Европа
Самитот на ЕУ треба да го именува Јункер и покрај противењето на Камерон
Челниците на земјите членки на Европската унија ќе се соберат во четврток и петок на самитот на кој според најавите треба да го предложат долгогодишниот луксембуршки премиер Жан-Клод Јункер за нов претседател на Европската комисија и покрај жестокото спротиставување на Велика Британија.
Состанокот на врвот на шефовите на држави и влади на 28-те земји членки на Европската унија, овојпат ќе се одржува на две локации. Во четвртокот, на првиот ден од самитот, челниците ќе се состанат во Ипр, во северозападна Белгија, по повод одбележувањето на стогодишнината од почетокот на Првата светска војна. Околината на Ипр во оваа војна претставувала боиште на кое се водени неколку големи битки. Местото е познато и по тоа што првпат во историјата, од страна на германската армија во 1915 година првпат било употребено хемиско оружје – хлор, а во 1917 година и гасот како оружје – наречен иперит.
Европските челници во музејот во Ипр „Во полињата на Фландрија“, ќе учествуваат на церемонијата на одавањето почести на загинатите и на инаугурацијата „Клупи на мирот“ во градината на меморијалниот споменик Менин Гејт, Во градскиот совет во Ипр потоа е имаат неформална вечера на којашто ќе разговараат за стратешките приоритет за следните пет години.
Францускиот претседател Франсоа Оланд и италијанскиот премиер Матео Ренци бараат пофлексибилна фискална политика во однос на буџетскиот дефицит и државниот долг, како мерки за штедење кои не би оделе на штета на растот. Од друга страна, пак, германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека не доаѓа предвид промената на Пактот за стабилност на еврото и дека во рамките на Пактот има доволно флексибилност.
„Германската влада се согласува дека Пактот за стабилност и раст му дава одлични услови за поттик на растот и конкурентноста со јасни ограничувања, од една страна, и со многу инструменти за флексибилност, од друга страна. Мораме да ги користиме и едните и другите, како што беа користени и порано“, изјави Меркел во средата во германскиот Бундестаг (парламентот).
Спомнувањето на пофлексибилната примена на правилата за буџетскиот дефицит и државниот долг се толкува како гест кон италијанскиот премиер Матео Ренци, кој е претставник на левиот центар, за возврат тој да го поддржи Жан-Клод Јункер кој ја има поддршка од конзервативните и силите од десниот центар за нов претседател на Европската комисија.
Именувањето на новиот претседател на Европската комисија, според официјалната најава, на дневен ред е вториот дена од самитот. Иако за ова прашање вообичаено досега се одлучувало со консензус, британскиот премиер Дејвид Камерон најави дека ќе бара гласање, иако знае дека ќе остане во малцинство. На почетокот имаше неколку европски челници кои покажуваа разбирање за британските позиции, особено во тоа дека Европскиот парламент не може и да предлага и да го избира претседателот на Европската комисија, но постепено се откажуваа еден по еден, и во моментов покрај Камерон остана само унгарскиот премиер Виктор Орбан кој и натаму се спротиставува на именувањето на Јункер.
Со инсистирањето на гласање, очигледно е дека Камерон сака да добие поени кај британската јавноста, како и во редовите на неговата партија, којашто е изразено евроскептична. Камерон најави дека доколку победи на изборите следната 2015 година, до 2017 година ќе организира референдум за останување или излегување на Велика Британија од Европската унија, и тоа откако ќе ги испреговара новите односи меѓу Лондон и Брисел.
Јункер на почетокот од својата кампања за претседател на Европската комисија најави дека доколку биде избран, ќе се обиде да најде одговор на британското прашање и ќе постигне чесен договор со Лондон, но тоа воопшто не го ублажи противењето на Камерон. Британија проговара дека Јункер е старомоден политичар, заговорник на федерализацијата на Европа, како и дека не е во состојба да ги спроведе реформите какви што ги бара Лондон. Од друга, страна, не се ретки оние во ЕУ коишто сметаат дека да се бара претседателот на ЕК да не биде федералист е исто како кога од „папата би се барало да не биде католик“.
Прашањето за избор на челникот на ЕК по правилата кои успеа да ги наметне Европскиот парламент, односно претседателот на Комисијата да го дава онаа политичка групација којашто добила најмногу гласови на европските избори, е едно од клучните на кои челниците на ЕУ ќе мора да најдат решение. Без оглед на личноста на претседателот на ЕК, сега се поставува прашањето кој е изворот на демократскиот легитимитет во ЕУ, демократски избраните влади на земјите членки или Европскиот парламент избран на непосредни избори, но на кои излегуваат многу мал број избирачи. Од одговорот на тоа прашање, за што веројатно ќе биде потребно многу време, ќе зависи и насоката во којашто ќе тргна Европската унија.
Самиот Јункер, познат по својата смисла за хумор, на прашањето дали очекува да биде избран на овој самит договори дека ќе биде (избран) „доколку победи здравиот разум, но како што знаете здравиот разум не секогаш е рамномерно распореден“. Ако, како што се очекува, Европскиот совет го именува Јункер на овој самит, тогаш Европскиот парламент ќе го потврди на пленарната седница којашто ќе се одржи од 14-ти до 17-ти јули.
Според дипломатски извори од Брисел, на овој самит нема да се разговара за другите функции коишто треба да бидат пополнети до крајот на 2014 година, како што се претседателот на Европскиот совет, високиот претставника за заедничка надворешна и безбедносна политика и претседателот на еврогрупата, односно форумот на министрите за финанси на 17-члената еврозона.
Оттаму, се споменува и можноста да биде закажан и вонреден самит, кој би се одржал ден пред изборот на претседателот на Европската комисија, најверојатно на 16-ти јули, на кој би се одлучувало за имињата коишто би ја преземале оваа функција. Притоа, з анов претседател на Европскиот совет најчесто се споменуваат данската премиерка Хеле Торнинг-Шмид, за нов шеф на дипломатијата на ЕУ министрите за надворешни работи ан Холандија или на Словачка, Франс Тимерманс односно Мирослав Лајчак, а за шеф на еврогрупата шпанскиот министер за финансии Луис де Гуиндос.
Челниците на ЕУ во петок, на вториот ден од самитот ќе ги потпишат спогодбите за придружување со Украина, Молдавија и Грузија. Исто така, би требало и да го потврдат и кандидатскиот статус за Албанија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

