Европа
Горбачов признава делумна одговорност за распадот на СССР

Последниот советски претседател Михаил Горбачов, и добитник на Нобеловата награда за мир во 1990 година за реформите кои доведоа до крајот на тогашната идеолошка блоковска Студена војна, 25 години по распадот на Советскиот сојуз вели дека не ја трга од себеси делумната одговорноста за тогашните случувања.
Во статијата објавена во средата на интернет страницата на дневниот весник Росискаја газета, Михаил Горбачов вели дека во контекстот на познатите од неговиот период „перестројка и гласноста“ републиките од тогашниот СССР почнале да бараат реално исполнување на нивниот суверенитет, и реформирањето, осовременувањето на Советскиот сојуз, според него, било неопходно и можно.
„Со задоцнување, но ние сепак тргнавме по тој пат. Доколку сите учесници во тој процес покажаа одговорност, тогаш, убеден сум, тој ќе дадеше резултат: ќе имавме силни, навистина суверени републики и силни, ефикасни центри, активни во нивните заеднички интереси. Но не успеавме да ја решиме таа задача. Не го намалувам својот дел од одговорноста. Но мојата совест е чиста“, пишува Горбачов.
Додава дека „застанал во одбрана на Сојузот до крајот, постапувајќи со политички методи“.
„Но сите ли ја преземаа на себе одговорноста? Не. Не можам да не кажам за улогата на тогашното руско раководство. Со усвојувањето на Декларацијата за државниот суверенитет на РСФСР (подоцнежната Руска Федерација) во 1990-та и одлуката на Врховниот совет (владата) за усвојување на Беловешкиот договор во декември 1991 година, тоа стоеше на сосема деструктивно позиција“, смета поранешниот претседател на СССР.
Натаму Горбачов пишува дека и во моментов е убеден дека по августовскиот пуч, кога републиките ги донесоа декларација за суверенитет и независност, било можно со повеќето од нив да се договори формирање сојузно конфедерална унија. Преговорите биле тешки, но нацрт договорот веќе бил подготвен, потсетува Горбачов.
Повторно истакнува дека не можела да се употреби сила за зачувување на тогашниот СССР.
„Политичките средства, методите на убедување беа исцрпени. Дали беше по тоа потребно да се употреби сила? Последните години тоа прашање сé почесто се поставува. Како и тогаш, и сега сум убеден дека тоа не можеше да се стори. Мирисаше на пожар во голем дом, или едноставно – на војна. На таков ризик во земјата преоптоварена со проблеми, конфликти, оружје, не беше возможно да се оди“, заклучува последниот советски челник.
Ваквата идеја за зачувување во некоја форма на поранешниот СССР, Гобрачов кого инаку многумина го обвинуваат токму за растурање на советската држава, ја пласираше и во поранешни разговори за медиумите, сметајќи дека земјите произлезени од поранешниот Советски сојуз би можеле до формираат нов „доброволен“ сојуз во поранешните граници./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Украина заслужува оваа година да започне преговори за членство во ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави нов пакет помош за Украина во вредност од 450 милиони евра.
Беше објавено и дека земјите од ЕУ планираат да обучат 30.000 украински војници.
Шефот на Комисијата на состанокот во Киев рече дека во Хаг ќе се формира меѓународен центар за гонење на злосторствата во Украина.
Лидерите на ЕУ ја пофалија Украина за „значајните напори“ во напредокот кон членството, но Киев треба да спроведе повеќе реформи, се вели во соопштението објавено по самитот во Киев.
„Верувам дека Украина заслужува да ги започне преговорите за членство во ЕУ веќе оваа година. И благодарам на претседателката на Европската комисија, нејзините колеги и нашите пријатели во ЕУ за значајната поддршка на патот на интеграцијата и заштитата на нашата земја и народ“ – рече Зеленски.
Европа
Лавров до Молдавија: Може да станете следната Украина

Додека водат освојувачка војна во Украина, од Кремљ им се закануваат и на другите соседни земји.
На прашањето која земја од поранешниот СССР „би можела да стане нов антируски центар“, првиот дипломат на Путин, Сергеј Лавров, кусо рече – Молдавија.
Според Лавров, „Молдавија може да стане следната Украина“.
Тој го обвини Западот кој, според него, „ја поттикнува Молдавија против Русија и има намера таа да игра улога во проектот против Русија“.
Лавров изјавил дека тенденцијата на сегашните молдавски власти „да ја внесат земјата во ЕУ и НАТО сведочи за нивната антируска политика“, пренесува Јутарњи.
Инаку, Молдавија веднаш по руската агресија врз Украина побара прием во ЕУ, а во јуни 2022 година заедно со Украина доби статус на кандидат, но ниту побара, ниту најави прием во НАТО, особено што таму требаше да бидат направени измени на уставот според кој Молдавија е воено неутрална земја.
Лавров директно ја нападна молдавската претседателка Маја Санда, за која вели дека „ја турка Молдавија во НАТО“, дека е „романска државјанка“ и дека „подготвува обединување со Романија“.
Во Кишињев ваквите зборови на шефот на дипломатијата на Путин беа прфатени како отворена закана и сметаат дека тие можат да станат нова цел во воените планови на Путин за проширување на Русија.
Молдавија е една од најсиромашните земји во Европа, со силно проруско влијание, но сега на власт дојдоа прозападните опции, предводени од претседателката Санду, која сака да ја сврти земјата кон Брисел.
Молдавија бара од Западот да и помогне со вооружување, особено што молдавската армија е една од најслабите вооружени и опремени во Европа.
Европа
Анкета: Повеќето Финци поддржуваат влез во НАТО без Шведска

Мнозинството фински граѓани се за продолжување на приемот на земјата во НАТО без Шведска, јавуваат локалните медиуми, пренесува Анадолија.
Околу 53 отсто од испитаниците во анкетата на истражувачката компанија „Талоустуткимус“ биле против идејата да се чека Шведска, која би можела да се соочи со одложувања поради турското противење, објави весникот Илта-Саномат.
Околу 28 отсто сакале Финска да напредува само со својот сосед.
Општо земено, 82 отсто од испитаниците ја поддржале одлуката на Финска да стане дел од НАТО, а само осум отсто биле против, се наведува во извештајот.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за приклучување кон НАТО минатиот мај, напуштајќи го децениското воено неврзување, одлука поттикната од руската војна против Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.
Сепак, Турција, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, искажува приговори, обвинувајќи ги двете земји дека ги толерираат, па дури и ги поддржуваат организациите, вклучително и ПКК и ФЕТО, групата која стои зад обидот за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година.