Европа
Путин: Изјавата на Камерон дека на Brexit „ќе се радува Путин“ покажува ниско ниво на политичка култура
Изјавата на британскиот премиер Дејвид Камерон дека од излегувањето на неговата земја од Европската унија, за што се решија неговите сонародници на референдумот од 23-ти јуни, „ќе биде среќен Путин“, е некоректен обид да се влијае врз јавното мнение во Велика Британија, изјави рускиот претседател Владимир Путин во текот на неговата посета на Ташкент.
„Мислам дека тоа не претставува ништо повеќе од погрешен обид да се влијае врз јавното мнение во својата земја. Но, како што гледаме, дури ни тоа немаше важност за оние кои го сторија тоа – резултатите. А уште повеќе, по гласањето да се изјавува за некаква позиција на Русија, според мое мислење, никој нема право. Тоа не ништо друго освен манифестирање на ниско ниво на политичка култура“, одговори Путин на изјавата на британскиот премиер кој заговараше останување на земјата во ЕУ, пренесува агенцијата ТАСС.
Потсети дека Русија никогаш не се мешаше и никогаш не се изјаснуваше во врска со референдумот за истапување на Велика Британија од Европската унија.
„Сметам дека се однесувавме многу коректно, внимателно следевме што се случува, но со ништо не влијаевме на тој процес, ниту се обидовме тоа да го правиме“, рече Путин.
Минатата седмица во текот на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, запрашан од водителот на панелот новинар на американската телевизија CNN, за британскиот референдум за излегувањето или останувањето во Европската унија, Путин рече дека има свое лично мислење за тоа прашање, но дека нема да го изнесува јавно.
Ден по референдумот, Путин на прес-конференцијата во Ташкент додаде дека изјавите на Камерон немале и немаат никаква основа.
„Тоа е избор на граѓаните на Велика Британија. Ние со ништо не се вмешавме и немаме намера да се мешаме. Но судејќи според сé, сега следат формалните процедури поврзани со британската одлука да се повлечат од ЕУ. Тоа внимателно ќе го следиме и ќе анализираме“, рече Путин.
Рускиот челник уверува дека руските власти ќе настојуваат да ги минимизираат евентуалните негативни ефекти од одлуката на Велика Британија врз економијата на земјата.
Според Путин, исходот од британскиот референдум е одраз на незадоволството од безбедносните состојби и неподготвеноста да се помагаат другите економии.
„Разбирлив е таквиот епилог од аспект на обичните британски граѓани. Никој не сака да храни и субвенционира послаба економија, да се одржуваат други земји и цели народи“, рекол претседателот на Русија.
„Очигледно, луѓето се незадоволни, исто така, и од решавањето на проблемите во сферата на безбедноста, кои денес остро се влошуваат во заднина на миграциските процеси … Луѓето сакаат да бидат понезависни“, додал Путин.
Оценил дека последиците од британското излегување од ЕУ ќе имаат глобален карактер, но и дека времето ќе покаже дали тие ќе бидат позитивни или негативни.
„За Велика Британија, Европа и за нас, се разбира, тоа ќе има последици. Тие ќе имаат глобален карактер, тие се неизбежни, тие ќе бидат и со знакот ’пулс’ и со ’минус’… Пазарите ќе трпат, и веќе потонаа, но во среднорочна перспектива, дефинитивно, ќе има опоравување“, убеден е Путин. „Дали ќе има повеќе плусови или минуси, ќе покаже животот, практиката“, додал.
Притоа истакнал дека „самата организација на референдумот и потоа добиените резултати, не се резултат на ништо друго туку на преголема самоувереност и површен пристап кон решавањето на судбоносните прашања за својата земја и севкупно за Европа, од страна на британските челници“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.
Европа
Британски скијач загина во лавина на француските Алпи
Британски скијач загина вчера во лавина во Француските Алпи. Несреќата се случила додека мажот, за кој се верува дека е во педесеттите години, скијал надвор од пистата во популарното одморалиште Ла Плањ, објави Скај њуз.
Обемна операција за спасување
Спасувачките екипи беа повикани на лавината попладнето во 13:57 часот и веднаш се упатија кон местото на настанот во југоисточна Франција. Голем тим од 52 лица, вклучувајќи медицински персонал и инструктори за скијање, беше вклучен во потрагата, а со хеликоптер беше донесено и куче трагач.
И покрај брзата реакција, Англичанецот беше пронајден дури по 50 минути пребарување, закопан под 2,5 метри снег.
Скијал без потребната опрема
Според соопштението од одморалиштето, човекот што починал бил во друштво на група, но не бил опремен со примопредавател за лавина ниту бил придружуван од професионален инструктор. Скијачкиот центар Ла Плањ изрази сочувство до семејството на починатиот.

