Европа
Холандски наод: Експлозија од лево на кокпитот го урнала малезискиот авион над Украина
Истрагата на Советот за безбедност на Холандија во врска со уривањето на малезискиот „Boeing 777“ со 298 патници и членови на екипажот кој во јули 2014-та се урна во источна Украина во зоната на борбени дејствија меѓу украинската армија и рускојазичните бунтовници крај Донецк, открива дека авионот бил соборен со ракета (Н314Мод системот „Бук“ од територија со површина од 320 км2 во источна Украина, соопшти во вторникот претседателот на Советот Тибе Јустра, претставувајќи го холандскиот извештај кој делумно се совпаѓа со наодите од истрагата на рускиот концерн за оружје „Алмаз-Антеј“ кој претходно во вторникот беше претставен во Москва.
„Меѓународната истрага покажа дека авионот бил соборен со ракета 9N314M истрелана од противвоздушниот систем ‘Бук’ од територија со површина со 320 квадратни километри во источниот дел од Украина. Проектилот експлодирал во горниот лев дел од пилотската кабина“, рече Тибе Јустра, претседател на Советот за безбедност на Украина, пред повеќе од 240 акредитирани претставници на медиумите од различни земји во светот.
Станува збор за тип ракета којашто руската номенклатура се означува како 9М38М1, како што претходно во Москва соопштија претставниците на рускиот производител „Алмаз-Антеј“. Но според концернот, ваквиот проектил последен пат е произведен во Советскиот сојуз во 1986 година, и бидејќи со сите надградби има рок на употреба од 25 години, тој од вооружувањето на руската армија е повлечен во 2011 година. Јан Новиков рече дека во времето на СССР Украина добила такви проектили и оти не е познато колку од нив останеле во вооружувањето на украинската армија.
Според симулацијата на руската истрага, ваквиот проектил бил истрелан од областа на селото Зарошченско, во којашто во тој период биле распоредени силите лојални на властите во Киев.
Според него „клунот од авионот бил погоден од стотици делови од боевата глава“. ,„Како резултат на тоа, тројца членови на екипажот во пилотската кабина веднаш загинале, а авионот се распаднал на делови во воздух. Во телата на пилотите се пронајдени фрагменти со голема моќност. Фрагментите паднале на територија со површина од 50 квадратни километри. Сите 298 патници загинаа“, прецизираше Јустра.
Според холандските медиуми, кои се повикуваат на три извора запознаени со извештајот, било утврдено дека проектилот е истрелан од позиции кои ги држеле рускојазичните бунтовници, што не е дефинитивно и децидно потврдено при презентирањето на податоците од истрагата.
Комисијата за истрага на трагедијата, исто така, дошла до заклучок дека воздушниот простор над југоисточна Украина, морал да биде затворен за летови, меѓутоа воздухопловните власти на Украина не го сториле тоа во тој период.
„Ниту еден од претставниците на воздухопловните власти не можел да ги процени ризиците за цивилната авијација, предизвикани од вооружениот конфликт. Според холандското Биро за истраги на воздухопловни несреќи, тие имале доволно причини да го затворат воздушниот простор во југоисточна Украина како превентивна мерка. Меѓутоа, воздухопловните власти не го сториле тоа“, изјави при соопштувањето на резултатите од истрагата Тибе Јустра.
Со цел да биде точно лоцирано местото на истрелувањето на проектилот кој го соборил авионот, неопходно се натамошни истражувања, посочи Јустра. Кажа дека Русија сметала оти типот на ракетата на не може точно да се определи, но Комисијата го отфрлила таквото тврдење, што не се совпаѓа со рускиот извештај.
„Русија сметаше, дека расположливите податоци не овозможуваат да се направат заклучоци за типот на проектилот, но Советот за безбедност на Холандија го отфрли таквото тврдење“, рече. Според него, „во извештајот се објаснети причините за тоа“.
Објавувањето на извештајот доаѓа по 15-месечна работа на претседателот на Советот за безбедност на Холандија, Тибе Јустра, кој координираше со истрагата во којашто покрај холандски експерти, влегуваа и стручњаци од Австралија, Велика Британија, Малезија, САД, Украина и Русија.
Извештајот треба да даде одговор на четирите главни прашања. Првото е – причината за уривањето, односно што придонело за падот на авионот. Во извештајот, исто така, треба да се содржани и заклучоци за дозволата за летањето на авионот над зоната на конфликтот, потоа зошто роднините и семејствата на жртвите требало да чекаат два до четири дена за да добијат потврда од холандските власти за пронаоѓање на останките на нивните блиски на летот и колку оние кои биле во леталото биле свесни дека авионот се урива.
Рускиот производител на оружје претходно во вторникот на прес-конференцијата во Москва потенцираше дека тестирањето го извел „во вистински услови“ активирајќи од земјата рекета од системот „Бук’ во близина на пилотската кабина и во делови на труп на авион „Илјушин“ кој повеќе не бил во употреба и е сличен на Boeing-от.
„Тој тест во целост целосно ја отфрла холандската верзија во врска со тупот на употребената ракета и со местото од кое наводно е истрелана“, изјави извршниот директор на „Алмаз-Антеј“, Јан Новиков.
Според производителот кој своето тестирање го поткрепи со видеоснимка и математичките анализи на движењата, ракетата која го урнала авионот на летот MH17 била истрелана од место во коешто во тоа време се бореле бунтовниците и украинската војска.
