Европа
САД и ЕУ ја повикуваат Анкара на почитување на демократските права

Европската унија и САД ја повикуваа во понеделникот Турција да ги почитува демократските правила, владеењето на правото и да ја сочува стабилноста на земјата.
„Ние сме на страната на демократски избраната влада во Турција и ја повикуваме да го задржи мирот и стабилноста во земјата и да ги почитува демократските институции и владеењето на правото“, изјави американскиот државен секретар Џон Кери на прес-конференцијата во Брисел по средбата со министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија.
„Ние сигурно ќе го поддржиме изведувањето на виновниците за пучот пред суд, но исто така предупредуваме дека работите не смеат да излезат надвор од таа рамка“, истакна Кери.
Турските власти, имено, најавија дека по неуспешниот обид за воен преврат, се размислува за повторно воведување на смртната казна, укината во 2004 година.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини изјави дека ниедна земја со смртна казна не може да влезе во Европската унија.
„Ниедна земја не може да стане членка на ЕУ доколку ја воведе смртната казна. Турција исто така е членка на Советот на Европа и ја обврзува Европската повелба за човекови права, која јасно е против смртната казна“, рече Могерини.
На прашањето за можноста да биде испорачан исламскиот клерик Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во САД, а кого турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го обвинува да организирал обидот за пуч и бара негово предавање, Кери повтори дека „треба да се достават докази, а не наводи“.
Кери на заедничката прес-конференција со Могерини зборуваше и за Трансантлантското трговско и инвестициско партнерство (TTIP) за што преговараат двете страни. Истакна дека неговата влада се зазема за што поскорешно потпишување на овој договор.
„Тоа останува приоритет на претседателот Барак Обама и на нашата администрација и постои причина за тоа. Веруваме дека околу тоа постои некој вид мит и наша работа е соодветно да ги информираме луѓето за фактите што е TTIP“, рече Кери.
Според него, TTIP станува уште поважен во светот по излегувањето на Велика Британија од Европската унија./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Размислете внимателно за вашите капацитети за воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика сојузниците на Киев да ги преиспитаат своите капацитети за воздушна одбрана откако беспилотните летала, за кои Варшава тврди дека се руски, влегоа во полскиот воздушен простор.
Зборувајќи во Киев заедно со финскиот претседател Александар Стаб, Зеленски рече дека Украина е отворена и подготвена да ги поддржи сојузничките напори. Украина одби многу руски воздушни напади користејќи украинско и странско оружје, од митралези до напредни ракети.
Зеленски рече дека земји како Полска треба да размислат за слични повеќеслојни пристапи бидејќи ракетните системи како што е американскиот систем „Патриот“ се премногу скапи за употреба против поевтини руски беспилотни летала.
„Никој во светот нема доволно ракети за да собори сите различни видови дронови“, рече тој. Полска, со поддршка на сојузниците од НАТО, вчера собори неколку дронови што влегоа во нејзиниот воздушен простор.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како руска провокација насочена кон тестирање на одговорите на Полска и НАТО. Зеленски рече дека Украина, која развила софистициран домашен пристап за одбивање на руските напади, е во позиција да им помогне на своите сојузници во тоа.
Тој рече дека полскиот премиер Доналд Туск веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина за таа цел. Полските воени претставници ќе бидат обучени да соборуваат дронови, изјави извор запознаен со ова прашање.
фото: принтскрин
Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин