Европа
Париз го повлече именувањето на хомосексуална личност за амбасадор во Ватикан
Откако Ватикан повеќе од една година одбегнуваше да се согласи и да ги прими агреманите за нов француски амбасадор при Светата столица да стане Лорен Стефанини, поранешен шеф на протоколот на претседателот Франсоа Оланд и хомосексуална личност, официјален Париз се откажа од тој обид и Стефанини го именуваше за амбасадор во организацијата УНЕСКО чиешто седиште е во француската престолнина.
Изборот на Стефанини на споменатата позиција е резултат на „желбата на претседателот, а воедно и на владината одлука“, истакнаа пред повеќе од една година од опкружувањето на претседателот Франсоа Оланд. Одлуката за именување на Лорен Стефанини за амбасадор во Ватикан била донесена на седница на француската влада на 5-ти јануари 2015 година, и од тогаш нема одговор од Светата столица.
„Ватикан вообичаено не испраќа одбивање. Не одговара и не дава образложување, а на односната земја ѝ преостанува да го протолкува тоа изостанување на одговор“, велат добро информирани извори од Рим.
Франција и претходно уште во 2007 година на истата должност предложи дипломат познат по своите хомосексуално склоности, на што исто така немаше добиено одговор од Ватикан, по што дојде именувањето на Стефанини.
Лорен Стефанини е личност којашто се изјаснува со хомосексуална полова определеност, па неговата номинација во јануари 2015 година во Ватикан беше сметана за дрска провокација, пишуваше уште минатата година францускиот католички весник La Croix, појаснувајќи зашто Стефанини од Светата столица невообичаено долго чека да ги добие агреманите.
Некои француски медиуми, пак, шпекулираат дека станува збор за наводна одмазда на Ватикан, кој со ова сакал да порача дека не се согласува со законот со кој во Франција во 2013 година беше одобрено склучувањето бракови меѓу лица од ист пол.
Сега 56-годишниот Стефанини стана шеф на протоколот на францускиот претседател во 2010 година, во времето кога претседател беше конзервативецот Николас Саркози, но на должноста се задржа и две години подоцна кога на изборите победи социјалистичкиот кандидат Франсоа Оланд.
Во изјавата со којашто се потврдува именувањето на Стефанини за амбасадор при УНЕСКО, француската влада не наведе кој следен ќе предложи за свој амбасадор во Ватикан, забележува AFP./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

