Европа
Полскиот министер за одбрана: Мина времето на мирот во Европа
Сегашните судири и криза на портите на европскиот континент, значат дека годините на мирот во Европа се минато, оцени во четвртокот полскиот министер за одбрана Томаш Шимоњак.
„Ние, политичарите и медиумите, мораме да им кажеме на напите јавности дека времето на децениите на мирот во Европа по Студената војна измина“, изјави полскиот министер за одбрана Томаш Шимоњак на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Заган во западна Полска.
Столтенберг и Шимоњак, задно со неговите колеги министри за одбрана на Германија, Норвешка и Холандија, учествуваа во Заган на првата „целосна вежба“ на новите Сили за брз одговор на Северноатлантскиот сојуз – Very High Readiness Joint Task Force, односно VJTF.
„Се побројни се заканите околу Европа: руско-украинската криза, групата Исламска држава, сложената криза во северна Африка. Нема да можеме да ја одбраниме нашата европска благосостојба, доколку не работиме повеќе на безбедноста“, додаде полскиот министер за одбрана.
Столтенберг, пак, истакна дека министрите за одбрана на НАТО следната седмица ќе дискутираат за „прераспределбата“ на сојузничкото оружје во средна Европа, што претходно беше остро критикувано од Москва. „Одлуките сé уште не ги донесовме. Со сојузниците соработуваме во врска со прераспределбата на опремата. За тоа следната седмица ќе разговараме на министерската седница на НАТО“, рече генералниот секретар на Алијансата.
На споменатата прва голема вежба на VJTF, којашто започна минатата седмица учествуваат 2.100 војници од Холандија, Чешка, Германија, Норвешка, Полска, Литванија, Белгија, Унгарија и САД, од различни родови на армијата кои во Полска пристигнаа преку воздушни и копнени мостови.
Одлуката за формирање на новите Силите за брз одговор беше донесена на самитот на НАТО во Њупорт (Велс), во септември 2014 година поради јакнењето на источното крило на Алијансата, поради стравувањата на поранешните комунистички и советски републики во врска со украинската криза и руската демонстрација на воена моќ./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Околу 500 патници заглавени во авиони поради снег во Минхен
Околу 500 патници останале заглавени во авиони на аеродромот во Минхен, откако нивните летови биле откажани поради обилни снежни врнежи. Иако дел од авионите биле подготвени за полетување, патниците не можеле да се вратат во терминалот поради недостиг на автобуси и зафатени паркинг-позиции за авионите.
Повеќе од 100 летови планирани за четврток навечер биле откажани поради снегот, а дел од патниците ја поминале целата ноќ во леталата.
Лоша логистика и ограничен капацитет
Според портпарол на авиокомпанијата Луфтханза, дури и летовите што добиле специјални дозволи за ноќно полетување не можеле да тргнат. Како причина се наведува тоа што сите паркинг-места за авиони во близина на терминалот биле веќе зафатени, а капацитетот на автобусите за превоз на патници бил ограничен.
„Во тој момент сите паркинг-места кај терминалот беа исполнети, а бројот на автобуси е ограничен“, изјавил портпаролот, додавајќи дека организацијата на автобускиот превоз е во надлежност на аеродромот.
Летови кон повеќе европски и светски дестинации
Според информациите на Луфтханза, погодени биле летови кон Сингапур, Копенхаген, Гдањск, Грац и Венеција. Дури во раните утрински часови автобуси пристигнале и ги превезле патниците до терминалот.
Од аеродромот во Минхен кратко соопштиле: „Жалиме за непријатностите што настанаа“.
Студен бран во регионот
Ледениот бран изминатите денови го зафати и Виена, додека хаос беше пријавен и во Марибор, каде што голем број жители останаа без струја, а дел и без вода.
Поради состојбата, во поширокото подрачје на вториот по големина град во Словенија беше прогласена вонредна состојба.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.

