Европа
НАТО обвинува за трупање руско оружје на Крим, Донецк за украинско на истокот
Командантот на силите на НАТО во Европа, американскиот генерал Фили Бридлав, предупреди дека Русија трупа оружје на Крим, црноморскиот полуостров кој пред една година се присоедини кон Русија што Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија, додека претставникот на рускојазичните сили на самопрогласената ткн Народна Република Донецк го повика да види дека украинската армија го прекршува договорот од Минск концентрирајќи војска и вооружување на линијата на разграничувањето.
„Русија распореди многу софистицирани ракетни системи, меѓу кои ракети ’земја – воздух’ кои покриваат 40 отсто од Црното Море. Таму се и крстостувачките ракети кои ја покриваат целата област на Црното Море“, изјави американскиот генерал Филип Бридлав за украинската телевизија 1+1.
На прашањето за бројот на руските војници во источна Украина, генералот Бридлав одби да го прецизира. „Силите доаѓаат и доаѓаат, преку границата на југоистокот којашто не е под контрола на владата во Киев“, истакна американскиот генерал кој командува со силите на НАТО во Европа.
Бридлав рече дека НАТО не може да го потврди повлекувањето на тешкото вооружување од линијата на фронтот, што е втора од точките од мировниот договор што на 12-ти февруари во белоруската престолнина Минск го потпишаа челниците на Украина, Русија, Франција и Германија. Бунтовниците имено изјавија дека минатата седмица го повлекле тешкото вооружување од линијата на контактот, но дека тоа не го сторила украинската стреана.
„Гледаме движење на тешката артилерија од двете страни, но не знаеме што се случува со артилеријата источно од линијата боиштето, бидејќи на набљудувачите на ОБСЕ таму не им е дозволен пристапот“, рече Бридлав.
На оваа изјава подоцна во понеделникот заменикот командант на бунтовничките сили од Донецк, Едуард Басурин, го повика американскиот генерал „кој наводно не го гледа повлекувањето на тешкото вооружување само од источната страна на линијата на раздвојувањето“ да го повлече ова тврдење или „да го објасни молчењето по повод“ трупањето оружје на украинската армија.
„Од нашето разузнавање продолжуваме да добиваме загрижувачки извештаи за зголемување на украинските сили во безбедносната (тампон) зона“, која според Минскиот договор треба да изнесува од 30 до 70 километри во длабочина од линијата на раздвојувањето, рече Басурин, пренесе РИА Новости.
Според него, тоа го покажуваат податоците добиени во неделата при проверка на информациите за локациите и составот на украинските војски во близина на Артемовск, северно до Дебалцево, важниот железнички јазол во источниот регион Донбас, кој го зазедоа проруските сили и по започнувањето на прекинот на огнот.
Басурни прецизираше, слично на Бридлав, дека на територијата на „споменатото населено место, спротивно на сите постигнати договори, во моментов се концентрирани повеќе од 200 оклопни возила, девет ракетни системи за повеќекратен оган ’Ураган’ и шест единици артилериски оружја со калибри 122 и 152 мм“. Додаде дека во самото гратче се стационирани и повеќе од 2.000 војници од 54-та моторизирана пешадиска бригата на Вооружените сили на Украина./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Дали ЕУ експресно добива нова членка? Политико: Референдум уште на лето
Исланд ја разгледува можноста за одржување гласање за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ уште во август, според два извори запознаени со подготовките за пристапување на земјата.
Оваа вест доаѓа во време кога проширувањето на ЕУ се чини дека повторно добива на интензитет, додека Брисел работи на план што би можел да ѝ донесе на Украина делумно членство уште следната година, а Црна Гора, како водечки кандидат, минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува Политико.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување, кои претходната влада ги замрзна во 2013 година, до 2027 година.
Сепак, временската рамка се чини дека се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според изворите, кои зборуваа под услов на анонимност. Овој потег следеше по серија посети на европски политичари на Исланд и исландски претставници на Брисел.
Доколку Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да се приклучат кон ЕУ пред која било друга земја-кандидатка, рече еден од испитаниците.
„Дебатата за проширувањето се менува“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, минатиот месец во Брисел.
„Сè повеќе станува збор за безбедност, припадност и зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет каде што се натпреваруваат различни сфери на влијание. Тоа е прашање за сите Европејци.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка, Криструн Фростадотир, во Брисел минатиот месец и рече дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.
Фон дер Лајен, која го посети Исланд минатиот јули, ја пофали земјата за зајакнување на соработката со ЕУ за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и планира нова посета на арктичкиот регион во март.
Европа
(Видео) Вилијам и Кејт го игнорираа прашањето што им беше поставено на БАФТА наградите
Принцот Вилијам и Кејт, принцезата од Велс, пристигнаа на доделувањето на наградите БАФТА во лондонската Кралска фестивалска сала во неделата вечерта, но нивното пристигнување имаше свои подеми и падови. Тие пристигнаа на црвениот тепих само три дена откако се појави веста дека Ендру Маунтбатен Виндзор е уапсен во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден.
За таа пригода, 43-годишниот Вилијам избра бордо кадифено сако, додека 44-годишната Кејт носеше долг, лелеав розов фустан. Организаторите го затворија црвениот тепих за да ѝ дозволат на двојката да влезе без други луѓе, но еден извик сепак одекна.
Prince William, BAFTA President since 2010, and Catherine, Princess of Wales arrive at the 2026 #BAFTAs. See all the red carpet looks: https://t.co/eLm0bmsH9f pic.twitter.com/0y1ymR9AT5
— VANITY FAIR (@VanityFair) February 22, 2026
Во еден момент, некој од публиката директно ги праша: „Дали монархијата е во опасност?“ Вилијам и Кејт не реагираа, само продолжија според протоколот.
Ова беше нивното прво заедничко појавување на БАФТА наградите по три години. Последен пат се појавија на црвениот тепих заедно во 2023 година. Вилијам дојде сам во 2024 година, а потоа рече дека неговата сопруга не може да му се придружи бидејќи се опоравува од лекување од рак. Минатата година, тие го пропуштија доделувањето на наградата, па нивното појавување во неделата го привлече вниманието на многумина.
Европа
Се состануваат европските министри: главна тема: Виктор Орбан
Во Брисел денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во сенка на блокирањето од страна на Унгарија на заем од 90 милијарди евра за Украина. Клучниот состанок и неговите импликации се главна тема на денешното политичко известување од срцето на ЕУ, објавува „Еуроњуз“.
Виктор Орбан вчера изјави дека Унгарија нема да ги продолжи испораките на дизел од Унгарија во Украина сè додека, како што изјави, Унгарија не добие пратки нафта преку Украина и дека ќе ја блокира европската помош за Украина во вредност од 90 милиони евра.
Друга важна тема на Советот е одлуката на Врховниот суд на САД за укинување на царините што ги воведе Доналд Трамп и како Европската Унија ќе одговори на нив. ЕУ веќе ги осуди новите американски царини и ги повика САД да го почитуваат веќе воспоставениот трговски договор.

