Европа
Иванов: Украинската криза наликува на кризата на Балканот

Поранешниот шеф на руската дипломатија, Игор Иванов, во свој осврт за шпанскиот дневник El Mundo оценил дека украинската криза довела до опасна состојба на недоверба меѓу Западот и Русија, најтешка по Студената војна.
Тој смета дека меѓународната конференција со учество на сите заинтересирани страни, е единствениот начин на кој може да се реши „големата украинска трагедија“.
Иванов, кој сега е раководител на Рускиот совет за меѓународни работи, смета дека украинската криза се проширила надвор од нејзините граници и таа забрзано почнала да наликува на трагедија која веќе ја преживеаја балканските земји.
Затоа, порачува Иванов, потребно е итно да се повика меѓународна конференција под капата на Обединетите нации и Организацијата за европска безбедност и соработка на која би учествувале високи функционери од Украина, Русија, како и од големите европски сили и САД.
Целта на ваквата конференција е да се изработи план за излез од настанатата состојба, со надворешна помош и набљудување, со тоа што во решавањето ќе бидат вклучени сите украински политички и сили во регионот.
„Само на овој начин ќе може да се изолираат екстремистите во Украина, со цел да се дојде до заемно разбирање и да се стекне доверба меѓу клучните меѓународни членки“, смета Иванов.
Тој решавањето на украинската криза го става во рамките на опасното влошување на односите, особено меѓу САД и Русија, за што напомнува дека државните односи меѓу двете земји се сведени на минимум, а меѓусебните обвинувања на двете држави сé почесто се актуелни во јавноста.
„Европските и американските лидери совршено добро знаат дека санкциите немаат никаква врска со украинската криза, она што настојуваат да го прикријат е нивната неспособност да му помогнат на народот во Украина да се извлече од длабоката криза, а одговорноста се обидуваат да и’ ја префрлат на Русија“, нагласува Иванов.
Тој смета дека во моментов неопходно е итно обновување на дијалогот меѓу Западот и Русија, бидејќи, како што нагласува, без тоа не може да се реши ниту една светска криза, како и дека „руско- американските односи имаат последици врз целиот свет“.
Иванов забележува дека „американското политичко мислење и мислењето на експертите исклучиво се насочени кон штетата што санкциите може да и’ ја предизвикаат на Русија, и на уверувањето во способноста на САД дека големите меѓународни проблеми може да ги решат и без Русија’.
Во Москва, пак, тврдат дека „САД не се единствената земја на светот и дека Русија нема многу да загуби, доколку билатералните односи и соработката се сведат на минимум, а надворешната политика ја насочат кон други земји и региони“.
Ваквите чекори на двете страни не дозволуваат да се дојде до нови идеи и предлози за решавање на кризата во Украина, а со тоа се исфрлаат од прв план стравувањата од нова Студена војна исе закануваат да преминат во политичка практика.
Иванов заклучува дека „Европската унија, со потпишување на договорот за придружување со Украина, на својот грб си натоварила голема политичка и морална одговорност за иднината на таа земја, додека мнозинството Европејци се ужасуваат од помислата дека тие ќе мора да го платат украинскиот долг“.
„Проблем од вакви размери и со ваква сложеност не може да се реши само со топли облоги“, подвлекот поранешниот шеф на руската дипломатија, Игор Иванов./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.
Европа
Анкета: Германците сакаат да го укинат пиењето под надзор кај тинејџерите

Мнозинството Германци сакаат построги закони за заштита на младите од алкохол, вклучително и елиминација на контролирано пиење, што им овозможува на 14-годишниците да нарачаат пиво во бар ако се во придружба на законски старател, покажува анкета објавена денес.
Резултатите од анкетата на „Форса“, нарачана од компанијата за здравствено осигурување Kaufmännische Krankenkasse (KKH), покажуваат дека 65 проценти од Германците ја поддржуваат забраната за контролирано пиење алкохол од страна на малолетници. Според сегашниот закон, на тинејџерите им е дозволено да купуваат и да пијат пиво, вино и пијалаци на база на вино на јавно место ако се во придружба на старател.
Тесно мнозинство од 52 процента од испитаниците исто така сакаат да се зголеми законската возраст за купување и пиење алкохол од 16 на 18 години. Анкетата, спроведена во јуни, опфати 1.004 испитаници од цела Германија на возраст меѓу 18 и 70 години.
Забраната за контролирано пиење ја застапуваат и покраинските министри за здравство, а ја поддржува и федералната министерка за здравство, Нина Варкен. Алкохолот е значаен проблем за децата и за тинејџерите, изјави Катарина Шенк, министерка за здравство во источногерманската покраина Тирингија и претседателка на Конференцијата на министрите за здравство.
Медицинските здруженија долго време апелираат до креаторите на здравствените политики да вложат поголеми напори за намалување на потрошувачката на алкохол во Германија. Германското здружение за исхрана препорачува целосна апстиненција од алкохолни пијалаци наведувајќи дека „не постои безбедно ниво на потрошувачка“.
„Колку порано младите луѓе почнуваат да пијат, толку се поголеми здравствените ризици“, вели психологот на KKH, Франциска Клем.
Покрај краткорочните последици, како што се несреќи, повреди и насилство, алкохолот го зголемува и ризикот од рак, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб. Алкохолот е особено штетен за адолесцентите бидејќи нивните тела сè уште се во развој и затоа се почувствителни на неговите токсични ефекти, објавува агенцијата ДПА.
Европа
Украински функционер: Европа прави сè што може, но ќе биде тешко без американско оружје

Украина ги повика САД да продолжат со „континуираната“ воена помош, по изненадувачката најава дека некои испораки на оружје за Киев ќе бидат запрени, додека Вашингтон се обиде да го намали значењето на паузата.
Тоа е сериозен удар за Украина во време кога Русија ги засилува нападите во отсуство на дипломатски напредок за решавање на конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп му се обраќа на рускиот претседател Владимир Путин од јануари, обидувајќи се да изврши притисок врз него да ги запре борбите, но без да постигне конкретен напредок.
Вчера, сосема неочекувано, неговата администрација објави дека престанала да испорачува одредени видови оружје во Киев, официјално поради загриженост за намалувањето на залихите на муниција во САД, од каде што доаѓа најголемиот дел од воената помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Американските претставници вчера се обидоа да го минимизираат влијанието на потегот, без да дадат детали. „Министерството за одбрана продолжува да му презентира опции на претседателот во врска со воената помош за Украина, во согласност со целта за завршување на оваа трагична војна“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за новинарите.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на брифингот изјави дека „ова не е суспензија на американската помош за Украина или испораката на оружје“, туку „изолиран инцидент“.
Оружјето, муницијата и опремата од Соединетите Американски Држави, како и разузнавачките информации, им овозможија на украинските сили да ги сопрат руските трупи, кои окупираа речиси 20 проценти од украинската територија. Украина останува зависна од американските испораки на оружје, изјави за АФП висок украински воен функционер.
„Европа прави сѐ што може, но ќе ни биде тешко без американска муниција“, додаде тој. Синоќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Вашингтон и Киев се обидуваат да ги „разјаснат сите детали“ во врска со воената помош што Соединетите Американски Држави сè уште ја обезбедуваат. „Продолжената американска помош за нашата одбрана и нашиот народ е во наш заеднички интерес“, рече тој.