Европа
Илјадници приврзаници на Pegida протестираа низ Европа
Илјадници приврзаници на граѓанското движење Pegidа (Родољубиви Европејци против исламизацијата на Западот), кое беше покренато пред повеќе од една година излегоа попладнето во саботата во Дрезден, во источна Германија, од каде што и започна движењето, како и во десетина градови ширум Европа во рамките на европскиот ден против имигрантите организиран под паролата „Крепоста (Тврдината) Европа“.
Луц Бахман, основач на движењето, не учествуваше на собирот поради болест, соопштија организаторите за AFP.
Полицијата во Дрезден, каде што Pegida собираше и по десетици илјади приврзаници, распореди повеќе од илјада свои припадници и неколку водени топови за да ја гарантира безбедноста очекувајќи 15.000 демонстранти. Според процените во саботата се собрале 8.000, според оналјн групата Durchgezaehl којашто истражува јавни собири, пренесува агенцијата DPA. Сепак, полицијата и организаторите сé уште не излегоа со своите процени за бројноста на приврзаниците на анти-доселеничката кауза на движењето во Дрезден.
Претходно неколку стотина луѓе во саботата рано попладнето одржаа поворка против Pegida во Дрезден, повикувајќи на толерантност во градот во кој инаку има малку странци, но стана симбол за противењето на доселениците особено од муслиманските земји. Германските медиуми, пак, кои се противници на Pegida објавија многу повисоки бројки од дрезденската полиција – 2.000 до 2.500, што сепак е многу помалку од 10-те илјади колку што најавуваа организаторите на левичарските движење и невладините организации.
Движењето Pegidа (Родољубиви Европејци против исламизацијата на Западот), на коешто, и покрај несогласувањето со таквите оцени на неговите водачи, му се става етикетата на крајно десничарско, кое настана во Германија во есента 2014 година, повика на 23-ти јануари на протести кои се одржуваат во саботата во 14 европски земји како револт од попустливоста на властите кон незапаметениот мигрантски прилив на европскиот континент, кој во минатата 2015 година прими над милион баратели на азил, главно од муслиманските земји.
„Независно од Европската унија и етаблираните елитистички кругови, ќе се развие мрежата на патриоти во Европа – Тврдината Европа“, изјави челничката на Pegida, Татјана Фестерлингм пред да го претстави концептот на движењето во Дрезден кој го опиша како „престолнина на германскиот отпор“.
Собирот во Дрезден го добележаа постојаните повици „Меркел мора да си замине“, обвинувајќи ја германската канцеларка Ангела Меркел за нејзината политика во бегалската криза дозволувајќи во земјата да влезат 1,1 милион доселеници
Серијата протести за поддршка на Pegida започна во австралиската престолнина Канбера каде пред парламентот се собраа 400 луѓе, кои не се согласуваат со политиката на толеранција на властите кон муслиманите да не се асимилираат во австралиското општество. Тие извикуваа пароли како „Сакаме сланина“ и „По ѓаволите, кој е тој Алах“.
Во Европа, според агенциските извештаи, најброен бил собирот на „Тврдината Европа“ во чешката престолнина Прага, каде се собрале повеќе од 1.500 приврзаници на Pegida, носејќи транспаренти со натписите „Не за имиграцијата – запрете ја Меркелизацијата“. Во „Прашката декларација“ на движењето Тврдина Европа се предупредува дека „повеќе од илјадагодишната западна култура наскоро би можела да биде загубена пред исламското освојување на Европа“.
Наспроти нив 400 лица изразуваа солидарност со бегалците, а повеќе стотици полицајци спречуваа да дојде до близок контакт меѓу двете групи кои се гаѓаа со петарди и шишиња.
Собири за поддршка на Pegida со различна масовност се одржаа во саботата и во Варшава, Талин, Братислава, Амстердам, Даблин, Бирмингем, Монпелје, Кале, Копенхаген….
Претходно во полската престолнина отпатува челничката на движењето Фестерлинг каде одржа говор пред неколку стотици приврзаници за отпорот во XVII век која „Полјаците и Литванците, Саксонците и Австријците застанаа едни крај други“ за да го спречат падот на Виена пред турската армија. „Ајде сите заедно да ја водиме борбата против исламизацијата“ на Европа, повика./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

