Европа
Лондон ќе се заштитува, Љубљана без коментари по грчкото ‘не’
Британската влада ќе стори „сé што е потребно за заштита“ на својата економија по грчкото одбивање на предлогот на доверителите и предизвикување на криза во еврозоната, соопшти кабинетот на премиерот Дејвид Камерон, додека словенечките политичари се воздржани, а тамошните медиуми се главно песимистични во врска со натамошниот развој на ситуацијата.
„Грчкиот народ го изрази своето мислење на референдумот Тоа е критичен момент во грчката економска криза“, напиша портпаролот на британскиот премиер Дејвид Камерон во соопштението што го пренесува AFP, откако Грците во неделата со 61,31 отсто рекоа „не“ на мерките за заштеда во замена за продолжување на надворешната финансиска помош на оваа презадолжена членка на еврозоната.
„Продолжуваме да преземаме сé што е неопходно за заштита на нашата економска сигурност во овој период на несигурност. Веќе имаме подготвени итни палново, а подоцна премиерот ќе претседава со вториот состанок за да ги разгледа тие планови во светлината на резултатите“, се додава во сопштението.
Велика Британија не е дел од еврозоната, но нејзината економија е многу чувствителна на ситуациите кои доаѓаат од соседите од еврозоната.
Во Словенија претходно беше прогнозирано дека доколку Грција банкротира и излезе од еврозоната, земјата би можела да загуби 1,8 милијарди евра. Имено Словенија на Грција преку двата механизма за стабилизација на еврото досега и позајмила 263,69 милиони евра и издала уште 1,55 милијарди евра во гаранции. Тоа претставува четвртина од словенечките годишни буџетски приходи, а Грција вратила досега само 17,6 милиони евра по камати.
Премиерот Миро Церар и министерот за финансии Душан Мрамор, кои многу негативно се изразија за распишувањето на референдумот како недоговорен потег на грчкиот премиер Алексис Ципрас, во понеделникот одбија да ги коментираат резултатите од референдумот. Меѓутоа, коментарите во словенечките медиуми се негативни, како поради потенцијалните последици за еврозоната, така и поради можното поскапување на цената на задолжувањето на Словенија, поради растот на каматите на нејзините обврзници.
Познатиот словенечки економист Мојмир Мрак изјави дека, сепак, очекува дека ќе има продолжување на разговорите меѓу доверителите и Грција, но дека нема да има брзо решение, како и дека повеќе нема теми за разговор, доколку и двете страни бидат зацементирани на своите позиции како досега.
Словенечките аналитичари наведуваат дека оставката на грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис бил „чесен потег“, кој на Грција ѝ отвора нов простор за преговори, но дека многу нешта ќе зависат од потезите на Европската централна банка (ЕЦБ) следните неколку дена. Се оценува дека одлуката по грчкото барање да се реструктуираат долговите е многу проблематична, како и дека Словенија тешко ќе се согласи да отпише дел од грчките обврски кон неа.
Доколку конечниот резултат би бил излегување од еврозоната на Грција, тогаш најголеми губитници би биле самите Грци чијашто вредност на сопственостите и платите драстично би се намалиле, сметаат некои од водечките словенечки економисти./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

