Европа
Неформално судење на Порошeнко, Обама и ван Ромпуј за злосторства во Украина во Венеција
Неформалниот ткн „Раселов суд’ на кој во отсуство ќе им се „суди“ на украинскиот и на американскиот претседатели, Петро Порошенко и Барак Обама, како и на претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј и на челниците на НАТО, за „воени злосторства во Донбас“ започна во саботата во италијанска Венеција.
Како што соопшти претседателот на Организацискиот комитет на „Раселовиот трибунал“ во Венеција, еден од лидерите на движењето за возобновување на независноста на Венецијанската република, Алберт Гардин, за следење на процесот се акредитирале повеќе странски новинари и телевизии. „Истовремено, за локалните новинари како овој проблем (воените злосторства во источна Украина) да не постојат“, даде Гардин.„Се разбира, не очекувавме никакви официјални личности. Меѓутоа, пресудата на трибуналот ќе биде испратена до секретаријатот на Обединетите нации и до Меѓународниот кривичен суд, чии претставници исто така ги добија нашите покани“, посочи Гардин. Истакна и дека било најавено присуството на претставници на меѓународната организација за човекови права Amnesty International, но од таму не бил добиен никаков одговор.Според него, процесот против Порошенко, Обама и ван Ромпуј има големо „законско, правно и социјално значење“. „Тоа ќе претставува глас којшто ќе предупреди на тешката ситуација во Донбас и претставува пресврт во злосторничкото молчење на Европа“, убеден е Гардин. „Свесни сме дека овој процес е во спротивност со ставот во Европа кој надвладува во моментот во врска со настаните во Украина. Се обидуваме да ги надминеме предрасудите кон Русија, којашто веќе ја осудија западните челници и НАТО. А европските медиуми само ги повторуваат соопштенијата на НАТО и на ЕУ. И покрај тоа, многумина од нив едноставно не знаат дека Донбас воопшто постои и немаат претстава што всушност се случува таму“, изјави Гардин. Претходно изминативе месеци во повеќе наврати Гардин започнуваше штрајк со глад во знак на солидарност со населението на источните проруски региони Донецк и Луганск, познати заедно под називот Донбас, каде повеќе од пет месеци се водат борби меѓу украинската армија и проруските доброволечки милиции кои ги контролираат овие покраини кон границата со Русија.Гардин вели дека во обидот да го организира овој неформален процес наидувал на многу пречки и проблеми кои укажуваат на обидот за „замолчување на вистината“. „Се наоѓаме под голем притисок. Многу познати личности, коишто ги поканивме во поротата учтиво нѐ одбија или нѐ заобиколија. Особено беше тешко да се обезбеди простор, поради што мораше да се одложи процесот првично планиран за 23-ти август“, изјавил за Итар-Тасс. Процесот се одвива во општинската сала Сан Леонардо во венецијанскиот островски кварт Канареџо. За време на еднодневниот процес ќе бидат изложени сведоштва на жители на Донецк и нивни роднини. „Присуството е слободно и ние ги повикавме сите страни, вклучително и украинската да назначат свои застапници“, истакна челникот на возобновувањето на Венецијанската република.Според Гардин, процесот треба да заврши со осуда за одговорноста за трагедијата во Донбас, односно за оние кои испраќаат тенкови и тешка артилерија. „Зошто ја прозиваат Русија? Имаат ли право киевските власти со поддршка на САД, ЕУ и НАТО кои ја финансираат политиката на задушување на демократските права на слобода на Донецк и Луганск, да испраќаат сили да го бомбардираат цивилното население“, додаде Гардин.Гардин вели дека иницијативата е инспирирана од примерот на англискиот филозоф Бертранд Расел и францускиот егзистенцијалистички писател Жан-Пол Сартр, кои го основаа Раселовиот трибунал. Ваквите „специјални судови“ првпат беа одржани во 1967 година по иницијатива на Расел и Сартр, за да се осудат воени злосторства во Виетнамската војна. Подоцна слични „процеси“ се одржуваа за Чиле, Ирак, Палестина. Се разбира, тие немаат никакви правни импликации./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

