Европа
Питела и Мекгинис кандидати за претседател на ЕП
Европските социјалисти во средата го предложија Џани Питела за свој кандидат за претседател на Европскиот парламент, а ирскиот премиер Енда Кени ја поддржа кандидатурата на Мејрид Мекгинис, актуелната потпретседателка на парламентот од редовите на Европската народна партија (EPP).
Пратеничката група на социјалистите и демократите во Европскиот парламент едногласно во средата му даде поддршка на својот челник Џани Питела како кандидат за наследник на Мартин Шулц, германскиот социјалдемократ кој отстапи од должноста во јануари.
Заминувањето на Шулц ги поттикна нагаѓањата за широко преговарање за новото прераспоредување на челните позиции на европските институции. На чело на Европскиот совет и на Европската комисија се Доналд Туск и Жан-Клод Јункер, и двајцата од Европската народна партија (EPP). Доколку на чело на Европскиот парламент биде избран претставник на EPP, тогаш би значело дека сите три европски институции би биле водени од европските „народњаци“.
На тоа укажа и Питела, кој реле дека му е чест да го прифати предизвикот и додаде дека „со заминувањето на Мартин Шулц од ЕП нарушена е рамнотежата меѓу политичките групации во европските институции. Никогаш нема да го прифатиме монополот на десницата да ги контролира институциите на ЕУ. Тоа не е прашање на имињата, туку прашање на принципите и идеите“, порача Питела.
Повтори дека сака завршување на политиката на штедење во Европската унија. „Сакаме да завршиме со слепата политика на штедење со националните себичности кои ја уназадија ЕУ. Сакаме да ја претставиме визијата врз основа на левите идеи, начела и стратегии, како алтернатива на она за што се зазема десницата“, истакнува Питела.
Ани Питела е член на Европскиот парламент од 1999 година, а до 2014 година е претседател на пратеничката група на Социјалистите и демократите, втората по големина политичка групација во ЕП.
Истовремено, ирскиот премиер Енда Кени ѝ даде поддршка на членката на неговата партија Мејрид Мекгинис. „Мекгинис би била извонредна претседателка на Европскиот парламент и мило ми е што бара од Европската народна партија да ја номинира за тоа место“, рече Кени на собирот на ирската партија Фин Гаел, на кој Мекгинис беше главна говорничка.
„Ѝ пожелувам сé најдобро во нејзините настојувања да стане претседателка на Европскиот парламент и во целост ја поддржувам нејзината кандидатура“, додаде Кени.
Мекгинис е пратеничка во Европскиот парламент од 2004 година, а во моментов е една од неговите претседатели. Новиот претседател на ЕП треба да биде избран на 17-ти јануари следната година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.