Европа
Украина тужи француска телевизија за документарец за мајданските настани
Украинската комисија за етика во медиумите ќе ја предаде на суд француската телевизија Canal+ поради емитувањето на филмот посветен на настаните на киевскиот Плоштад на независноста (Мајдан) со кои беше соборен од власт прорускиот претседател Виктор Јанукович, соопшти во четвртокот оваа организација.
„Комисијата за етика во медиумите побара од француските колеги од Сојузот на независни медиумски совети на Европа со тужба против дејствијата на телевизијата Canal+ и режисерот Пол Мореира (кој се претставува како новинар). Тужбата се однесува на содржината на филмот ‘Специјална истрага. Украина Маски на револуцијата’“, се истакнува во соопштението.
Комисијата, исто така, бара да се разгледа и да се даде оцена за усогласеноста на нормите на професионалната етика во дејствијата на новинарот и уредникот, кои ја подготвиле и донеле одлука за емитување на содржината. Како што истакнува секретарката на украинска комисија за етика во медиумите, Татјана Котјужинска, францускиот медиумски совет изразил подготвеност да ја разгледа тужбата.
И покрај притисокот на украинските власти, на 1-ви февруари францускиот телевизиски канал Canal+ сепак го емитуваше спорниот документарен филм, кој ги следи настаните во украинската престолнина Киев во почетокот на 2014 година и промените кои настанаа во земјата.
Во анализата на настаните на Мајдан, Мореира го поставува прашањето „Кој се креи зад маските на револуцијата?“ и доаѓа до заклучокот дека народните немири во своите интереси ги искористиле националистичките групации, како на пример Десниот сектор.
Неговата екипа успеала да сними и логор за обука на борците на доброволечкиот баталјон „Азов“, чии припадници гордо се снимале со портрети на Хитлер. Во филмот изјава дава и млад Французин кој се борел како доброволец во источна Украина против рускојазичните одметнати украински региони, и ијзавува дека е „восхитен од Мусолини“.
Мореира, исто така, го поставува прашањето за улогата на САД во евентаулната организација на немирите во Киев и други украински градови, имајќи предвид дека бројни највисоки американски фунцкионери во тој период често престојуваа во Украина, како потпретседателот Џозеф Бајден, сенаторот Џон Меккејн, поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус или помошничката во Стејт департментот, Викторија Нуланд.
Забележително е дека ниеден од нив не сакал директно да одговори на прашањето на францускиот новинар за ксенофобичната матрица на „Десниот сектор“, кој, како што истакнува Мореира, „никако не се совпаѓа со декларираните демократски вредности на земјите во Европа“.
„Новите власти во Киев, целосно го променија претходниот политички курс и потполно се свртеа кон САД. Но, на крајот, се добива впечатокот дека Украина е пион во геополитичките игри на САД против Русија“, заклучуваат авторите на филмот.
Во филмот, исто така, особено внимание му е посветен на пожарот во Домот на синдикатите во пристанишниот град Одеса, во кој загинаа 42 припадници на таму големата рускојазична и руска заедница кои протестираа против воените операции во источните украински русофони региони, и се укажува на улогата на украинските националистички групи во трагедијата и се констатира дека тоа „нема ништо заедничко со демократијата“
И пред премиерата овој филм беше жестоко критикуван од претставниците на украинските прозападни власти кои дојдоа на власт токму по киевските безредија во кои животите ги загубија повеќе од сто луѓе.
„Примитивна новинарска манипулација. Телевизијата би требало да се воздржи од емитување на тој филм“, напиша на својата страница на Facebook, амбасадорот на Украина во Франција ,Олег Шамшур. Според дипломатот, ставот на авторот, а со тоа и самиот документарен филм, не може да се смета за истражувачко новинарство./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

