Европа
Туск и Камерон без договор за британските барања

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и британскиот премиер Дејвид Камерон не успеаја во неделата вечерта во Лондон да се договорат за барањата на Велика Британија за останување во Европска унија, туку преговорите ќе ги продолжат следните 24 часа.
За состанокот со британскиот премиер Дејвид Камерон, првиот човек на Европскиот совет Доналд Туска извести на својот Twitter. „Нема договор. Интензивните разговори продолжуваат во следните 24 часа. Доколку постигнеме напредок, предлогот на членките на ЕУ ќе им го изнесам утре (понеделник)“, напиша Туск.
Пред работната вечера со британскиот премиер, Туск изјави дека ќе изнесе решенија за четирите барања коишто ги формулираше Камерон пред да го распише референдумот, кој го вети до крајот на 2017 година, на кој Британците би требало да се изјаснат дали сакаат нивната земја да остане или да излезе од Европската унија. Туск притоа истакна дека нема да има компромис кога станува збор за темелните слободи. Британските барања се однесуваат на конкурентноста, суверенитетот, социјалната сигурност и управувањето со економијата.
Камерон изјави дека е постигнат напредок во преговорите по неговиот состанок со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во петокот во Брисел, меѓутоа предупреди дека предлозите на ЕУ на неговите барања „сé уште не се доволно добри“.
Лондон постави четири барања реформи како услов за останувањето на Велика Британија во 28-члената Унија: да не се дискриминираат земјите кои не се членки на еврозоната, да се стави акцент на конкурентноста, да се обнови суверенитетот на земјите членки (на пример, со воведување на правото на националните парламенти на вето) и ограничувањето на доселувањето од новите земјите членки и од Европа.
Камерон сака да воведе четиригодишен мораториум пред секоја исплата на социјална помош на имигрантите од земјите членки на ЕУ кои доаѓаат да работат во Велика Британија, но ова барање, оценето како дискриминаторско, е во спротивност со слободата на движењето на луѓето и стоките, што се смета за една од основните придобивки и основни начела на ЕУ.
Британскиот премиер вети дека повторно ќе преговара за условите за британското останување во ЕУ пред одржувањето на референдумот до крајот на 2017 година. Но се шпекулира дека тој може да се одржи уште во текот на 2016-та, поточно во јуни, доколку Камерон постигне задоволителен договор на самитот со европските челници на 18-ти и 19-ти февруари, но извор близок на британската влада вели дека Камерон нема намера да брза да постигне договор./крај/мф/сн
Извор: BBC/DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Франција и Германија се мобилизираат; Макрон: Му дадов ветување на Туск

Франција денес соопшти дека одлучила да мобилизира три борбени авиони „Рафал“ за заштита на полскиот воздушен простор и источна Европа заедно со НАТО, по руските упади со беспилотни летала во Полска, додека Германија изјави дека ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО.
„Вчера му го дадов ова ветување на полскиот премиер Доналд Туск“, објави францускиот претседател Емануел Макрон денес на Икс, додавајќи дека разговарал и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со британскиот премиер Кир Стармер.
„Нема да попуштиме пред зголеменото заплашување од Русија“, рече тој.
Германија, исто така, ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО по инцидентот со дроновите во Полска, изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус.
Тој рече дека војската на германскиот Бундесвер ќе го прошири и продолжи својот воздушен надзор над Полска. Два борбени авиони „Еурофајтер“ на Бундесвер веќе извршуваат извидувачки летови над Полска, кои беа планирани до 30 септември. Тие полетуваат од нивната база во близина на северниот германски град Росток.
Мерц: Ова е сериозен инцидент, а не несреќа
Бројот на авиони сега ќе се удвои на четири, а извидувањето е продолжено најмалку до 31 декември, соопшти германското Министерство за одбрана. Канцеларот Фридрих Мерц вчера изјави дека не верува дека нарушувањето на полскиот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала е несреќа, туку инцидент што претставува многу сериозна закана за мирот во цела Европа.
Варшава регистрираше 19 нарушувања на својот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала завчера и вчера. Русија негираше одговорност за инцидентот. Полска беше поддржана од своите сојузници во НАТО во соборувањето на беспилотните летала, прв пат членка на воениот сојуз да отвори оган за време на војната на Русија во Украина.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како обид на Русија да го тестира одговорот на Варшава и НАТО. Советот за безбедност на Обединетите нации ќе се состане утре за да разговара за упадите на беспилотните летала во полскиот воздушен простор.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: Размислете внимателно за вашите капацитети за воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика сојузниците на Киев да ги преиспитаат своите капацитети за воздушна одбрана откако беспилотните летала, за кои Варшава тврди дека се руски, влегоа во полскиот воздушен простор.
Зборувајќи во Киев заедно со финскиот претседател Александар Стаб, Зеленски рече дека Украина е отворена и подготвена да ги поддржи сојузничките напори. Украина одби многу руски воздушни напади користејќи украинско и странско оружје, од митралези до напредни ракети.
Зеленски рече дека земји како Полска треба да размислат за слични повеќеслојни пристапи бидејќи ракетните системи како што е американскиот систем „Патриот“ се премногу скапи за употреба против поевтини руски беспилотни летала.
„Никој во светот нема доволно ракети за да собори сите различни видови дронови“, рече тој. Полска, со поддршка на сојузниците од НАТО, вчера собори неколку дронови што влегоа во нејзиниот воздушен простор.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како руска провокација насочена кон тестирање на одговорите на Полска и НАТО. Зеленски рече дека Украина, која развила софистициран домашен пристап за одбивање на руските напади, е во позиција да им помогне на своите сојузници во тоа.
Тој рече дека полскиот премиер Доналд Туск веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина за таа цел. Полските воени претставници ќе бидат обучени да соборуваат дронови, изјави извор запознаен со ова прашање.
фото: принтскрин
Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.