Европа
Оер: Француското општество е обединето во реакцијата кон терористичките напади
Француското општество е обединето и никој во овие моменти не се обидува да ги инструментализира терористичките напади кои се случија над сатиричниот весник Charlie Hebdo во Париз минатата недела, вели француската амбасадорка во Македонија, Лоренс Оер во интервју за емисијата „Гласот на народот“.
Француското општество е обединето и никој во овие моменти не се обидува да ги инструментализира терористичките напади кои се случија над сатиричниот весник Charlie Hebdo во Париз минатата недела, вели француската амбасадорка во Македонија, Лоренс Оер во интервју за емисијата „Гласот на народот“.
„Треба да разбереме дека станува збор за терористички напад и го сфаќаме како таков, треба да го осудиме и да преземеме мерки против тероризмот. Француското општество е обединето и никој во овие моменти не се обиде да го инструментализира прашањето, туку сите велат дека треба да бидеме обединети и треба заедно да реагираме“, рече Оер.
Француската амбасадорка додава дека земјата немала соодветно време да реагира во поглед на организацијата на „Маршот на солидарноста“, кој се одржа во неделата во Париз, а на кој присуствуваа и повеќе светски лидери.
„Во тој момент реагиравме час по час, беа земени заложници и имаше две различни операции во Париз за да се ослободат заложниците. Тие денови воопшто не знаевме дека ќе дојдат државници, а американскиот државен секретар Џон Кери упати прекрасна порака како поддршка на солидарноста кон Франција. Ние не упативме покани до никого поради тоа што работите беа спонтано направени, бевме приморани да реагираме час по час во тие тешки моменти“, изјави Оер.
Таа додава дека Франција го цени и придонесот кој Македонија го дава во борбата против тероризмот, иако земјата се уште не е члена на НАТО и ЕУ.
„Улогата на вашата земја во борбата против тероризмот е нешто што ние го земаме предвид и го почитуваме придонесот кој Македонија го дава. Македонија е земја која што е важна за нас. Жалиме што Македонија не е членка на НАТО и ЕУ. Прашањето за името, коешто ни тежи на сите нас, и не претставува причина за да не соработуваме заедно, а Македонија има и важна улога во регионот“, потенцира француската амбасадорка, додавајќи дека Франција е поврзана со балканските земји во поглед на тоа што се соочува со исти закани и пружа отпор кон секој обид за дестабилизација.
Во однос на тоа какви ќе бидат реакциите на француските власти по терористичките напади, Оер вели дека најпрво мора да се разберат вистинските причини и околности кои доведоа до овие напади.
„Треба да видиме кои беа тие млади луѓе, кои се образуваа во Франција и кои се нивните врски со меѓународните движења како Ал Каеда. Треба да разбереме дека станува збор за деца кои беа образовани во Францја и кои ги споделуваа нашите вредности. Во нашите општества е предизик да се има таа мултикултура. Се поставува вистинско прашање во француското општество за тоа кои се нивните врски со меѓународните кризи, Франција во моментов и присутна и во Мали а воено интервенираше и Либијам, и имаме меѓународна улога во однос на сето тоа“, изјави француската амбасадорка во емисијата „Гласот на народот“ со новинарот Слободан Томиќ.
„Најголемата потешкотија за државите е да предвидат што ќе се случи бидејќи терористот сака да го минира демократскиот систем таму каде што најмалку се очекува. Треба да бидеме претпазливи, да не оставиме нашите вредности да не бидат минирани, да имаме слобода на мисла, и карикатуристи како во Charlie Hebdo. Тероризмот е нешто што не загрижува и што ќе не загрижува во иднина“, нагласи Оер./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

