Европа
НАТО тврди дека уште има руски сили во Украина
Американскиот генерал Филип Бридлав, главниот командант на силите на НАТО во Европа, изјави во сабота на средбата на Алијансата во Вилнус дека руски сили сѐ уште има на украинска територија, што Москва во повеќе наврати го негираше.
„Кога станува збор за руските вооружени сили на теренот, да, тие сѐ уште се во Украина.“, изјави генералот Филип Бридлав за новинарите, притоа непрецизирајќи ја како досега нивната бројност. Пред десет дена во серијата исти соопштенија на НАТО се споменуваше бројка од четири илјади руски војници во Украина. „Непрекинатиот доток на руски и проруски сили преку границата, нивните доаѓања и заминување, ја чини речиси невозможна процената на нивниот број“, истакна Бридлав.Бридлав, исто така, истакна дека договорот од 5-ти септември за прекин на огнот во источна Украина „постои само на хартија“, и дека „она што се случува на теренот се сосема поинаква приказна“. „Но се надеваме дека тоа ќе се промени“, додаде американскиот генерал без да наведе кој го крши прекинот на огнот, за што инаку меѓусебно се обвинуваат двете завојувани страни во Украина.Во текот на дводневната средба во Вилнус, врховните воени команданти на 28-те земји членки на НАТО разговараа за регионалната безбедност и односите со Русија.Генералот Бридлав дополни дека очекува позитивни резултати од меморандумот, кој нота кон саботата во белоруската престолнина Минск по седумчасовни преговори го потпишаа претставниците на прозападните власти во Киев и проруските бунтовници од истокот. Меморандумот претпоставува прекин на огнот и воспоставување демилитаризирана зона во длабочина од 30 километри од линијата на фронтот во рок од 24 часа. Договорено е, исто така, да не се користи тешкото вооружување во населените области, и се забранува надлетување на борбени и беспилотни летала над демилитаризираната зона која ќе ја набљудува Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ)./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