„Денеска со сигурност може да кажеме дека авионот Boeing 777 бил погоден со ракета Бук 9М38 истрелана од селото Зарошченское“, во источна Украина, повтори и челникот на компанијата Михаил Маличевски./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер: Злосторствата се толерираат на социјалните медиуми; Маск: Тиранин и предавник
Илон Маск го нарече шпанскиот премиер Педро Санчез тиранин и предавник откако објави планови за забрана на лицата под 16 години од социјалните медиуми и за сузбивање на говорот на омраза. Санчез рече дека се неопходни итни мерки за заштита на децата од она што го нарече „дигитален Див Запад“, што предизвика гнев кај сопственикот на платформата Икс, пишува The Guardian.
Dirty Sánchez is a tyrant and traitor to the people of Spain 💩 https://t.co/B3oyHrBYpR
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Откако Санчез ги презентираше плановите на својата влада во говорот на Светскиот самит на влади во Дубаи, Маск одговори на својата платформа Икс. „Валканиот Санчез е тиранин и предавник на шпанскиот народ“. Околу час и половина подоцна, тој дополнително ја заостри својата реторика. „Санчез е вистински фашистички тоталитарист“, рече тој.
Sánchez is the true fascist totalitarian https://t.co/b2U17fEwa7
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Санчез претходно го критикуваше Маск за користење на Икс за „зајакнување на дезинформациите“ за одлуката на администрацијата на Санчез да легализира 500.000 недокументирани работници и баратели на азил, истакнувајќи дека самиот Маск е мигрант.
Шпанскиот премиер вчера изјави дека се потребни итни мерки бидејќи социјалните медиуми станале „пропадната држава каде што законите се игнорираат, а злосторствата се толерираат“. Тој најави дека владата подготвува низа мерки, вклучително и забрана за социјалните медиуми за лица под 16 години.
„Нашите деца се изложени на простор во кој никогаш не требало да бидат. Тоа повеќе нема да го прифатиме“, рече Санчез. „Ќе ги заштитиме од дигиталниот Див Запад“, вети тој. Предложената забрана ќе се спроведе со измена на постојниот закон за дигитална заштита на малолетници, кој се дискутира во парламентот.
Претставниците на Google, TikTok, Snapchat и Meta сè уште не ги коментираа најавените мерки. Се чини дека Шпанија и Грција, кои се исто така блиску до објавување слична забрана за лица под 15 години, ќе им се придружат на земји како Велика Британија и Франција во заземањето построг став за социјалните медиуми.
Европа
Дрон се урна во воен комплекс во Полска
Полската воена полиција истражува пад на беспилотно летало од непознато потекло кое се урна во воен комплекс на североистокот на земјата, на само неколку метри од складиште за оружје. Инцидентот, кој властите го потврдија во понеделник, се случил на 28 јануари во Вториот радиоелектронски центар во Пжасниш, град на околу деведесет километри северно од Варшава, пренесува Анадолија.
Според Радио Зет, дежурен офицер во единицата го забележал дронот како лета над базата, по што леталото ја изгубило контролата и се урнало во близина на складиштето за оружје. Војниците го обезбедиле дронот и го преместиле во воена зграда за испитување. Портпаролот на Врховниот командант на воената полиција изјавил дека воената полиција била известена и набргу потоа официјално започнала истрага, која вклучува обезбедување на леталото и земање изјави од сведоци.
Инцидентот се случува во време на растечка загриженост низ Полска и другите членки на НАТО за неовластена активност на беспилотни летала во близина на клучни инфраструктурни и воени објекти. Загриженоста се зголеми особено по руската инвазија на Украина и брзото ширење на технологијата за беспилотни летала со ниска цена.
Во Германија и балтичките држави, безбедносните служби истражуваат повторени видувања на неидентификувани дронови во близина на воени полигони за обука, пристаништа и енергетски објекти, што ги зголемува стравувањата од шпионажа и проверка на подготвеноста.
Иако засега нема индикации дека инцидентот во Пжасниш бил непријателски чин, официјалните лица не исклучуваат ниту едно сценарио, вклучувајќи грешка на операторот, технички дефект или намерно извидување. Полското Министерство за одбрана сè уште јавно не коментирало за потеклото или видот на дронот, ниту дали бил опремен со уреди за снимање или друг товар.
Европа
Сојузник на Зеленски: Украинскиот народ е исцрпен, победа е запирање на војната
Висок политички сојузник на украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на мировен договор што ќе ги стави луѓето пред територијата.
Изјавата доаѓа пред големата конференција во Украина во четврток, на која ќе се соберат гувернери и градоначалници за да разговараат за условите за мир со Русија.
Виталиј Ким, гувернер на Николаевската област и едно од имињата во подем во украинската политика, предводеше огранок на партијата „Слуга на народот“ на претседателот Зеленски на изборите во 2019 година и беше назначен за регионален гувернер од Зеленски во ноември 2020 година, објавува „Индипендент“.
Ким зборуваше пред Форумот на градовите и заедниците на фронтот во 2026 година, каде што локалните лидери ќе се обидат да се договорат што очекуваат од мировниот договор, нагласувајќи ја подготвеноста да се префрли фокусот од граничните спорови на безбедносните гаранции. Запрашан за неговите приоритети во мировниот план поврзан со Доналд Трамп, гувернерот Ким рече: „Земјата е важна, но луѓето се поважни, а ситуацијата е таква што не знаеме што носи утрешниот ден“.
Ким призна дека перцепцијата за победата се променила под тежината на долготрајниот конфликт. „За мене лично, победата се нашите граници од 1991 година, среќни луѓе кои не умираат, но сите се многу уморни“, изјави тој.
„Затоа, за украинскиот народ, мислам дека победата е едноставно запирање на војната и добивање безбедносни гаранции за иднината, за нашите деца да можат да го имаат животот што го имавме пред инвазијата. Верувам дека за повеќето од нашите луѓе, победата е враќање во животот каков што беше порано. Ова е исклучително важно за нас бидејќи помина долго време.“

