Европа
Путин за Крим: Русија постапи како што мораше
Русија во врска со Крим постапи како што требаше,вели рускиот претседател Владимир Путин раскажувајќи за деталите од март минатата година кога со референдумот на црноморскиот полуостров Крим тамошното население донесе одлука да се присоедини кон Руската Федерација, во исечокот од филмот „Крим: На патот кон татковината“ кој во понеделникот беше емитуван на телевизијата Россия 1.
Претходно во понеделникот претпладнето на интернет беше емитуван покус исечокот во кој рускиот претседател раскажува како ноќта кон 23-ти февруари, откако во Киев беше соборен поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, во Крмљ на состанокот со челниците на безбедносните агенции била донесе одлуката „да се работи на враќањето на Крим на Русија“ и како Јанукович да биде префрлен во Русија бидејќи му се заканувала смртна опасност.
Во емитуваниот исечок на државната телевизија во понеделникот навечер тој појаснува дека непосредно пред референдумот било спроведено социолошко истражување на јавното мнение за да се каков одраз наидува идејата за враќањето во Руската Федерација и меѓу самото население на Крим, каде што над 62 отсто се етнички Руси.
„Тоа беше вечерта од 22-ри кон 23-ти (февруари). Ние завршивме околу 7 часот. И кога се разделувавме, нема да кријам, јас на моите колеги, беа четворица, им реков: ‘Ситуацијата во Украина доби пресврт, и ние треба да работиме на враќањето на Крим во Русија, затоа што не можеме да дозволиме територијата и луѓето коишто таму живеат да ги препуштиме на судбината под острицата на националистите“, вели Путин.
Продолжува дека тогаш „поставив одредени задачи, реков што и како треба да направиме, но веднаш нагласив дека тоа ќе го сториме само доколку бидеме апсолутно убедени во тоа дека тоа го сака самото население коешто живее на Крим“.
Според Путин, уште првото испитување на јавното мнение спроведено на Крим веднаш по настаните на Мајдан во Киев, покажало дека три четвртини од тамошното население сака присоединување кон Русија. Притоа, рускиот претседател вели дека анкетата била спроведена „надвор од контекстот на можното присоединување“, уште пред размислувањата на тамошното население да спроведе референдум.
„Се покажа дека оние кои сакаат да се присоединат на Русија ги има таму (на Крим) 75 отсто од целото население. Знаете, беше спроведена анкета со затворено прашање, надвор од контекстот на можното присоединување. За мене беше очигледно дека доколку се дојде до тоа, бројот на оние коишто би сакале да се случи тој историски настан би бил многу повисок“, вели Путин.
Истакнува дека „крајната цел не била да се заземе Крим, или некако да се анектира“. „Крајната цел беше да им се даде на луѓето можноста да го искажат своето мислење како натаму би сакале да живеат“, додава Путин. Во документарниот филм вели и дека тогаш мислел дека доколку кримчаните посакаат да останат во составот на Украина, „тогаш така и ќе беше“, но доколку сакаат да станат дел од Русија, тогаш „ние не можеме да ги отфрлиме“. „Резултатите ги знаеме. И ние постапивме така како што моравме да постапиме“, заклучува Путин.
Во март 2014 година по неколкумесечната политичка криза во Киев започната во декември 2013-та кога тогашниот претседател Виктор Јанукович одлучи да го суспендира потпишувањето на Спогодбата за придружување и слободна трговија со Европската унија и откако на крајот од февруари беше соборен од власта од прозападната опозиција која го обвини за свртување на земјата кон Москва, кога новите власти во Киев назначија своја управа и го укинаа законот со што рускиот јазик го загуби статусот на службен, на 16-ти март се одржа кримскиот референдум на кој според организаторите се 96,77 отсто од избирачите гласале за присоединување на Руската Федерација, што на 18-ти март беше одобрено од руската Државна дума и Советот на Федерацијата, двата дома на рускиот парламент.
Уште во 1992 година требаше да се одржи референдум за тоа дали Крим ќе биде дел од Русија или од Украина. Меѓутоа, украинските власти со спречија референдумот, ги распуштиja тамошните органи, а тогашниот претседател на Автономната Република Крим го отстраниja од должноста, но за возврат му дадoa широка автономија со право на самоодлучувањe.
Крим останува и денес симбол на рускиот идентитет. За многу Руси овој полуостров е дел од Русија кој од 1991 година беше заробен во туѓа земја. Важноста што ја има Крим за Русија од историски, културен, воен и геополитички аспект се непроценливи.
Историјата на Крим кој Русија дефинитивно целосно го завладува кон крајот на XVIII век во времето на царицата Катерина Велика, е исполнета со симболиката на рускиот идентитет од царскиот и советскиот период. Полуостровот е место и од големо културолошко значење и за Руската православна црква, каде кнезот Владимир Велики, средновековниот владетел на Киевска Русија, претходничката на модерна Русија, го примил христијанството и го раширил меѓу својот народ. На Крим се воделе и крвавите судири во Кримските војни и во Втората светска војна.
