Европа
Напаѓачот на полициската станица во Париз бил познат и на луксембуршката полиција
Отпечатоците од прстите на мажот кој минатиот четврток беше убиен во Париз откако со нож и лажен елек со експлозив се обидел да нападне полициска станица, одговараат на отпечатоците на мажот осомничен дека во 2013 година учествувал во насилен грабеж во Луксембург, објави луксембуршкото правосудство.
„Можеме да потврдиме дека отпечатоците од прстите на тоа лице одговараат на отпечатоците на лицето осомничено дека учествувало на 16-ти октомври 2013 година, во насилна кражба, грабеж на рачна торбичка, како соучесник“, соопштија од Луксембург.
Тамошната истрага не довела до откривање на идентитетот на тој маж кој е убиен во четвртокот кога сакал да влезе во полициската станица, а кај себе имал парче хартија на коешто на арапски јазик пишувало дека се заколнал на верноста на екстремната сунитска организација Исламска држава/
Имајќи ги предвид тие факти, луксембуршките власти објавија во понеделникот дека покренале нова истрага „за местото на престојување и за идентитетот“ на мажот на нивната територија.
Германските власти во текот на изминатиот викенд соопштија дека загинатиот живеел и во прифатен центар за азилант во Германија, како и дека патувал низ Европа до 2011 година. Имал криминално минато и седум различни идентитети, истакна германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер.
Неговиот француски колега Бернар Казнев, пак, повика „на претпазливост“ во врска со информациите од германската полиција. „Она што денеска го знаеме, е дека несомнено е од туниско потекло, името му е Тарек Белгасем и престојувал во неколку земји од Европската унија, во Луксембург, Швајцарија и Германија“, изјави во неделата.
Според луксембуршки судски извор, презимето со коешто се идентификувал во 2013 година во Луксембург не е Тарек Белгасем, туку Мохамед Салах. Во Германија, каде што извршил различни кривични дела, се претставувал под најмалку седум различни имиња./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Русите уништија четири украински поморски дронови во Црното Море
Руските сили денес уништија четири украински поморски дронови, беспилотни површински пловила (УСВ), во близина на пристаништето Туапсе на Црното Море, едно од клучните пристаништа за извоз на нафта.
Детонацијата на еден од дроновите се случила во близина на брегот на Туапсе, во регионот Краснодар, оштетувајќи ги крајбрежните објекти, објави „Интерфакс“ повикувајќи се на регионалниот центар за вонредни ситуации. Нема извештаи за жртви.
Krasnodar Krai, Russia ❗
💥Tuapse is being attacked by sea drones, a probable hit near pier 167 has been recorded. – OSINT DniproOfficialpov: 44.10040125871804, 39.05830293365155https://t.co/K3TrwvhOz2 pic.twitter.com/NjVczfmjME
— LX (@LXSummer1) November 9, 2025
Според извори од индустријата и податоците за следење бродови, пристаништето го прекина извозот на гориво, а локалната рафинерија за нафта престана со преработка на сурова нафта откога украинските дронови ја нападнаа нејзината инфраструктура на 2 ноември.
Руските железници соопштија дека ги продолжиле ограничувањата за испорака на товар до Туапсе до 13 ноември.
фото: принтскрин
Европа
Истакната докторка исчезна во Унгарија пред една недела: пронајдено нејзиното тело
Телото на докторката што исчезна од болница во Унгарија пред една недела беше пронајдено утрово. Д-р Антонија Кет, истакнат оториноларинголог, исчезна неколку часа по операцијата на ‘рбетот, а болницата почна внатрешна истрага за да утврди како пациентот можел да го напушти одделението незабележано.
Смртта на докторката ја шокира јавноста и иницира многубројни прашања за човековата одговорност, за системот и за неуспесите што можеа да доведат до трагедијата, пишува унгарскиот портал szeretlekmagyarorszag.hu.
Клиничкиот центар Szent-Györgyi Albert во Сегед почна внатрешна истрага за да утврди како пациентка, која штотуку била оперирана, можела да го напушти објектот незабележано. Д-р Антонија Кет, истакнат раководител на одделот за оториноларингологија, била оперирана на 3 ноември поради проблем со ‘рбетот, но исчезнала од болницата само неколку часа по процедурата. Нејзиното тело било пронајдено една недела подоцна во блиска запуштена грмушка.
Снимките од безбедносните камери ја покажале д-р Кет, веројатно збунета од болката, како облекува тренирка преку болничката мантија и го напушта одделот за неврохирургија во влечки. Кога персоналот го забележал нејзиното исчезнување, почнала масовна потрага, во која учествувале полиција, кучиња трагачи и волонтерски спасувачки единици.
Нејзиното безживотно тело било пронајдено утрово, едвај 500 метри воздушна линија од клиниката. Полицијата ја исклучила можноста за насилна смрт, а точната причина ќе се утврди во административна постапка.
фото: принтскрин
Европа
Дронови забележани над нуклеарната централа „Доел“ во Белгија
По серија инциденти на белгиските аеродроми, синоќа беа забележани и дронови над нуклеарната централа Доел. Компанијата „Енџи“ потврди кратко пред 22 часот дека три дрона биле забележани над централата, пишува белгискиот РТЛ.
Портпаролката на „Енџи“, Хелен Смитс, изјави дека инцидентот немал никакво влијание врз работењето на електраната.
„Надлежните служби продолжуваат да ја следат ситуацијата“, додаде таа. Локалната полициска зона Шелдевас засега не сакаше да коментира.
Инцидентот се случил истата вечер кога воздушниот сообраќај на аеродромот во Лиеж беше привремено прекинат поради пријави за дронови. Летовите беа прекинати таму околу 19:30 часот и се нормализираа еден час подоцна, околу 20:25 часот.
Пријавите за дронови над аеродромот во Лиеж беа речиси секојдневна појава во текот на изминатата недела, а слични прекини беа пријавени и на аеродромот во Брисел минатиот вторник и четврток. Во последните денови и недели, редовно се пријавуваа и дронови над разни воени бази во земјата.
фото: принтскрин

