Европа
Осомничениот напаѓач од Париз, Шериф Каши, бил следен за тероризам
Французинот, 32-годишниот Шериф Каши, помладиот од двајцата браќа осомничени за масакрот од средата во редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo во центарот на главниот град Париз во кој беа убиени 12 луѓе, од претходно им бил познат на безбедносните служби за сузбивање на тероризмот како џихадист и веќе бил осудуван поради учество во мрежа за испраќање борци во Ирак, а неговиот брат, 34-годишниот Саид, по кого исто така е распишана потерница, нема полициско досие.
Браќата Шериф и Саид Каши, заедно со уште двајца браќа и сестрата, шест години, од 1994 до 2000 година, биле сместени во воспитна установа во Коресе, во Треињак, пишува агенцијата AFP за која е потврдена информацијата којашто претходно во четвртокот ја објави локалниот весник La Montagne.
„Децата во 1994 годна ни ги доверија социјалните служби во Париз, бидејќи живееле во проблематично семејство“, изјави за La Montagne, Патрик Фурние, раководител на воспитувачите во споменатата воспитаната установа. Тој ги опишал како „целосно интегрирани“ и како личности кои „никогаш немале проблеми со однесувањето“, во текот на нивното шестгодишно престојување во домот. „Саид кај нас заврши хотелиерско училиште, а Шериф заврши електротехничко училиште“, додал Фурние.
Шериф Каши, роден 1982 година во Париз и француски државјанин, бил познат под прекарот Абу Исен и бил припадник на ткн мрежа Буте-Шомон, наречена по еден париски кварт. Под водство на „емирот“ Фарид Бенјету, таа мрежа била создадена со задача да испраќа џихадисти во Ирак.
Токму пред да замине во Ирак преку Сирија, Шериф бил уапсен во 2008 година и осуден на три години затвор, од кои 18 месеци условно. Во затворот Флери-Мероги, каде од ноември 2005-та до октомври 2006 година бил во притвор, се запознал со Џамал Бегал, претставник на францускиот радикален ислам, осуден на десетгодишна затворска казна, поради подготовка на атентати. Помладиот Каши од тогаш, како што дознава AFP од добро информирани кругови, бил бод влијание на Бегал и се истакнувал со „многу строго придржување на исламските прописи“.
Францускиот социолог Жан-Пјер Филиу, добар познавач на радикалното исламистичко движење, смета дека Шериф Каши е поврзан со џихадистичката сунитска организација Исламска држава.
Шериф, кој на фотографиите што ги објави полицијата има избричена глава и ретка брадичка, бил одушевен од рап музиката пред да му се приклони на радикалниот ислам, според една емисија којашто уште во 2005 година ја емитувала телевизијата France 3.
Интересно е што американските и британските разузнавачки служби како најверојатен извршителот на обезглавувањето на американскиот новинар Џејмс Фоли во Сирија во август 2014 година го осомничија 23-годишното момче по име Абдул-Маџид Абдел Бари. Тој порано работел како музичар, рап изведувач, чија музика често била емитувана на британското Radio 1. Бари го напуштил својот дом во западен Лондон во вредност од милион фунти, изјавувајќи дека „остава сѐ поради Алах“.
Изведувач на рап музика и во 2012 година беше доведен во поврзаност со радикалните исламистички движења, кога германските безбедносни служби предупредија дека земјата може да биде цел на терористички напад, откако на интернет се појави видеото што го објави поранешниот германски рапер Денис Мамаду Касперт сега со име Абу Малик роден во Берлин, и кое содржело знаци дека се планираат напади во Германија.
Другиот брат, Саид Каши, роден 1980 година, исто така во 10-от арондисман на Париз, до нападот врз редакцијата на Charlie Hebdo не го привлекувал вниманието на француската полиција. Неговата лична карта е пронајдена во автомобилот кој осомничените го оставиле во средата во Париз.
На првата потерница објавена во средата беше и името на третиот осомничен, 18-годишниот Мурад Хамид, шура на еден од браќата Каши. Тој е осомничен дека им помагал на напаѓачите. Еден очевидец изјавил во истрагата дека во автомобилот во момент на бегството имало и трето лице.
Мурад Хамид во средата навечер и’ се предаде на полицијата во Шарлевил-Мезоер, „откако видел дека неговото име кружи на социјалните мрежи“, изјавил соговорникот на AFP. Корисници на интернет кои се претставиле како негови училишни другари, малку пред тоа напишаа на Twitter дека за време на нападот тој бил заедно со нив на училиште.
Откако претходно се пожалија дека медиумските извештаи и постовите на социјалните мрежи ја попречуваат потрагата по осомничените, француските безбедносни служби значително ги редуцира во четвртокот информациите за текот на операцијата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

