Европа
Рахој вели дека е отворено ’поглавје на дијалог’ со Каталонија
Шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави во средата дека ново „поглавје на дијалог“со покраината Каталонија е отворено откако овој регион на североистокот од Шпанија се откажа од референдумот за независност на 9-ти ноември
Шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави во средата дека ново „поглавје на дијалог“со покраината Каталонија е отворено откако овој регион на североистокот од Шпанија се откажа од референдумот за независност на 9-ти ноември
Сепак, шпанскиот премиер Маријано Рахој се закани дела ќе го блокира одржувањето на необврзувачкото советодавно гласање кое Каталонија има намера да го спроведе во истиот термин кога требаше да се одржи референдумот, доколку и тој се покаже за незаконит.
Кон крајот на март годинава Уставниот суд на Шпанија делумно ја поништи декларацијата за сувереноста на Каталонија којашто ја изгласа тамошниот парламент во јануари 2013 година. Судот на 29-ти септември донесе одлука според којашто референдумот за отцепување не е во согласност со законот, како и дека регионот во составот на Шпанија не можат еднострано да распишуваат плебисцит за самоопределување.
Засега не е познато дали каталонските власти сакаат да ги отворат разговорите со централната влада во Мадрид, пишува AFP. Каталонскиот регионален претседател Артур Мас оцени во вторникот дека Шпанија станала „непријател“.
Претходно Мас изјави дека референдумот за независност, на кој Мадрид жестоко се спротиставува, нема да се одржи како што беше планирано на 9-ти ноември, туку дека наместо него ќе биде организирано консултативно необврзувачко гласање.
Во 2009 и 2010 година во Каталонија се одржа серија неформални референдуми во малите општини, за кои не се водеше кампања. Во едната серија, што се одржа на 12-ти и 13-ти декември 2009 година, учествуваа 27 отсто од вкупниот број гласачи, а од нив 94,9 отсто гласаа за независност на Каталонија.
Рахој, кој ја поздрави одлуката за повлекување на референдумот, изјави за новинарите во парламентот на Шпанија дека е „отворено поглавјето на дијалог“. Меѓутоа, најави дека ќе го блокира советодавното гласање, доколку постои и најмал знак дека тоа е спротивно на законот.
„Никој не смее да го крши законот, бидејќи тоа би претставувало крај на демократијата. Доколку утврдиме дека нешто, во гласањето, е незаконско, ќе мораме да се жалиме“, порача претседателот на конзервативната влада на Шпанија.
Партијата Esquerra Republicana de Catalunya, којашто ја заговара независноста и ја поддржува конзервативната регионална влада на Артур Мас, објави во вторникот дека ќе разгледува и други опции. „Мас ќе им понуди консултации на граѓаните“, повтори во средата портпаролот на партијата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Во Киев се урива споменик кој ја слави блискоста меѓу Русија и Украина
Властите на Киев во вторникот почнаа да го отстрануваат споменикот од советската ера што ја означува врската меѓу Русија и Украина, повеќе од две години откако Москва започна инвазија врз Украина.
Неколку дена ќе бидат потребни за целосно уривање на споменикот од црвен гранит, кој се состои од дваесетина поединечни елементи, соопшти градската управа.
Тоа е всушност група статуи кои прикажуваат украински Козаци кои го опкружуваат лидерот Богдан Хмелницки и московскиот амбасадор.
Статуите ќе бидат префрлени во воздухопловниот музеј.
Споменикот е изграден во 1982 година за да го одбележи „обединувањето на украинскиот народ со братскиот руски народ“ во 1654 година, кога Хмелницки склучил сојуз со рускиот император во борбата против полско-литванскиот сојуз.
Советските историски книги го романтизираа како почеток на нераскинливо пријателство меѓу Украина и Русија.
Европа
Белоруските спортисти одат на Олимписките игри, Лукашенко: Победете ги противниците
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска им порача на белоруските спортисти кои учествуваат на Олимписките игри во Париз под неутрален статус „да ги победат своите противници“.
„Ако сте избрале и одите таму под неутрален статус, истепајте ги, покажете им дека сте вистински Белоруси“, рече Лукашенко во соопштението за печатот на претседателството.
За време на посетата на регионот Могилев во Белорусија, жителите го прашале Александар Лукашенко што мисли за ова учество под неутрален статус, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на белоруското претседателство.
„Спортистот треба да избере. Доколку одлучи да учествува на Олимписките игри, ќе биде уште пожесток. Затоа што разбирате дека состојбата на умот и гневот не се од мала важност во спортот“, реагира Лукашенко. „Вие сте Белорусија и кога ќе излезете како победници, тоа е добар начин политички да ги удрите во лице“.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ги искорени сите форми на опозиција во неговата земја, потиснувајќи мирно масовно движење во 2020 година. Тој е навикнат и на широки изјави и испади, како на пример кога парадираше со калашников во раката пред демонстрантите кои се противат на неговото владеење, нарекувајќи ги „стаорци“. Во февруари 2022 година, тој ја отвори Белорусија за руската армија за да може да ја нападне Украина од север.
Белорусија беше исклучена како земја од Игрите поради нејзината поддршка за руската инвазија на Украина, а нејзините спортисти се натпреваруваат под неутрален статус, без химна, знаме или национални обележја.
Европа
(Видео) Полицијата го бркаше убиецот со меч низ Лондон, објавена е снимка
Би-би-си објави снимка на која се гледа лондонската полиција која го брка напаѓачот со нож, кој денеска уби 13-годишно момче и повреди неколку други.
На снимката се слушаат полицајците како им викаат на граѓаните: „Заклучете ги вратите“.
Полицијата смета дека не се работи за терористички напад.
Полицајците уапсија маж вооружен со меч по извештаите за сериозен инцидент со прободување во североисточен Лондон.
Со електрошокер бил совладан 36-годишниот маж кој мавтал со меч.
„Со голема тага можам да потврдам дека 13-годишното момче кое беше избодено, почина во болница набргу откако му биле нанесени убодите“, изјави началникот на лондонската полиција Стјуарт Бел.
Уште две лица и двајца полицајци се во болница поради убодни рани и се надвор од животна опасност.
„Не мислиме дека постои закана за пошироката заедница, полицијата не бара други осомничени и се чини дека овој инцидент не е поврзан со тероризам“, рече Бел.