Европа
Париската Поворка на гордоста со големи безбедносни мерки
Илјадници луѓе дефилираа во саботата во француската престолнина Париз на Поворката на гордоста на ЛГБТ заедницата, со големи но дискретни безбедносни мерки, три седмици по масакрот во геј клубот во американски Орландо.
Поворката, во која имаше повеќе десетици возила и мотоцикли кои истакнуваа знамиња во боите на виножитото, тргна во ритамот на техно музиката по 15 часот од кејот на Сена во близина на музејот Лувр кон Плоштадот на Бастилја.
Годинава главниот собир на ЛГБТ заедницата има специфичен одек по нападот во Орландо, за кој одговорноста ја презема џихадистичката група Исламска држава, и во кој на 12-ти јуни во ноќниот геј клуб беа убиени 49 луѓе.
„Три седмици по тој напад денешниот собир претставува чин на отпор. Не смееме да му попуштиме на стравот. Повеле од кога и да е мораме да бидеме видливи“, изјави портпаролката на здружението Inter-LGBT, Амандин Мигуел, организаторка на поворката.
Во атмосфера на џихадистичките закани, помалку од осум месеци од атентатите во кој ланскиот 13-ти ноември беа убиени 130 луѓе во Париз, околу илјада полицајци и жандарми беа мобилизирани за осигурување на рутата на поворката, која е скусена за два километра во однос на првично предвидените 4,6 километри.
Неколку политички функционери учествуваа во поворката, како што се министерката Одри Азукеи и париската градоначланичка Ан Идалго, и двете од владејачката Социјалистичка партија.
„Нашиот гад секогаш ќе биде засолниште од хомофобијата, бидејќи отвореноста кон поинаквите и толерантноста се дел од нашата ДНК“, рече Идалго во интервју за геј магазин.
„По Орландо, повеќе од кога и да е претходно, треба да се потврдат републиканските вредности на еднаквоста, толеранцијата и почитувањето“, напиша на Twitter францускиот премиер Мануел Валс.
Последната Поворка на гордоста пред претседателските избори пролетта 2017 година имаше цел да го потсети францускиот претседател Франсоа Оланд на неисполнетите ветувања, без оглед на неговата отвореноста за браковите меѓу хомосексуалните лица, наведува здружението Inter-LGBT, кое бара медицинско потпомогнато оплодување за жените кои се сами или за женските двојки./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

