Европа
Сомнителен пакет со прав пронајден во Големата џамија во Брисел
Големата џамија во Брисел околу пладне во четвртокот беше опколена од полицијата, откако е откриен сомнителен пакет во кој се наоѓа непознат прав, а 11 лица се превентивно деконтаминирани, а истовремено полицијата соопшти дека ја завршила антитерористичката операција во општината Самбервил, во јужниот дел од земјата.
„Пронајден е пакет на влезот од џамијата и во него има прашкаста материја“, изјавила за AFP портпаролката на бриселските пожарникари и додала дека се преземаат сите превентивни мерки поради можноста дека станува збор за антракс.
Големата џамија, со којашто управува Саудиска Арабија, се наоѓа недалеку од седиштата на Европската комисија и на Европскиот совет. Две простории се изолирани и 11 лица се превентивно деконтаминирани. Станува збор за девет верници и двајца полицајци кои први интервенирале.
Еден верник изјавил дека „разговарал со луѓето во џамијата и оти му е речено дека имамот го нашол пакетот“.
И другите џамии во областа на главниот град на Белгија добиле закани, а особено џамијата во предградието Моленбек-Сен-Жан, каде се населени доселеници муслимани од северна Африка, и од каде потекнуваат главните осомничени за париските терористички напади од 13-ти ноември. Ова предградие на Брисел и изминатите години беше цел на полициски рации во потрага по радикални исламисти, при што имаше голем број апсења и неколкумина убиени осомничени.
Од почетокот на седмицата започнаа да пристигнуваат смртни закани упатени на муслиманската заедница во Белгија со потписот „Христијанска држава“.
Белгиската полиција во раните попладневни часови објави дека ја завршила антитерористичката операција спроведувана во јужната област Самбревил. Според телевизијата RTBF, целта на операцијата била трагање по докази, а не притворање на осомничени, какви што беа досегашните акции. Сé уште нема информации за резултатите од претресите.
Претходно беше соопштено дека во Белгија се трага по десет терористи кои се „тешко вооружени“.
Во Белгија во текот на изминатите две седмици извршени се голем број претреси и пребарувања во рамките на антитерористичките напори на властите. Во Брисел од саботата на сила е највисокиот 4-ти степен на тревога од можен терористички напад и е воведена вонредна состојба којашто ќе трае најмалку до понеделник 30-ти ноември, но од средата сепак беа отворени училиштата и подземната железница. Во градот се распоредени силни полициски единици, на кои им помагаат и војници. Во остатокот од земјата е воведено 3-то ниво од терористичка закана.
„Го задржуваме четвртото ниво, но, се разбира, ги преземаме сите неопходни безбедносни мерки и враќање на градот на нормалното живеење“, изјави за новинарите министерот за внатрешни работи, Јан Јамбон. Според него, нивото на закана се оценува независно од Координативниот центар за анализа на заканите, кој ги добива целосните информации за ситуацијата во земјата за текот на истрагите во врска со злосторнички активности.
Од 14-ти до 23-ти ноември на територијата на Белгија вкупно биле спроведени 50 антитерористички рации во коишто се уапсени 48 лица. Епицентар на полициските акции е северозападното бриселско предградие Моленбек-Сен-Жан, каде живее голем број доселеници од Марко.
Во овој кварт се криел осомничениот како организатор на париските атентати Абделхамид Абаауд, кој беше убиен од француската полиција во париското предградие Сен-Дени. Според достапните информации, тој бил лидер на терористичката ќелија во белгискиот град Вирвие и во јануари годинава, кога без убиени нејзини припадници, ја избегнал смртта благодарејќи на тоа што во тоа време престојувал во Сирија, каде се борел во редовите на екстремната сунитска организација Исламска држава./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

