Европа
Шпанците протестираат против ‘законот за замолчување’
Околу триесетина протести со учество на вкупно околу 50 илјади луѓе, според процените на организаторите, се одржуваат во вторникот ширум Шпанија во пресрет на стапувањето на сила на законот за јавна безбедност, кој противниците го нарекуваат „закон за замолчување“
Според демонстрантите, законот го „имплицира најсуштественото кратење на граѓанските права од моментот на воведување на демократијата во Шпанија“.
Кон крајот на март во шпанскиот парламент, каде што конзервативната Народна партија на премиерот Маријано Рахој има мнозинство, беше усвоен законот за јавна безбедност кој предвидува високи парични казни за изразување несогласување или недозволени протести на критички важни индустриски објекти, за нелегално производство, чување или користење оружје, за одржување акции и протести за кои властите нема да издадат дозвола кои претпоставуваат закана за безбедноста на граѓаните, за заслепување на пилотите или возачите на транспорти со ласери или други светлосни уреди…
Особено бурна дебата се разгоре за делот од законот кој овозможува итно протерување од територијата на Шпанија на имигранти кои нелегално ја минале државната граница, без да им се овозможи да аплицираат азил.
Шпанската опозиција поднесе жалба до Уставниот суд со барање да бидат прогласени за неуставни новите законски одредби. Законот за јавна безбедност на сила стапува од 1-ви јули, средата.
Преку целиот вторник низ цела Шпанија се одржаа протести организирани од страна на социјалните движења и левичарските партии. Први своето несогласување го изразија активистите на еколошката организација Greenpeace, кои истакнаа 32-метарски плакат над пратеничкиот дом, поставувајќи го на градежен кран.
„Овој закон е без основа, нема сериозни проблеми со јавната безбедност во Шпанија. Законот е осмислен преку глоби да ги замоли оние коишто ги критикуваат активностите на владата и последиците од социјалната криза, проблемите со животната средина и корупцијата, намалувањето на социјалните бенефиции и права, приватизацијата во сферата на јавните услуги“, изјави челникот на шпанскиот огранок на Greenpeace, Михел Анхел Сото.
Во ноќните часови во вторникот на централниот мадридски плоштад Нептун, започна масовен протест, на кој се собраа повеќе илјади демонстранти. Централен лик беше лав со затворена челуст, всушност копија на бронзените фигури на лавови кои се поставени пред пратеничкиот дом, кој демонстрантите го влечеа на платформа./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

