Европа
Русија преговара со Киев, Црвениот крст и ОН за хуманитарната помош
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во неделата изјави дека Москва е во преговори со Киев, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и со Обединетите нации за испраќање хуманитарна помош во источна Украина каде ситуацијата на цивилното населени во бастионите на проруските бунтовници се оценува како критична.
„Сметаме дека сега приоритет да се постигне договор со украинската страна, Црвениот крст и хуманитарните агенции на ОН за потребата од итно испраќање хуманитарна помош во источните украински покраина Луганск и Донецк“, изјави за медиумите шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.„Сметаме дека прашањето е итно, не трпи одложувања и прашањето е под контрола на претседателот (Владимир Путин) на Руската Федерација. Очекувам дека ќе можеме да договориме доставување на помошта што е можно поскоро, до оние кои имаат неопходна потреба од неа“, изјави Лавров.„Во моментов сме во преговори со украинската страна, Црвениот крст и со хуманитарниот организации на ОН“, рече шефот на руската дипломатија.Прекинот на огнот кој би овозможил испраќање хуманитарна помош на населението, жртвите на судирите во источна Украина не само што е можен, туку е неопходно потребен, смета Лавров. „Станува збор којашто не поднесува чекање“, дополни во Сочи, пренесува Итар-Тасс. Аргументирајќи ја итноста од испраќањето на хуманитарната помош, Лавров им појасни на новинарите дека во Луганск нема електрична енергија и вода, како и дека болниците немаат доволно „дури и основни лекарства“. „Сево ова ја заострува хуманитарната ситуација, и јас буквално целите измината два дена зборував за тоа со министерот за надворешни работи на Украина и со државниот секретар на САД, шефот на британската дипломатија, и челникот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, како и со другите колеги“, рече Лавров.Луганск и Донецк се најголемите две бунтовнички упориште и последните неколку седмици траат жестоки судири во напорите на украинската армија да ја пресече територијата што ги поврзува и да продре во нивните предградија. Новиот премиер на самопрогласената Народна Република Донецк, етнички Украинец, Алескандр Захарченко, изјави дека е подготвен на прекин на огнот доколку украинската армија ги сопрат борбените дејствија кон градот за кој кажа дека е на работ од „хуманитарна катастрофа“, но истакна дека бунтовниците се подготвени да се борат бидејќи со „Киев не може да се разговара“, откако портпаролот на воената операција Алексиј Лисенко соопшти дека единствен услов за примирје е бунтовниците „да истакнат бели знамиња и да го положат оружјето“. Во Луганск, каде што за новинарите е невозможен пристапот, неколку дена нема електрична енергија, вода за пиење и телефонски врски, а резервите од гориво и храна се при крај./крај/мф/сн
Извор: Итар-Тасс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

