира.
Неколку европски влади, вклучувајќи ги Данска, Грција, Франција, Шпанија и Велика Британија, разгледаа слични ограничувања поради тврдењата дека социјалните медиуми се штетни или предизвикуваат зависност кај малолетниците. Владата на Велика Британија објави во јануари дека разгледува ограничувања за заштита на децата на интернет, откако Австралија спроведе слични закони во декември.
Иницијативата би можела да ја доведе Варшава во конфликт со американските технолошки компании како „Мета“ или „Икс“ на Елон Маск. Некои од тие компании се спротивставија на ограничувањата откако Австралија воведе забрана минатата година.

