Европа
Лавров го отфрла митот за руската закана во Европа

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на конференцијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа во четвртокот во германски Хамбург го отфрли „митот за руската закана“ и ги обвини западните сили за дестабилизација на Европа.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги повика сите страни „да ја земат мапата на континентот и заедно да погледнат каде што се наоѓа и кому му припаѓа“, алудирајќи на проширувањето на НАТО во источна Европа од крајот на Студената војна, што Русија повеќепати го оцени како закана за нејзината безбедност и ја критикуваше Алијансата за не придржување до договорот.
„Сигурни сме дека тоа сосема уверливо би го урнало митот за руската закана и ќе покаже од каде доаѓаат вистинските ризици“, рече Лавров на годишната министерска средба во рамките на Советот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, или OSCE.
„Еуфоријата на Западот по крајот на Студената војна не водеше кон создавање безбедносна архитектура за сите во евроатлантскиот простор“, рече Лавров додавајќи дека „одлуката е донесена само за оние кои се собрани околу НАТО“.
Лавров оцени дека западните воени интервенции во Ирак и во Либија го дестабилизирале регионот и ги предизвикале масовните миграции, до мера којашто ѝ се заканува на безбедноста на Европа.
„Мораме искрено да разговараме за причините за мигрантската криза во Европа која е резултат на лошото вмешување во внатрешните работи на земјите на Блиските исток и на северна Африка, што доведе до хаосот и тероризмот“, истакна Лавров.
Германија, којашто во моментов претседава со ОБСЕ, предупреди претходно на драматично влошување на односите внатре во организацијата.
„Столбовите ОБСЕ се уриваат, тонот кој разговараат Истокот и Западот е сé поостар“, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.
Повика на „заеднички одговори на новите глобални предизвици на тероризмот, екстремизмот и кибернетичките напади“. „Најмногу од сé, мораме повторно да изградиме доверба, таму каде што го загубивме“, истакна Штајнамер./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Сменет украинскиот министер за одбрана

Олексеј Резников повеќе не е министер за одбрана на Украина. Како што соопшти вечерва АФП, на негово место ќе дојде поранешниот директор на воената разузнавачка агенција Кирило Буданов.
#BREAKING Ukraine's Defence Minister Reznikov to be replaced by head of military intelligence Budanov pic.twitter.com/Qq3ggxSPK2
— AFP News Agency (@AFP) February 5, 2023
За потсетување, украинските медиуми денеска објавија дека украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников наскоро ќе мора да ја напушти функцијата, а со министерството најверојатно ќе раководи Кирило Буданов, шеф на Разузнавачката служба на Украина, пренесе Индекс.хр.
Европа
„Туркиш ерлајнс“ откажа над 200 летови од и до аеродромот во Истанбул

Турската национална авиокомпанија Туркиш ерлајнс соопшти дека вкупно 238 летови, планирани за денеска и утре во Истанбул, се откажани поради предвиденото невреме, придружено со снежни врнежи.
Во соопштението се наведува дека одлуките за откажување се донесени во согласност со заклучокот на Метеоролошкиот комитет за вонредни состојби (МАДКОМ), а граѓаните се предупредуваат да го проверат статусот на нивните летови пред да пристигнат на аеродромот, пишува истанбулскиот весник „Дејли Сабах“.
„Поради очекуваните врнежи од снег во Истанбул и според одлуката на МАДКОМ, летовите од аеродромот во Истанбул се откажани на 5 и 6 февруари. Откажани се вкупно 238 летови до и од аеродромот во Истанбул – 72 домашни и 166 меѓународни. Можно е дека ќе се зголеми бројот на откажани летови“, се наведува во соопштението, пренесе Б92.
Европа
Шолц: Путин никогаш не ми се заканувал ниту мене ниту на Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не му се заканувал на него ниту на Германија во нивните телефонски разговори, пренесува денеска германскиот весник „Билд ам Зонтаг“.
Последен пат разговарале на телефон на почетокот на декември, пренесува Ал Џезира.
Шолц, исто така, рече дека јасно му кажал на Путин дека има многу различни ставови за војната во Украина.
„Јасно му ставам до знаење на Путин дека Русија е одговорна за војната. „Русија го нападна својот сосед без причина за да стави под своја контрола делови од Украина или целата земја“, рече Шолц.
Тој додаде дека Германија смета дека рускиот напад ја прекршил европската мировна рамка и дека Берлин обезбедува финансиска, хуманитарна и воена помош за Украина.
Има договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски дека оружјето што го испорачува Запад може да се користи само на украинска, а не на руска територија, нагласи Шолц,пренесе Денес.рс.