Европа
Киев го обвини ОБСЕ дека ги открива позициите на неговите единици
Властите во Киев и обвинија во вторникот меѓународните набљудувачи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) дека ги откриваат позициите на украинската армија во источниот дел од Украина, а откако набљудувачите објавија дека не воочиле никакво повлекување на тешкото оружје од тампон зоната меѓу силите лојални на киевските прозападни сили и борците на проруските бунтовници договорена со ткн Минска спогодба на 5-ти септември како дел од договорот за прекин на огнот, туку напротив, разместување на нови единици.
Претходно во вторникот беше објавено дека последните денови забележани се конвои со тешко вооружување, вклучително и тенкови и камиони кои се движат кон Донецк. Набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) потврдија дека се сé поголеми изгледите за тотална војна во источните украински региони.„Во 7,45 часот наутро на 11-ти ноември на три километра од центарот на Донецк забележано е движење на колона која се состои од 43 воени камиони и се движат кон центарот на градот“, се наведува во редовниот дневен извештајот за ситуацијата во југоисточна Украина што во вторникот претпладне беше објавен на интернет страницата на ОБСЕ. Според извештајот, „пет камиони влечеле 120-милиметарски хаубици, а уште пет делумно покриени ракетни системи за плотунски оган“. Немаше информација за можната припадност на колоната.„Украина е загрижена поради извештаите дека поедини членови на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Донбас откриваат информации за позициите на украинската војска“, изјави во Киев портпаролот на Националниот совет за безбедност и одбрана на Украина, Андриј Лисенко, пренесе AFP.Во понеделникот украинското министерство за одбрана го обвини ОБСЕ дека предава чувствителни информации на руски офицери. Како доказ во Киев беше наведен последниот извештај на ОБСЕ за заедничката руско-украинска комисија за тешката артилерија и тенковите во областа на Карловка, село коешто е под контрола на украинските војници. Киев обвинува дека 80 отсто до мисијата на ОБСЕ ја сочинуваат Руси и дека многу од нив се поранешни разузнавачи. Овие обвинувања беа експресно демантирани од Кети Бартон од ОБСЕ, објавувајќи на својот профил на Twitter дека од 17 набљудувачи само еден е Русин.Набљудувачите од мисијата на ОБСЕ минатата седмица го објавија извештајот за артилерискиот напад врз спортското средно училиште во центарот на Донецк, центарот на бунтот на рускојазичното население од источните региони, при што загинаа двајца ученици. ОБСЕ директно не обвини ниедна од страните, но наведе дека артилерискиот напад дошол од северозападен правец, а тоа е позиција што ја држат украинските сили.Ниту проруските бунтовници не се задоволни од извештаите на ОБСЕ и ги обвинија нејзините набљудувачи за пристрасност бидејќи минатата седмица објавија дека има големо придвижување на воени конвои на подрачјата коишто се под контрола на проруските милиции. „Чудно е што не го следат движењето на украинската армија“, изјави за агенцијата РИА Новости еден од командантите на бунтовниците во Донецк, Едуард Башурин.Мисијата на ОБСЕ во вторникот објави дека не регистрирала никакво повлекување на тешкото вооружување од истокот на земјата. „Итно треба да се постигне напредок во спроведувањето на документот од Минск“, изјави портпаролот на ОБСЕ, Мајкл Бочиуркив.Според една од 12-те точки на спогодбата од Минск, договорено е разграничување на двете сили во тампон зона во широчина од триесет километри од првичните позиции коишто ги заземале./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер: Злосторствата се толерираат на социјалните медиуми; Маск: Тиранин и предавник
Илон Маск го нарече шпанскиот премиер Педро Санчез тиранин и предавник откако објави планови за забрана на лицата под 16 години од социјалните медиуми и за сузбивање на говорот на омраза. Санчез рече дека се неопходни итни мерки за заштита на децата од она што го нарече „дигитален Див Запад“, што предизвика гнев кај сопственикот на платформата Икс, пишува The Guardian.
Dirty Sánchez is a tyrant and traitor to the people of Spain 💩 https://t.co/B3oyHrBYpR
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Откако Санчез ги презентираше плановите на својата влада во говорот на Светскиот самит на влади во Дубаи, Маск одговори на својата платформа Икс. „Валканиот Санчез е тиранин и предавник на шпанскиот народ“. Околу час и половина подоцна, тој дополнително ја заостри својата реторика. „Санчез е вистински фашистички тоталитарист“, рече тој.
Sánchez is the true fascist totalitarian https://t.co/b2U17fEwa7
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Санчез претходно го критикуваше Маск за користење на Икс за „зајакнување на дезинформациите“ за одлуката на администрацијата на Санчез да легализира 500.000 недокументирани работници и баратели на азил, истакнувајќи дека самиот Маск е мигрант.
