Европа
Малезискиот ’Boeing’ бил урнат од украински ’Су-25’ или од ракетен систем кој е однесен во Русија
И во петокот продолжуваат меѓусебните обвинувања за уривањето на малезискиот патнички авион „Boeing 777“ во источна Украина, при што бунтовниците на самопрогласената Народна Република Луганск тврдат дека авионот со 285 патници и 15 членови на екипажот на летото MH17 од Амстердам за Куала Лумпур бил урнат од украинските воздухопловни сили, додека властите во Киев тврдат дека ракетниот систем „Бук“ со кој наводно бил урнат авионот преку ноќта бил пренесен на руска територија, како и „црните кутии“.
„Очевидци кои го следеле летот на патничкиот авион ’Boeing 777’ го виделе нападот врз него од ловец на украинските воздухопловни сили. Потоа патничкиот авион се поделил на два дела во воздухот и паднал на територијата на (самопрогласената проруска) Народна Република Донецк. По нападот украинскиот ловец беше соборен и падна на територијата на Народна Република Луганск во областа на Красни Луч. Во моментов трае потрагата по урнатиот авион“, се вели во соопштението на службата за односи со јавноста на проруските бунтовници во источна Украина.
Истовремено советникот на украинскиот министер за внатрешни работи Антон Герашченко на својот профил на Facebook објави дека ноќта кон петокот ракетен систем „Бук“ од кој наводно била истрелана ракета којашто го соборила малезискиот авион, бил пренесен на територијата на Русија.
„Според последните информации, меѓународниот терористи (водачот на донецките проруски народни милиции Игор) Стрелков …. во текот на ноќта пристигнал во Снежное за расчистување на ситуацијата со урнатиот малезиски Boeing. Ноќта системот ’Бук’ од кој била истрелана ракетата, бил пренесен на територијата на Русија, каде што најверојатно ќе биде уништен, како и директните извршители на терористичкиот чин, кои радосно ги известија рускиот претседател Владимир) Путин и Стрелков за урнат украински ’Ан-26’“, пишува Герашченко.
Тој истакнува дека според „најновите информации на украинското разузнавање“ проруските бунтовници ги пронашле „црните кутии“, кои го снимаат разговорот во кабината на авионот во текот на летот, и тие им биле предадени на еден од граничните премини крај Луганск „на покровителите од ФСБ“ односно руската Федерална служба за безбедност.
„Тоа е уште еден доказ за грубото нарушување на меѓународните прописи за истрага на авионските несреќи од страна на Путин. Но по несреќата на полскиот претседателски авион тоа не му е првпат“, заклучува Герашченко.
Претходно во четвртокот беше соопштено дека во средата во областа на Донецк каде што траат жестоките судири меѓу украинската армија и проруските бунтовници, бил поставен воздушно-ракетен систем „Бук“ на украинската армија. Исто така, руски извори потсетуваат дека летала кои летаат на височина од над 10 илјади метри (а малезискиот Boeing-777 на летот MH17 од Амстердам за Куала Лумпур со 285 патници и 15 членови на екипажот летал на височина од 10.600 метри) можат да бидат погодени со системите С-300 или Бук, со кои не располагаат проруските бунтовници.
Неименуван извор од Генералштабот на украинската армија изјави дека „истрелувањето на ракетата кон патничкиот авион Boeing 777 на воздухопловството на Малезија било извршено од руската противвоздушна одбрана од пограничната област со речиси нулта оддалеченост од границата со Украина“, напиша украинскиот новинар Јуриј Бутусов на Facebook.
„Тоа е сторено токму од руски ракетен систем С-300 или Бук, и Украина не располага со такви комплекси во областа на Донецк“, рече во четвртокот неименуваниот украински офицер кој е категоричен дека авионот е соборен од руските сили./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

