Европа
Камерон, Баросо и ван Ромпуј за шкотскиот референдум
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави во петокот дека е пресреќен од резултатот на шкотскиот референдум и нагласи дека прашањето за шкотската независност е „решено за генерацијата“, додека претседателот на Европската комисија , Жозе Мануел Бароса оцени дека одлуката на Шкотите да останат во Обединетото Кралство е добра за обединета Европа, а претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, истакна дека ја почитува референдумската одлука.
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави во петокот дека е пресреќен од резултатот на шкотскиот референдум и нагласи дека прашањето за шкотската независност е „решено за генерацијата“, додека претседателот на Европската комисија , Жозе Мануел Бароса оцени дека одлуката на Шкотите да останат во Обединетото Кралство е добра за обединета Европа, а претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, истакна дека ја почитува референдумската одлука.
„Оваа расправа е решена за генерацијата… резултатот е јасен. Не може да има спорови, повторени избори, ја слушнавме волјата на шкотскиот народ“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон пред неговата резиденција на Даунинг стрит 10.
По пребројаните резултати од 31 од 32 шкотски изборни окрузи, приврзаниците на 307 години долгата унија со Обединетото Кралство имаа математички недостижна предност од 1,91 милиони гласови наспротив 1,53 милиони гласови за независноста.
Камерон, чие останување на премиерската функција како и на челната кај неговите конзервативци ќе беше силно доведено во прашање доколку победеа поборниците на независноста на Шкотска. Најави дека нацртот на новиот закон со кој на Шкотска ќе и’ се дадат поголеми овластувања, ќе биде објавен во јануари и порача дека резултатот отворил пат за носење ново урамнотежено уставно решение за цела Велика Британија, вклучително и за Англија.
„Како што Шкотска ќе гласа одвоено во шкотскиот парламент за своите даноци и потрошувачка, така и Англија, Велс и Северна Ирска ќе можат да гласаат за тие прашања, на своите области. И сетот тоа мора да се спроведе во тандем со Шкотска и истовремено кога ќе се решава тоа прашање за Шкотска“, изјави британскиот премиер Камерон.
Како челник на владејачката Конзервативна партија, Камерон на Шкотска, којашто од 1997 година веќе има свој парламент, и’ вети поголеми овластувања во даночната политика и буџетската потрошувачка, а тоа ветување го дадоа и челниците на другите две водечки политички партии.
Камерон и директно им се обрати на Шкотите откако лидерот на таборот за излегување од заедницата, шкотскиот премиер Алекс Салмонд, го повика во петокот претпладнето кога го призна поразот да ги одржи своите ветувања за поголема автономија.
„За оние во Шкотска кои се скептични кога станува збор за уставните ветувања, ќе ви кажам: веќе префрливме некои овластувања под оваа влада и тоа ќе го сториме повторно. Трите унионистички партии се обврзаа да дадат дополнителни овластувања за шкотскиот парламент. Тоа и ќе го исполниме“, повтори Камерон во петокот.
„Ја поздравувам одлуката на шкотскиот народ да го сочува единството на Обединетото Кралство. Тој резултат е добар за обединета, отворена и посилна Европа за којашто се зазема Европската унија“, се вели во соопштението на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.
Особено го истакна фактот што изминатите години во текот на дебатата околу независноста на Шкотска, владата и народот на оваа земја постојано ја изразуваа приврзаноста на Европа. „Европската комисија ќе продолжи со конструктивниот дијалог со шкотската влада во областите за кои е одговорна таа и коишто се важни за иднината на Шкотска, вклучително и за работните места и растот, енергијата, климата и околината, како и умното законодавство“, истакна Баросо.
Претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, од своја страна истакна дека го почитува изборот на Шкотска и го поздрави фактот „што Обединетото Кралство останува обединето како што утрово изјави премиерот Дејвид Камерон“. „Обединетото Кралство е и останува важен член на Европската унија во полза на сите граѓани и држави членки на Европската унија“, се вели во соопштението на Ромпуј./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