Шпанскиот премиер вчера изјави дека се потребни итни мерки бидејќи социјалните медиуми станале „пропадната држава каде што законите се игнорираат, а злосторствата се толерираат“. Тој најави дека владата подготвува низа мерки, вклучително и забрана за социјалните медиуми за лица под 16 години.
„Нашите деца се изложени на простор во кој никогаш не требало да бидат. Тоа повеќе нема да го прифатиме“, рече Санчез. „Ќе ги заштитиме од дигиталниот Див Запад“, вети тој. Предложената забрана ќе се спроведе со измена на постојниот закон за дигитална заштита на малолетници, кој се дискутира во парламентот.
Претставниците на Google, TikTok, Snapchat и Meta сè уште не ги коментираа најавените мерки. Се чини дека Шпанија и Грција, кои се исто така блиску до објавување слична забрана за лица под 15 години, ќе им се придружат на земји како Велика Британија и Франција во заземањето построг став за социјалните медиуми.
Европа
Дрон се урна во воен комплекс во Полска
Полската воена полиција истражува пад на беспилотно летало од непознато потекло кое се урна во воен комплекс на североистокот на земјата, на само неколку метри од складиште за оружје. Инцидентот, кој властите го потврдија во понеделник, се случил на 28 јануари во Вториот радиоелектронски центар во Пжасниш, град на околу деведесет километри северно од Варшава, пренесува Анадолија.
Според Радио Зет, дежурен офицер во единицата го забележал дронот како лета над базата, по што леталото ја изгубило контролата и се урнало во близина на складиштето за оружје. Војниците го обезбедиле дронот и го преместиле во воена зграда за испитување. Портпаролот на Врховниот командант на воената полиција изјавил дека воената полиција била известена и набргу потоа официјално започнала истрага, која вклучува обезбедување на леталото и земање изјави од сведоци.
Инцидентот се случува во време на растечка загриженост низ Полска и другите членки на НАТО за неовластена активност на беспилотни летала во близина на клучни инфраструктурни и воени објекти. Загриженоста се зголеми особено по руската инвазија на Украина и брзото ширење на технологијата за беспилотни летала со ниска цена.
Во Германија и балтичките држави, безбедносните служби истражуваат повторени видувања на неидентификувани дронови во близина на воени полигони за обука, пристаништа и енергетски објекти, што ги зголемува стравувањата од шпионажа и проверка на подготвеноста.
Иако засега нема индикации дека инцидентот во Пжасниш бил непријателски чин, официјалните лица не исклучуваат ниту едно сценарио, вклучувајќи грешка на операторот, технички дефект или намерно извидување. Полското Министерство за одбрана сè уште јавно не коментирало за потеклото или видот на дронот, ниту дали бил опремен со уреди за снимање или друг товар.
Европа
Сојузник на Зеленски: Украинскиот народ е исцрпен, победа е запирање на војната
Висок политички сојузник на украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на мировен договор што ќе ги стави луѓето пред територијата.
Изјавата доаѓа пред големата конференција во Украина во четврток, на која ќе се соберат гувернери и градоначалници за да разговараат за условите за мир со Русија.
Виталиј Ким, гувернер на Николаевската област и едно од имињата во подем во украинската политика, предводеше огранок на партијата „Слуга на народот“ на претседателот Зеленски на изборите во 2019 година и беше назначен за регионален гувернер од Зеленски во ноември 2020 година, објавува „Индипендент“.
Ким зборуваше пред Форумот на градовите и заедниците на фронтот во 2026 година, каде што локалните лидери ќе се обидат да се договорат што очекуваат од мировниот договор, нагласувајќи ја подготвеноста да се префрли фокусот од граничните спорови на безбедносните гаранции. Запрашан за неговите приоритети во мировниот план поврзан со Доналд Трамп, гувернерот Ким рече: „Земјата е важна, но луѓето се поважни, а ситуацијата е таква што не знаеме што носи утрешниот ден“.
Ким призна дека перцепцијата за победата се променила под тежината на долготрајниот конфликт. „За мене лично, победата се нашите граници од 1991 година, среќни луѓе кои не умираат, но сите се многу уморни“, изјави тој.
„Затоа, за украинскиот народ, мислам дека победата е едноставно запирање на војната и добивање безбедносни гаранции за иднината, за нашите деца да можат да го имаат животот што го имавме пред инвазијата. Верувам дека за повеќето од нашите луѓе, победата е враќање во животот каков што беше порано. Ова е исклучително важно за нас бидејќи помина долго време.“

