Европа
Италија: Џентилони го доби мандатот за состав на новата влада, вети дека ќе ја формира брзо
Италијанскиот претседател Серџо Матарела му го довери во неделата на досегашниот министер за надворешни работи Паоло Џентилони мандатот да се обиде да ја состави новата влада, а овој вети дека што е можно поскоро ќе го претстави списокот со новите министри.
Притоа, 62-годишниот Паоло Џентилони изјави дека новата влада „ќе делува во истата рамка“, како и онаа на досегашниот премиер Матео Ренци, кој поднесе оставка откако на референдумот Италијанците не ги поддржаа уставните промени коишто ги заговараше.
„Свесен сум за итната потреба Италија да добие влада со сите овластувања. Ќе се обидам на претседателот на Републиката да му го претставам списокот на министри што е можно поскоро“, изјави за новинарите Џентилони веднаш по средбата со претседателот Матарела.
Се очекува дека Џентилони во претседателската палата ќе се врати најрано во неделата навечер или во понеделникот утрото, за да му го претстави на Матарела својот предлог за владиниот кабинет.
Мандаторот за состав на новата влада е клучен член на Демократската партија, на досегашниот премиер Матео Ренци.
Претседателот Матарела во саботата најави дека „во следните часови“ ќе одлучи како да се реши политичката криза во којашто Италија западна по оставката на Ренци.
Во трите дена консултации со челниците на партиите се покажа дека не постои консензус како земјата да оди натаму, па Матарела мораше да се реши дали ќе му го довери некому мандатот за состав на новата влада или, пак, ќе се оди на предвремени парламентарни избори.
Следните парламентарни избори во Италија се предвидени за 2018 година, меѓутоа многу политичари се залагаат за нивно предвремено одржување./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.