Европа
НАТО подготвува акционен план за брза реакција при кризи
НАТО подготвува планови за обезбедување на своите земји членки преку брз одговор на кризи, како последица од руската „агресија“ во Украина, изјавил генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен во понеделникот во Вашингтон., пренесува AFP.
Генералниот секретар на Алијансата истакнал дека трансатлантскиот пакт ќе ги разгледа предлозите за подготвување на „акционен план” на претстојниот самит во септември во Велика Британија.
„Очигледно, руската агресија во Украина ќе придонесе доста за решавање на потребата од силна, колективна одбрана”, изјавил Расмусен за време на посетата на Вашингтон.
„Поради оваа причина се надевам дека на Самитот ќе биде усвоен акционен план, кој ќе ја подобри нашата способност за брз одговор“, истакнал генералниот секртетар на НАТО
Според Расмусен, предлозите во таа насока ќе создадат можности за НАТО да одговори на различните карактери на закани и кризи, не само на границите со земјите од источна Европа, туку и на Блискиот исток и Африка.
Планот ќе врши процени околу опремата неопходна при заземање позиции, размена на разузнавачки информации и постапки за рано предупредување, како и зајакнување на деловите за реакција и специјалните трупи.
„Исто така, развиваме нови планови за воени маневри, приспособени кон новата состојба на безбедноста. НАТО е политика на обезбедување против нестабилност“, потенцирал Расмусен.
На самитот на НАТО во септември Расмусен очекува земјите-членки да го променат курсот во однос на изминатите години кога се намалуваа воените буџети.
Шефот на НАТО предупредил дека Европа станала премногу зависна од руските нафта и гас и истакнал дека прекинот на оваа зависност во моментов е од исклучително стратешко значење./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

