Европа
Меркел поради бегалците ги подели конзервативците, страв од крајната десница
Одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел да им дозволи на илјадниците бегалци блокирани во Унгарија да влезат во Германија, предизвика во неделата поделби во нејзината конзервативна коалиција, а баварските сојузници ја обвинија дека на остатокот од Европа ѝ испратила „сосема погрешна порака“, додека безбедносните служби стравуваат од појава на „тероризам од крајната десница“.
Незадоволството меѓу германските конзервативци избувна откако Австрија и Германија се согласија привремено да ги отворат своите граници за десетиците илјади бегалци, огромен дел од нив од Сирија, кои влегуваат од Унгарија, чија конзервативна влада не може и не сака да се соочи со тој притисок.
Германија очекува оваа година 800.000 мигранти и бегалци, далеку најмногу во Европската унија, додека некои функционери сметаат дека таа бројка ќе надмине милион. Само во август во Германија се регистрирани повеќе од 100.000 баратели на азил.
Баварскиот министер за внатрешни работи, Јоаким Херман, член на Христијанско-социјалната унија (CSU), сестринска партија на Христијанско-демократската унија (CDU) на Ангела Меркел, ја обвини канцеларката дека се „залетала без да ги консултира германските сојузни држави, кои мораат да се соочуваат со тие одлуки“.
Баварскиот премиер Хорст Зехофер, како и другите челници на CSU, која владее со децении во Баварија, се согласија во телеконференција дека одлуката на Меркел е погрешна. Зехофер предупреди дека Германија не може да ги земе речиси сите бегалци кои доаѓаат во Европа.
„Не постои општество коешто би можело да се носи со нешто такво. На сојузната влада ѝ е потребен план“, рече Зехофер. Тоа прашање тој има намера да го постави на состанокот на коалицијата CDU/CSU на високо ниво, кој започна во неделата вечерта.
Германските социјалдемократи од SPD, помалиот партнер во ткн големата коалиција на Меркел, застанаа, пак, во нејзина одбрана. Генералниот секретар на партијата, Јасмин Фахими, ја оцени нејзината одлука како „единствена исправна работа којашто можела да се стори“.
Во меѓувреме, челникот на германската разузнавачка служба изјави дека стравува од појавата на „тероризам на десницата“ во Германија, каде радикалните групи постојано протестираат против масовниот прилив на бегалци.
Кампањата против бегалците која ја водат малите крајно десни партии како NDP или Der Dritte Weg, би можеле „да ја доведат германската крајна десница до уште поголема радикализација“, изрази загриженост во разговорот за весникот Der Tagesspieleg, Ханс-Георг Маасен, директор на Бирото за заштита на уставот (BND).
„Во оваа атмосфера не можеме да го исклучиме формирањето на групи од крајната десница подготвени да извршат терористички акти. Глобално, крајната десница губи во налетот, но делот на насилните припадници расте а во последно време изнесува околу 50 отсто“, вели Маасен.
„Во првата половина од 2015 година актите на насилства поврзани со крајната десница пораснале истовремено со бројот на азилантите. Не се забележува промена на тенденцијата во втората половина од 2015-та“, вели челникот на германското разузнавање./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

