Европа
Убиецот од Минхен психички болен, наводно инспириран од Брејвик
Осумнаесетгодишниот убиец, кој во петокот вечерта во Минхен уби девет луѓе, бил психички болен и пред нападот проучувал некои слични убиствени походи, а полицијата нападот го поврзува со масакрот кој на исти ден пред пет години се случи во норвешката престолнина Осло, соопшти во саботата германската полиција.
„Убиецот има 18 години, тој се родил и израснал во Минхен. Ученик е, во неговиот стан, во неговата соба, каде што живеел, извршен е претрес. Како резултат на претресот не е пронајдена никаква поврзаност со Исламската држава“, изјави директорот на Полициската управа на Минхен, Хубертус Андре на прес-конференција пренесе телевизијата N-24
Полицијата претпоставува дека станува збор за осамен сторител, кој немал помагачи. Андре, исто така, ја исклучи и поврзаноста на нападот со актуелната тема на бегалците која длабоко го подели германското општество.
„Поврзаноста со масакрот во Норвешка се наметнува самата од себе“, изјави Андре на прес-конференција укажувајќи дека петочниот масакр се случи на петгодишнината од масакрот во Осло кога десничарскиот екстремист Андреас Меринг Брејвик уби 77 лица, главно млади левичарски активисти изразувајќи револт од доселеничката политика на левичарската норвешка влада.
„Извршителот веќе подолго време се интересирал за слични масакри“, изјави Андре. Истовремено потврди дека младиот Иранец се лекувал поради „психички проблеми“.
Истовремено тој рече дека напаѓачот кој се самоуби, најверојатно бил под опсервација на психијатар поради депресија. „Информацијата за можно психичко растројство треба уште да ја провериме, тоа е невозможно да се стори за една ноќ“, рече Андре замолувајќи ја јавноста за трпение.
Државното обвинителство претходно објави дека се лекувал поради „еден облик на депресија“.
Медиумите пишуваат дека извршителот на нападот е 18-годишниот Али Давид Сонболи, чии родители се од Иран, а претходно весникот Spiegel го идентификуваше како Давид С. Тој самиот поседувал и германско и иранско државјанство.
Напаѓачот во текот на пукањето врз случајните минувачи пред ресторанот за брза храна во близина на трговскиот центар „Олимпија“, според очевидци, извикувал пароли насочени против странците, но иследниците „не гледаат политички мотив“, како ниту некаква врска со „исламистичкиот тероризам“.
Полицијата објави во саботата дека ги прегледува сите видео снимки, а особено онаа на којашто се гледа напаѓачот и се слуша како разменува расни навреди и пцовки со друг маж. „Се обидуваме да утврдиме кој што рекол“, рече портпаролот на минхенската полиција.
Според медиумските извештаи, 18-годишниот Сонболи преку Facebook ги намамил жртви во еден од рестораните на „McDonalds“ нудејќи им бесплатни оброци. Седум од жртвите се малолетници. Меѓу убиените се и тројца Албанци од Косово, едно момче и две девојки, кои живееле во Минхен.
Челникот на минхенската полиција ги соопшти во саботата ажурираните резултати за жртвите од инцидентот. Вкупно, со напаѓачот, загинале 10 луѓе, најмногу малолетници. „Двајца имаат 15, уште тројца 14, еден 7, еден 19, еден 20 и еден 45 години“, прецизираше Андре.
Во нападот вкупно настрадале 27 лица, од кои четворица имаа огнострелни рани. Со тешки повреди се здобиле 10 настрадани, од кои и 13-годишно момче.
Откако во ресторанот за брза храна и во блискиот трговски центар убил девет и ранил уште 16 лица, од кои три се во критична состојба, убиецот во блискиот парк извршил самоубиство. Полицијата крај неговото тело нашла пиштол од марката „Glock“ со калибар 9мм и ранец полн со муниција, кој претходно бил проверен за можни експлозиви. Полицијата соопшти дека овој вид оружје е „многу популарно“ меѓу извршителите на слични убиствени походи, како и дека 18-годишникот дошол до него на „нелегален начин“.