Крим бил дел и од царска и од советска Русија повеќе од 170 години, додека советскиот комунистички челник Никита Хрушчов, етнички Украинец, со указ во 1954 година не го присоединил на Украина. Оттаму, многу Руси референдумот го гледаа и како можност да се исправи она што го сметаат за историска неправда.
Украинците, пак, не мислат да го отстапат Крим и неговото присоединување кон Русија го сметаат за нарушување на нивниот територијален интегритет и суверенитет, в што се поддржани од Западот. Се откажаа од наводна воена опција за враќање под своја контрола на полуостровот, но мислат да се борат со дипломатски и политички средства. Киев, поддржан од САД и ЕУ го прогласи референдумот за нелегитимен, а тогаш вршителот на должноста украински премиер Арсениј Јаценјук изјави дека „Украина нема да ѝ отстапи ни педа земја на Русија”./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Дали ЕУ експресно добива нова членка? Политико: Референдум уште на лето
Исланд ја разгледува можноста за одржување гласање за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ уште во август, според два извори запознаени со подготовките за пристапување на земјата.
Оваа вест доаѓа во време кога проширувањето на ЕУ се чини дека повторно добива на интензитет, додека Брисел работи на план што би можел да ѝ донесе на Украина делумно членство уште следната година, а Црна Гора, како водечки кандидат, минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува Политико.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување, кои претходната влада ги замрзна во 2013 година, до 2027 година.
Сепак, временската рамка се чини дека се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според изворите, кои зборуваа под услов на анонимност. Овој потег следеше по серија посети на европски политичари на Исланд и исландски претставници на Брисел.
Доколку Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да се приклучат кон ЕУ пред која било друга земја-кандидатка, рече еден од испитаниците.
„Дебатата за проширувањето се менува“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, минатиот месец во Брисел.
„Сè повеќе станува збор за безбедност, припадност и зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет каде што се натпреваруваат различни сфери на влијание. Тоа е прашање за сите Европејци.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка, Криструн Фростадотир, во Брисел минатиот месец и рече дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.
Фон дер Лајен, која го посети Исланд минатиот јули, ја пофали земјата за зајакнување на соработката со ЕУ за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и планира нова посета на арктичкиот регион во март.
Европа
(Видео) Вилијам и Кејт го игнорираа прашањето што им беше поставено на БАФТА наградите
Принцот Вилијам и Кејт, принцезата од Велс, пристигнаа на доделувањето на наградите БАФТА во лондонската Кралска фестивалска сала во неделата вечерта, но нивното пристигнување имаше свои подеми и падови. Тие пристигнаа на црвениот тепих само три дена откако се појави веста дека Ендру Маунтбатен Виндзор е уапсен во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден.
За таа пригода, 43-годишниот Вилијам избра бордо кадифено сако, додека 44-годишната Кејт носеше долг, лелеав розов фустан. Организаторите го затворија црвениот тепих за да ѝ дозволат на двојката да влезе без други луѓе, но еден извик сепак одекна.
Prince William, BAFTA President since 2010, and Catherine, Princess of Wales arrive at the 2026 #BAFTAs. See all the red carpet looks: https://t.co/eLm0bmsH9f pic.twitter.com/0y1ymR9AT5
— VANITY FAIR (@VanityFair) February 22, 2026
Во еден момент, некој од публиката директно ги праша: „Дали монархијата е во опасност?“ Вилијам и Кејт не реагираа, само продолжија според протоколот.
Ова беше нивното прво заедничко појавување на БАФТА наградите по три години. Последен пат се појавија на црвениот тепих заедно во 2023 година. Вилијам дојде сам во 2024 година, а потоа рече дека неговата сопруга не може да му се придружи бидејќи се опоравува од лекување од рак. Минатата година, тие го пропуштија доделувањето на наградата, па нивното појавување во неделата го привлече вниманието на многумина.
Европа
Се состануваат европските министри: главна тема: Виктор Орбан
Во Брисел денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во сенка на блокирањето од страна на Унгарија на заем од 90 милијарди евра за Украина. Клучниот состанок и неговите импликации се главна тема на денешното политичко известување од срцето на ЕУ, објавува „Еуроњуз“.
Виктор Орбан вчера изјави дека Унгарија нема да ги продолжи испораките на дизел од Унгарија во Украина сè додека, како што изјави, Унгарија не добие пратки нафта преку Украина и дека ќе ја блокира европската помош за Украина во вредност од 90 милиони евра.
Друга важна тема на Советот е одлуката на Врховниот суд на САД за укинување на царините што ги воведе Доналд Трамп и како Европската Унија ќе одговори на нив. ЕУ веќе ги осуди новите американски царини и ги повика САД да го почитуваат веќе воспоставениот трговски договор.

