Европа
Рахој не доби поддршка во парламентот, во сабота ново гласање
Владата на десниот центар на шпанскиот премиер Маријано Рахој не доби во четвртокот поддршка од парламентот за нов четиригодишен мандат, па во саботата повторно ќе побара поддршка, два дена пред рокот во кој Шпанија мора да добие влада или ќе бидат организирани нови избори.
Во моментов привремениот шпански премиер Маријано Рахој го поддржаа 170 пратеници, а му беа потребни 176 гласови во парламентот со 350 мандати. Против беа 180 пратеници.
Ваквиот исход се очекуваше пред гласањето. Во саботата на Рахој ќе му треба просто мнозинство, односно повеќе „за“ односно „против“ без оглед колку пратеници ќе гласаат. Сосема е веројатно дека 61-годишниот премиер ќе добие поддршка бидејќи најголемата опозициска партија од левиот центар Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE) во недела најави воздржување од гласањето. Нејзините 85 пратеници во четвртокот гласаа „против“.
Шпанија повеќе од 300 денови нема нова влада, бидејќи четирите водечки партии не успеаја да се договорат за коалиција. На изборите во декември, па повторените во јуни, победи Народната партија (PP) на Рахој, но не успеа да освои доволно застапници за самостојно формирање влада. Рахој, ниту пред два месеца не доби доволно поддршка во парламентот.
Во PSOE која двапати забележа слаб резултат на изборите дојде до раскол во септември годинава, послабите резултати на регионалните избори во северните покраини Галиција и Баскија. Претседателот на партијата Педро Санчез, кој се обидуваше да создаде лева коалиција со Подемос, ја отстапи по губење на поддршката од главното тело на партијата.
Тоа тело во неделата донесе одлука за воздржување од гласањето во саботата, што на Рахој му овозможува создавање малцинска влада. Одлуката е објаснета со спречување на третите парламентарни избори за една години, но исто така и од стравувањето PSOE од можен нов пораз на евентуалните избори во декември.
Народната партија би можела да добие апсолутно мнозинство, наместо сега малцинска влада, а Подемос се закани со преземање на второто место, со што PSOE би паднала на третото, првпат во историјата, преценуваат кај социјалистите. Дел од пратениците PSOE се противат на воздржувањето од гласањето, вклучително и Санчез, но доколку гласаат поинаку би можело да бидат казнети според прописите на партијата./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