Од своја страна, шефот на криминалистичката полиција на Баварија, Роберт Хајмбергер на брифинг со новинарите изјави дека пиштолот најверојатно е набавен нелегално, бидејќи од него бил избришан серискиот број.
Напаѓачот живеел заедно со родителите и братот во стан во Минхен. Според полицијата, родителите не се во моментов во состојба да дадат исказ.
Во петокот доцна попладнето, по првите информации за истрелите во трговскиот центар, се појавија и извештаи за слични напади и во центарот на градот, кои предизвикаа паника во Минхен, во која се полесно повредни неколку лица. Овие информации се покажаа неточни, како и првичните за тројца напаѓачи кои се базираа на изјави на очевидци./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.
Европа
Берлинскиот аеродром ги одложи сите полетувања поради снег и замрзнат дожд
Аеродромот во Берлин утрово соопшти дека сите полетувања се откажани поради временските услови, бидејќи свеж снег и замрзнат дожд го погодија регионот на германскиот главен град.
„Моментално нема полетувања на аеродромот Берлин-Бранденбург поради временските услови“, соопштија од аеродромот, објаснувајќи дека авионите не можеле да се одмрзнат поради дождот, кој веднаш се замрзнува.
Aufgrund der Wetterbedingungen sind derzeit keine Starts möglich. Bitte überprüfe den Flugstatus bei deiner Fluggesellschaft. pic.twitter.com/24cLdrNg5L
— BER – Berlin Brandenburg Airport (@berlinairport) February 5, 2026
Прекинот влијае само на полетувањата, а дојдовните летови сè уште можат да слетуваат, изјави портпаролката. Не е познато колку долго ќе бидат запрени полетувањата.
Затоа, патниците можат да очекуваат откажувања на летови и значителни доцнења и им се препорачува да ја проверат состојбата на своите летови кај авиокомпаниите.
Германската метеоролошка служба (DWD) предупреди на висок ризик од опасни ледени услови во Берлин поради замрзнат дожд и мраз.
Европа
Зеленски: Се надевам дека војната во Украина ќе заврши следната година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека завршувањето на војната е врвен приоритет на Украина и изрази надеж дека мирот може да се постигне во текот на следната година преку активни дипломатски напори и преговори. Во интервју за француската телевизиска станица Франс 2, Зеленски ја нагласи посветеноста на неговата администрација на мирно решение.
„Навистина се надевам дека за една година ќе има мир во Украина. Ќе направиме сè што можеме. Ова е наш приоритет, мој и на мојот тим. Мојот тим во моментов преговара. Наш приоритет е да ја завршиме оваа војна“, рече Зеленски.
Зеленски нагласи дека Русија се обидува да ги претстави своите ултиматуми како потрага по компромис, а во исто време продолжува да напаѓа цивили и да користи студено оружје како оружје.
Тој рече дека колку повеќе цивили убива Русија, толку е подалечна можноста за постигнување вистински договор.
Тој нагласи дека дипломатскиот пат не значи капитулација или прифаќање на руските ултиматуми, нагласувајќи дека барањето на Москва за повлекување на украинските сили од Донбас е „црвена линија“.
Зеленски истакна дека дури и „замрзнувањето“ на фронтовската линија на нејзините сегашни позиции би било „огромна отстапка“ од страна на Украина, но рече дека останува подготвен за дијалог за зачувување на независноста на земјата.
Коментирајќи ја иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за продолжување на дијалогот со рускиот лидер Владимир Путин, украинскиот претседател рече дека разговорите се можни, но само „под одредени услови“. Тој додаде дека притисокот врз Русија сè уште не е доволен и дека Путин во моментов ги користи преговорите за да ја понижи Европа, а не во потрага по мир.
Во истото интервју, Зеленски откри дека 55.000 украински војници загинале во четири години тотална војна, додека значителен број ветерани сè уште се водат како исчезнати. Една година претходно, во интервју за Ен-би-си, тој објави повеќе од 46.000 воени жртви.

