Европа
Шведска одбележа 30 години од атентатот на Улоф Палме
Шведска во неделата ја одбележа триесетгодишнината од атентатот врз премиерот Улоф Палме, кој ја шокираше во земјата и кој и ден денес остана нерешен случај.
Палме беше убиен во центарот на шведската престолнина Стокхолм на 28-ми февруари 1986 година додека пеш се враќал дома од кино, каде бил заедно со сопругата Лизбет, синот Мартен и неговата девојка. Во 23.11 часот маж му пришол од зад грб, пукал во него и побегнал, Улоф Палме е убиен, а Лизбет Палме беше полесно повредена. Двојката во тоа време немала телохранители.
Палме беше на чело на Социјалдемократска партија од 1969 година до смртта, а премиерската должност ја извршуваше до 1969 до 1976-та година, и во вториот мандат од 1982 до 1986 година.
„Неговото убиство и натаму е отворена рана. Не зацели и сé уште тагуваме“, изјави во неделата шведскиот премиер Штефан Ловфрен оддавајќи му чест на Палме на неговиот гроб, само неколку стотина метри од местото на кое беше застрелан.
Убиството на овој харизматичен политички челник ја потресе оваа скандинавска земја и покрена обемна потера, но истрагата за убиството била преполна со грешки. Ханс Меландер, кој денес го води тимот на полицијата за истата истрага, изјави дека две чаури на местото на убиството не ги пронашле полицајците, туку случајни минувачи. А тие две чаури биле во многу лоша состојба, така што било тешко да се поврзат со точно одреден тип оружје.
Во трите децении истрага „133 луѓе го признаа убиството“, вели Даг Андерсон, член на шестчлената Група Палме којашто работи на случајот во кој било разговарано со повеќе од десет илјади луѓе.
Меландер и натаму не се изјаснува во врска со тоа дали верува оти Палме бил жртва на заговор или на индивидуалец убиец. Меѓу трагите со кои се занимава полицијата беше и онаа за можна вклученост на владата на Јужноафриканската Република, бидејќи Палме упорно повикуваше на економски бојкот на тамошниот режим на апартхејдот.
Шведска во 2010 година донесе закон со кој се укинува 25-годишното ограничување за злосторства како што е убиство, па истрагата за атентатот над Палме можеше да „Случајот нема да се смета решен сé додека некој не биде осуден на суд“, изјави обвинителката Керстин Скарп.
Меѓутоа, Лизбет Палме и нејзиното семејство веруваат дека премиерот го убиј ситниот криминалец и зависник Кристер Петерсон кој е осуден, но и ослободен поради недостиг од докази, а почина во 2004 година. Петерсон беше идентификуван токму од Лизбет, но нејзиното сведочење се смета за неверодостојно, бидејќи полицијата во некои нејзини однапред дадени изјави ѝ сугерирала на кого од осомничените би требало да покаже./крај/мф/сн
Извор: DPA/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снег, дождови и силни ветрови предизвикуваат проблеми низ Европа
И денеска во Европа различни екстремни временски услови создаваат големи проблеми: снег и откажани летови во Холандија, забрана за товарен сообраќај во североисточна Франција, отежнат сообраќај на траектите во Грција и жолто предупредување во Велика Британија за снег, обилни дождови и силни ветрови.
Холандија
Невремето денеска предизвикува откажување и одложување на летови на аеродромот Шипхол во Амстердам – четири летови се откажани, а четири се одложени. Железничкиот сообраќај исто така е погоден: пријавени се задоцнувања на повеќе линии, додека сообраќајот меѓу Мастрихт и Лиеж е запрен до утре вечер. Снежните врнежи се очекуваат прво во северните, централните и источните покраини, а потоа постепено ќе преминат во дожд.
Франција
Околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36 на североистокот и на RN57 во департманот Дуб и Жира, поради снежните врнежи кои го погодија источниот дел од земјата. Патиштата се затворени за возила над 3,5 тони до утре. Минатата ноќ работеле само машини за чистење снег, а Црвениот крст им доставил храна за возачите на камиони.
Грција
Траектите денеска постепено продолжуваат со сообраќај, откако ветровите попуштиле. Повеќето линии започнале нормално да пловат од раното утро, особено од пристаништето Пиреј. Сепак, властите предупредуваат дека рути можат да бидат откажани поради брзо менливите временски услови. Снежни врнежи се очекуваат во северните и планинските области, а се прогнозира и нагло намалување на температурата.
Велика Британија
Во многу делови на земјата е во сила жолто предупредување за снег, силни ветрови, мраз, обилни врнежи и поплави. Ова се однесува на централна и североисточна Шкотска, од северно од Глазгов до Абердин, и е во сила до 14:00 часот денеска. Метеоролозите најавуваат можни силни дождови, силни ветрови и снег, но со благо зголемување на температурите.
Германија
По неколкудневната зимска бура „Ели“, ситуацијата денеска се подобрува. Метеоролошката служба ги укина претходните предупредувања за обилни врнежи. Снежните врнежи до вчера предизвикуваа откажување на возови, пролизгување на автомобили и опасен мраз на патиштата.
Европа
Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм
Метеоролозите предупредуваат дека Велика Британија треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура „Горети“ што ја зафати земјата.
За поголемиот дел од Британија е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз.
Бурата „Горети“ во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа.
Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата „Бритиш ервејз“ откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови.
Поради лошите временски услови, затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска.
Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба „Метео Франс“ утрово стави шест департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта.
Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност.
Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата „Горети“. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри.
Се очекува снежната покривка да достигне од седум до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри.
Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.

