Европа
Силна експлозија во Донецк, напад на руската граница
Силна експлозија во понеделникот го потресе Донецк, најголемиот град во кој рускојзичното население во источна Украина прогласи ткн Народна република, додека украинската армија објави дека имало напад во близина на руската граница во кој загинале најмалку двајца нејзини војници.
Градската управа на Донецк во соопштението објавено на нејзината интернет страница прецизира дека експлозијата се случила во близина хемиска фабрика којашто произведува експлозиви во близина на аеродромот кој барем половината е под контрола на украинската армија. Оваа фабрика инаку и пред еден месец цел на гранатирање од страна на украинската армија којашто започна да се повлекува од регионот.
Засега областа на експлозијата не е достапна и нема информации за евентуално настрадани или за материјална штета. Во раните попладневни часови одекнувала силен ракетен оган од правец на аеродромот, една од точките на кои се прекршува прекинот на огнот постигнат на 5-ти септември во белоруската престолнина Минск, пренесува AFP.
Еден од водачите на самопрогласената Народна република Донецк, ткн заменик на премиерот Андреј Пругин изјави за локалните портали дека имало експлозија во зградата во којашто тој бил на состанок.
Во меѓувреме донецките градски власти објавија дека од почетокот на воената операција на украинската армија од април биле оштетени 1.575 домови, од кои 700 се повеќекатници и повеќе од 800 се индивидуални живеалишта. Градските власти соопштија дека се обидуваат да ги поправат покривите и стаклените површини на домовите, бидејќи преку ноќта температурите паѓаат под нулата.
Во другото бунтовничко упориште Луганск, пак, тамошните локални власти соопштија дека за време на борбите биле во разни степени разурнати 2.500 домови.
Украинската армија соопшти дека одбила два напада крај Луганс. Во еден од тие напади загинале двајца припадници на украинските сили, прецизирал воениот портпарол.
Во судирите во источна Украина од април досега загинале повеќе од 3.700 луѓе а ранети се повеќе од девет илјади./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

