Европа
Уапсените исламисти во Шпанија планирале земање и ликвидација на заложници
Исламистите коишто претходно седмицава беа уапсени во источната шпанска покраина Каталонија, планирале да земат најмалку еден заложник и да го обезглават, а планирале и напад врз синагоги, врз административни згради и атентати врз политичари, пишуваат во петокот шпанските медиуми повикувајќи се на извори во обвинителството и истрагата.
Каталонската полиција во средата уапси 11 лица под сомнение за учество во група поврзана со џихадистичката терористичка организација Исламска држава. Оваа организирана група се занимавала со регрутирање млади луѓе од Шпанија за испраќање на боиштата во Сирија и во Ирак, преку Бугарија и Турција, а планирала и изведување терористички напади во Барселона и околината, и во покраината Тарагона. Станува збор за најголемата антитерористичка операција изведена на шпанска територија последните години.
Исламистите планирале да земат во заложништво барем еден човек, да го облечат во портокалов комбинезон, во какви што припадниците на Исламската држава ги облекуваат своите жртви, и потоа идентично да го обезглават, дознава весникот El Pais. Испрашувањето и егзекуцијата, исто така, имале намера да ги снимаат на видео, рекол соговорникот на весникот од обвинителството на Националниот суд на Шпанија.
Покрај тоа, според записите од прислушуваните телефонски разговори меѓу припадниците на приведената екстремна група, тие имале план да грабнат директор на некоја голема финансиска институција и за негово ослободување да бараат откуп.
Водачот на групата, Антонио Сајнц Мартинез, требало заедно со уште еден од приведените, Диего Хозе Фриас, кој имал крајно десничарски ставови, да подметнат експлозивни направи во објектот на Еврејската книжарница во Барселона, велат изворите на новинската агенција EFE. Покрај тоа, разгледувале и можности за напади врз синагоги и други објекти кои се често посетувани од Евреите.
Планирале и убиства на политичари и заземање згради на јавни институции. Како можни цели на нивните напади се наведуваат Парламентот на Каталонија, зградите на полициските управи во Барселона, банката Сабадел, како и хотел во каталонската престолнина. При претресите на приведените и местата на нивното престојување, биле откриени повеќе фотографии од споменатите локации направени од различни позиции.
Сепак, сите планови за операциите на групата биле „во раната фаза“, според неименуваните извори од канцеларијата на јавниот обвинител.
Од 11-те приведени, според одлуката на судијата Сантијаго Педрас, во притвор ќе останат седум лица. На тројца ќе им бидат одземени пасошите и ќе мораа да се јавуваат во судот. Уште еден член на групата, кој уште нема наполнето 18 години, ќе биде упатен на шест месеци во установа за малолетни деликвенти. Сите тие биле членови на организацијата „Исламско братство за проповед на џихадот“.
Планот за спроведување терористички акти во Шпанија, почнале да го разработуваат откако не можеле да воспостават мрежа за испраќање џихадистички борци од Иберискиот полуостров во Сирија и во Ирак. Имено три лица кои преку нив имале намера да ѝ се приклучат на Исламската држава, биле уапсени во Бугарија.
При претресите на различни локации во Каталонија било откриени огнено и студено оружје и гранати, како и инструкции за правење експлозивни направи и хемикалии за производство на експлозиви./крај/мф/сн
Извор: El Pais
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Дали ЕУ експресно добива нова членка? Политико: Референдум уште на лето
Исланд ја разгледува можноста за одржување гласање за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ уште во август, според два извори запознаени со подготовките за пристапување на земјата.
Оваа вест доаѓа во време кога проширувањето на ЕУ се чини дека повторно добива на интензитет, додека Брисел работи на план што би можел да ѝ донесе на Украина делумно членство уште следната година, а Црна Гора, како водечки кандидат, минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува Политико.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување, кои претходната влада ги замрзна во 2013 година, до 2027 година.
Сепак, временската рамка се чини дека се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според изворите, кои зборуваа под услов на анонимност. Овој потег следеше по серија посети на европски политичари на Исланд и исландски претставници на Брисел.
Доколку Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да се приклучат кон ЕУ пред која било друга земја-кандидатка, рече еден од испитаниците.
„Дебатата за проширувањето се менува“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, минатиот месец во Брисел.
„Сè повеќе станува збор за безбедност, припадност и зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет каде што се натпреваруваат различни сфери на влијание. Тоа е прашање за сите Европејци.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка, Криструн Фростадотир, во Брисел минатиот месец и рече дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.
Фон дер Лајен, која го посети Исланд минатиот јули, ја пофали земјата за зајакнување на соработката со ЕУ за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и планира нова посета на арктичкиот регион во март.
Европа
(Видео) Вилијам и Кејт го игнорираа прашањето што им беше поставено на БАФТА наградите
Принцот Вилијам и Кејт, принцезата од Велс, пристигнаа на доделувањето на наградите БАФТА во лондонската Кралска фестивалска сала во неделата вечерта, но нивното пристигнување имаше свои подеми и падови. Тие пристигнаа на црвениот тепих само три дена откако се појави веста дека Ендру Маунтбатен Виндзор е уапсен во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден.
За таа пригода, 43-годишниот Вилијам избра бордо кадифено сако, додека 44-годишната Кејт носеше долг, лелеав розов фустан. Организаторите го затворија црвениот тепих за да ѝ дозволат на двојката да влезе без други луѓе, но еден извик сепак одекна.
Prince William, BAFTA President since 2010, and Catherine, Princess of Wales arrive at the 2026 #BAFTAs. See all the red carpet looks: https://t.co/eLm0bmsH9f pic.twitter.com/0y1ymR9AT5
— VANITY FAIR (@VanityFair) February 22, 2026
Во еден момент, некој од публиката директно ги праша: „Дали монархијата е во опасност?“ Вилијам и Кејт не реагираа, само продолжија според протоколот.
Ова беше нивното прво заедничко појавување на БАФТА наградите по три години. Последен пат се појавија на црвениот тепих заедно во 2023 година. Вилијам дојде сам во 2024 година, а потоа рече дека неговата сопруга не може да му се придружи бидејќи се опоравува од лекување од рак. Минатата година, тие го пропуштија доделувањето на наградата, па нивното појавување во неделата го привлече вниманието на многумина.
Европа
Се состануваат европските министри: главна тема: Виктор Орбан
Во Брисел денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во сенка на блокирањето од страна на Унгарија на заем од 90 милијарди евра за Украина. Клучниот состанок и неговите импликации се главна тема на денешното политичко известување од срцето на ЕУ, објавува „Еуроњуз“.
Виктор Орбан вчера изјави дека Унгарија нема да ги продолжи испораките на дизел од Унгарија во Украина сè додека, како што изјави, Унгарија не добие пратки нафта преку Украина и дека ќе ја блокира европската помош за Украина во вредност од 90 милиони евра.
Друга важна тема на Советот е одлуката на Врховниот суд на САД за укинување на царините што ги воведе Доналд Трамп и како Европската Унија ќе одговори на нив. ЕУ веќе ги осуди новите американски царини и ги повика САД да го почитуваат веќе воспоставениот трговски договор.

