Европа
Неизвесност и последни предупредување пред британскиот референдум за ЕУ
Повеќе европски челници ги упатија последните предупредувања за Британците да не излегуваат од Европската унија, ден пред референдумот за членството во ЕУ кој е неизвесен, колку што е и пресуден и за иднината на Велика Британија и за остатокот од 28-члениот блок.
Во средата, ден пред референдумот, две онлајн анкети даваа блага предност на приврзаниците на излегувањето од ЕУ и покажаа дека сé уште има голем број нерешителни избирачи, додека можноста за излегување на Обединетото Кралство од Европската унија го загрижува Брисел, како и деловните кругови и речиси сите челници на важните земји во светот.
Според агенцијата за истражување на јавното мнение Opinium, во чија анкета учествувале 3.011 лица, 45 отсто од испитаниците се определиле за излегување, додека 44 отсто за останување во ЕУ, но поборниците на останувањето се надеваат на 9-те проценти кои уште не донеле одлука, додека 2 отсто одговориле дека нема да се изјаснат. Во анкетата на TNS, спроведена врз 2.320 испитаници, 43 отсто се за излегување, 41 отсто за останување и 16 проценти се без одлука.
Неколку часови пред отворањето на гласачките места, 46,5 милиони британски гласачи се наоѓаат пред историски важната одлука, пред 41 година откако исто така на плебисцит гласаа за останување во тогашната западноевропска заедница.
„Кога еднаш ќе скокнете од авионот, повеќе не можете да се вратите“, предупреди британскиот премиер Дејвид Камерон .
„Во прашање е иднината на Европската унија“, истакна францускиот претседател Франсоа Оланд предупредувајќи дека одлуката ќе биде „неотповиклива“.
Доколку се случи британското излегување, Европската унија, којашто загрижено го следи порастот на евроскептицизмот, ќе ја загуби една од најмоќните членки, петтата според обемот светска економија и постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации.
И претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, предупреди дека излегувањето би претставувало „чин на самоосакатување“. „Надвор е надвор. Не би имало никакво ново преговарање со Лондон“, истакна Јункер.
Главните меѓународни институции со седмици наназад предупредуваат на сериозни економски последици, а британската централна банка дури ја спомена можноста за рецесија во земјата. Извршната директорка на ММФ, Кристин Лагард, изјави во средата дека одлуката за британското излегување би влијаела и на американската економија.
Во средата речиси 1.300 челници на компании, меѓу кои половината котираат на лондонската берза, повикаа на останување во заедницата со 28 држави.
Слични повици упатија и познатите личности од светот на спортот, филмот и музиката, како Дејвид Бекам, Даниел Крејг и бендот U2, кои посакаа да победи таборот „Remain“, приврзаниците на останувањето во ЕУ.
За разлика од нив, републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, се изјасни за излегувањето на Британија од ЕУ, признавајќи дека во контекстот на неговата насоченост на Америка, сепак, „не размислувал премногу за тоа прашање“.
Кралицата Елизабета Втора, којашто должноста ја обврзува на воздражаност, не сакала да коментира, и покрај навалувањата на евроскептичните весници предводени од Daily Telegraph и таблоидите Sun и Daily Mail.
Шкотската национална партија (SNP) која владее во Единбург, повтори дека излегувањето „нужно“ ќе предизвика втор референдум за независноста на Шкотска. Северна Ирска, пак, стравува од повторното појавување на фантомот од минатото, доколку би морала да ја одреди границата со јужниот сосед.
Приврзаниците на излегувањето ја поставија имиграцијата во центарот на својата кампања. Повикуваат да се „преземе контролата“ над границата за да се запре приливот на мигрантите од ЕУ и предупредуваат на евентуалното влегување на Турција во ЕУ.
Кампањата го покажа и генерацискиот јаз, имајќи предвид дека младите Британци главно се изјаснуваат за ЕУ, додека повозрасните се понаклонети на излегувањето. Лондон, и другите голема градови, Шкотска и Северна Ирска се за останување, а внатрешноста на Англија за излегување.
Дејвид Камерон во 2013 година вети дека ќе го организира овој референдум, за да ги отстрани постојаните поделби во својата Конзервативна партија во врска со ЕУ.
Велика Британија, членка на ЕУ од 1973 година, којашто не е во Шенген зоната и не го воведе еврото, веќе има посебен статус во Унијата. Може да биде веќе во четвртокот вечерта првата земја којашто ја напуштила ЕУ./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.
Европа
Британски скијач загина во лавина на француските Алпи
Британски скијач загина вчера во лавина во Француските Алпи. Несреќата се случила додека мажот, за кој се верува дека е во педесеттите години, скијал надвор од пистата во популарното одморалиште Ла Плањ, објави Скај њуз.
Обемна операција за спасување
Спасувачките екипи беа повикани на лавината попладнето во 13:57 часот и веднаш се упатија кон местото на настанот во југоисточна Франција. Голем тим од 52 лица, вклучувајќи медицински персонал и инструктори за скијање, беше вклучен во потрагата, а со хеликоптер беше донесено и куче трагач.
И покрај брзата реакција, Англичанецот беше пронајден дури по 50 минути пребарување, закопан под 2,5 метри снег.
Скијал без потребната опрема
Според соопштението од одморалиштето, човекот што починал бил во друштво на група, но не бил опремен со примопредавател за лавина ниту бил придружуван од професионален инструктор. Скијачкиот центар Ла Плањ изрази сочувство до семејството на починатиот.

