Европа
Се истражува како Абаауд можел да се врати од Сирија без да биде лоциран
Антитерористичките агенции на Франција и на Белгија ќе мора да утврдат и да расветлат како еден од водечките франкофонски џихадисти, Белгиецот со мароканско потекло Абделхамид Абаауд, кој е осомничен дека ги организирал терористичките напади од 13-ти ноември во француската престолнина Париз во кои беа убиени 129 луѓе а беше убиен во средата во северниот париски департман Сен Дени, можел да се врати од Сирија а никој да не дознае за тоа.
Со анализа на отпечатоците на прстите од изрешетаното со куршуми тело во средата во Сен Дени, по акцијата на француската полиција во зградата во којашто се забарикадираа џихадистите, во четвртокот се потврдени сомневањата на истрагата дека станува збор за Белгиецот Абделхамид Абаауд.Колку и претпоставките за престојот на ова лица во околината на Париз да изгледаше неверојатна, иследниците сериозно ја сфатија во понеделникот навечер, по исказите на сведоци кои ги наведоа на трага којашто води до стан во центарот на Сен Дени. Потоа следел неколку проверки, па дури и по телефон, пренесува AFP.Од еден податок можело да се заклучи дека жена од семејството Абаауд, можеби била во тој сектор. Дали таа била бомбашката самоубиец која се разнела во станот? Полицајците кои ја извеле операцијата мислат дека самоубиецот без сомнение е жена. На аудио снимката која ја објавија повеќе интернет мрежи се слуша како со пискав глас двапати извикува „Тоа не е моето момче“. Меѓутоа, тешко е само со слушање да се потврди дека станува збор за женски глас. Конечниот одговор ќе биде даден од многу сложените научни анализи кои ќе бидат спроведени на останките од самоубиецот. Претходно во средата навечер, парискиот обвинител објави дека телото е многу тешко да се идентификува, по експлозијата.Меѓутоа, прашањето што ги преокупира и безбедносните служби, и медиумите и јавноста, е како Абаауд можел да се појави во Европа?! Во Белгија е осуден за тероризам и бил добро познат на службите, а француското правосудство го опишува како „организатор на многубројни планирани напади и изведени терористички напади во Европа“. Лице блиско на истрагата наведува дека неговиот телефон бил лоциран во јануари годинава во Грција, кога се спречени нападите од ќелијата во Вервиерс во Белгија. Оваа информација, како што изјави францускиот министер за надворешни работи Бернар Казнев, е добиена од служба на земја која не е во Европската унија, потсетува DPA.Абделхамид Абаауд или Абу Омар ал-Балџики (Белгиецот) кој бил познат и исламистичките активности на интернет, во февруари дал интервју за Dabiq, дигиталното списание на Исламската држава на англиски јазик. Во него вели дека во Белгија успеал да влезе со уште двајца Белгијци за да „спроведуваат теророт над неверниците“. Нивното патување се протегнало на неколку месеци, а двајцата негови сопатници биле убиени од белгиските безбедносни служби на 16-ти јануари, според неговиот исказ. Меѓутоа, тој успевал да „ѝ се лизне од рацете“ на полицијата. „Моето име и фотографија беа во сите весници, но успеав да останам во земјата, да планирам операции и жив и здрав да заминам кога тоа беше неопходно“, вели Абаауд во споменатото интервју.Но дали тој бил сам? Каде се движеле сириските џихадисти а да не го привлечат вниманието? Како еден од нив, Сами Амимур, сослушан поради тоа што изразил желба да замине за Јемен, можел да замине и да се врати, а да не биде забележан? Зошто Белгијците не ги предупредиле Французите дека браќата Абдеслам, припадници на групата којашто ги изеде нападите во Париз, биле на нивниот список терористи?, се прашањата кои деновиве се ројат во медиумите. Ниедна европска земја не објави никакви информации за Абделхамид Абаауд пред неговото доаѓање во Франција, се пожали во четвртокот францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев.Натаму се наметнуваат и прашањата: Каква била ролјата на Абаауд на 13-ти ноември? Дали тој ги координирал нападите кои биле темелно извршени и планирани? Дали директно учествувал, како еден од напаѓачите на терасите (од кафулињата)? Иследниците ќе се обидат да утврдат дали неговата ДНК или отпечатоци од прстите се на еден од трите „калашникови“ пронајдени во автомобил на напаѓачите.Во средата се уапсени седум мажи и една жена. Тројца од нив, меѓу нив жената и ранет маж, можеби имале улога при изнајмување на станот. Идентитетот на другите петмина се проверува. Ниеден од нив не е Салах Абдеслам, помладиот брат на Браим Абдеслам кој се разнесе во улицата Волтер.Министерот Казнев изјави дека полицијата го поврзувала Абаауд со неколку спречени напади во Франција претходно годинава. Тие напади вклучувале напад во април врз црквата во париското предградие Вилежуиф, додека сé уште се истражува неговата можна поврзаност со пукотниците во август врз брзиот воз „Thalys“ од Брисел за Париз, кога патниците меѓу кои и неколку американски маринци на отсуство го онеспособија напаѓачот, Мароканецот Ајуб ал-Казани да изврши масакр вооружен со автоматска пушка и нож.„Од шест терористички напади коишто француските безбедносни служби ги спречија од пролетта 2015 година, се чини дека Абаауд бил поврзан со четири напади“, реле Казнев./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.
