Европа
Украина: Русија на границата меѓу Крим и Украина има распоредено 4.000 војници

Украинската влада во четвртокот соопштила дека Русија распоредила околу четири илјади војници кои се стационирани на Крим, на границата со Украина.
„Според информациите со кои располагаме, голем број воени единици на Руската Федерација се стационирани на северот од окупираниот Крим…тие се префрлени на административната граница со Украина, заедно со големи многу опрема и муниција“, изјавил портпаролот на Националниот совет за безбедност и одбрана, Андриј Лисенко, пренесуваат украинските медиуми.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, изјавил во вторникот дека заострувањето на ситуацијата во Украина како и зголеменото странско воено присуство во близина на руската граница, предизвикале модификување на активностите на командата на Јужниот воен округ, а еден од приоритетите на командата станало распоредување „комплетни самодоволни воени групации во кримски правец“.
„Голем дел од причините за ваквата олука е поврзано со ширењето на територијата по стапувањето на Крим во составот на Русија. Покрај тоа, дојде до се позасилено заострување на ситуацијата во Украина при што зголемено е странското воено присуство во непосредна близина на нашата граница. Таквиот тек на работите внесе одредени корекции во секојдневните активности на командата на Округот“, рекол Шојгу.
Агенцијата Интерфакс потсетила дека во јули годинава имало информации за постепено зајакнување на военото присуство на Русија во Крим, кога беше планирано зголемување на крајбрежните и морнаричките единици во Црноморската флота на Русија.
Кон крајот на пролетта беа изведени обемни вежби на Јужниот и Западниот округ, недалеку од руско – украинската граница. Тогаш Шојгу одржувањето на овие вежби директно ги поврза со кризата во Украина потсетува Интерфакс./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото+видео) Опасна бура во Словенија: паѓаше град со големина на јајце, издадено портокалово предупредување

Словенија е погодена од силни бури придружени со силни налети на ветер, поројни дождови и град.
Сообраќајот во земјата е забавен, а Агенцијата за заштита на животната средина издаде портокалово предупредување за целата територија.
Од агенцијата посочуваат дека поради дождот може да дојде до задржување на вода и зголемување на реките.
На објавите на социјалните мрежи се гледа дека паѓал град со големина на јајце.
Според објавите и коментарите, најлошото било околу Шемпетер во долината Савиња.
Како што јавува ТВ Словенија, во текот на вечерта бурата постепено ќе ослабне , најдоцна на истокот од земјата.
Бура пристигнува и во Хрватска
Силна бурна ќелија, која пристигна преку брегот од Италија, се движи кон внатрешноста на Хрватска, придружена со врнежи од дожд, силни налети на ветер и локален град.
Водна пијавица е снимена над морето во близина на Умаг. Се очекува активноста на бурата дополнително да се интензивира во наредните часови.
Управата за заштита на животната средина издаде портокалова тревога за регионите Риека, Карловац и Загреб поради локално можни грмотевици со привремено силни до бурони ветрови, а можна е и појава на град.
Европа
Колона долга околу 700 километри забележана на автопат во Франција

Колона долга речиси 700 километри е забележана денеска на автопат во Франција, додека вкупната должина на сите колони на патиштата во земјата изнесуваше 1.051,6 километри во време на зголемен сообраќаен интензитет поради летните одмори и смената на туристи, што колоквијално се нарекува „Црна сабота“.
Како што извести BFM TV, сообраќајот на патиштата во Франција дополнително бил забавен поради две сообраќајни несреќи на автопатот кон Медитеранот и Атлантскиот Океан.
Според податоците на Bizon Futé, француската агенција за следење на состојбата на патиштата, до 7 часот утрово колоните биле подолги од 200 километри, а до 10 часот веќе надминале 570 километри.
Како што беше соопштено, гужвите се во согласност со прогнозите на агенцијата, која предупреди на „исклучително тешки сообраќајни услови“ за оваа сабота, а врвот на метежот се очекува околу пладне.
Сообраќајот во правец кон Алпите исто така е интензивен и загушен, со задржувања од час и 45 минути во тунелот Мон Блан во правец кон Италија
Европа
Финска, Норвешка и Шведска под жештина невидена од 1961 година

Земјите од Северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени Целзиусови во подолг временски период.
Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрирале температури над 30 степени Целзиусови дури 13 дена во јули, додека Финска имала три последователни недели со температури од 30 степени, пишува денес британскиот „Гардијан“.
Според научниците, тоа е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година, а трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.
„Топлотниот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони забележаа три недели со температури над 25 степени и може да ги соборат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени се регистрирани 12 дена во јули во најмалку една станица во трите најсеверни покраини на Норвешка.
Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повеќе 14 дена по ред.
Овие топлотни бранови, кои ја погодија северна Европа кон средината на јули, беа предизвикани од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги покачија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.
Поради интензивен топлотен бран, лизгалиште на мраз во северна Финска ги отвори вратите за луѓе кои бараат засолниште од жештината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на смртта од жештината.