Европа
Литванскиот претседател: Дијалогот со Путин е илузија, Кремљ не сака мир
Литванскиот претседател Гитанас Науседа изјави дека Европа мора да биде подготвена за долгорочната закана од Русија и дека Москва нема намера да застане дури ни по војната во Украина. Во интервју за „Киев пост“, тој рече дека „империјалните амбиции“ на Русија се трајни и дека Европа мора да изгради „ѕид на одвраќање“.
„Ситуацијата е сложена и полна со предизвици“, рече Науседа, додавајќи дека клучната разлика од минатото е што Литванија сега е дел од НАТО и ЕУ. „Членството во Европската унија е „за подобар живот“, а членството во НАТО е „за цел живот“, рече тој. Тој нагласи дека заканата од Русија нема да се повлече со крајот на војната во Украина.
„Империјалните амбиции на Русија нема да исчезнат откако ќе заврши војната во Украина. Заканата ќе остане“, рече тој. „Можеби следниот пат целта нема да биде Украина, туку источниот дел на ЕУ или ЕУ како целина. Мора да бидеме подготвени. Мора да изградиме ѕид на одвраќање“, рече тој.
Зборувајќи за војната во Украина, Науседа рече дека не е оптимист за брзо решение. „САД се клучниот актер тука и само тие можат да ја турнат Русија во ќош и на преговарачката маса“, рече тој. Тој нагласи дека Русија, според него, нема намера да ја заврши војната. „Гледам дека Русија апсолутно нема намера да ја заврши оваа војна.
Тие си играат за време за да заземат повеќе украинска територија“, рече тој. Додаде дека Русија напаѓа цивили и инфраструктура и ја „оружува“ зимата, што го опиша како „длабоко циничен“ пристап. Тој рече дека нема големи очекувања за трилатералните разговори. „Од руска страна, гледам само имитација на преговорите и обиди за купување време“, рече тој.
Науседа рече дека некои во Европа ги повторуваат старите грешки кога верувале дека разговорите со Путин ќе дадат резултати. „Се сеќаваме на бројни средби и повици со Путин, а резултатот беше нула“, рече тој. Додаде дека Путин не ја гледа Европа како воена сила. „Тој не се плаши од Европа. Тој не се однесува кон Европа како кон партнер кого мора сериозно да го сфати. Тој се плаши само од Соединетите Американски Држави, а тоа е значајна лост“, рече тој.
Тој рече дека Европа треба да ги зајакне односите со Соединетите Американски Држави и да ја зајакне преговарачката позиција на Украина, наместо да се обидува директно да преговара со Москва. „Подобар пристап е да се координира со Соединетите Американски Држави и да се зајакне преговарачката позиција на Украина“, рече тој.
Науседа рече дека Литванија силно го поддржува проширувањето на ЕУ и пристапувањето на Украина. „Литванија е меѓу најсилните застапници за што е можно поскоро пристапување на Украина“, рече тој. Додаде дека Литванија предлага перспектива за членство за Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија до 2030 година, нагласувајќи дека датумот не е обврзувачки, туку политичка цел.
Зборувајќи за партиите и политичарите кои тврдат дека „ова не е наша војна“ и се залагаат за ресетирање на односите со Русија, Науседа рече дека е „штета“ што не научиле ништо. „Тие се однесуваат како деца и никогаш не растат“, рече тој, додавајќи дека војната не ја засега само Украина, туку претставува предизвик што Русија го фрла врз европскиот модел на управување, владеењето на правото и демократијата.

