Европа
Украинската армија се повлече од терминалот на аеродромот во Донецк
Единиците на украинската армија повторно се повлекоа од новиот терминал на аеродромот во Донецк, што беше нивната главна позиција околу кој се водеа жестоки борби со рускојзаичните бунтовници, соопшти во четвртокот портпаролот на украинската воена операција на истокот од земјата, додека челникот на самопрогласената ткн Народна република во Донецк најави дека бунтовниците ќе ја „поместат“ предната линија на фронтот за да се отстранат гранатирањата и нападите врз градот.
„Поради нападот од сите страни изминатата ноќ одлучено е да го напуштиме новиот терминал“, објави портпаролот Владислав Селезнов на прес-конференцијата во Киев. Според него, борбите и натаму се водат околу аеродромот. Кажа, исто така, дека во последните 24 часа загинале десет украински војници, пренесува AFP.
Аеродромот Донец беше сцена на жестоки судири од април 2014 година кога со десант го заземаа специјалните сили на украинската армија. Рускојазичните бунтовници кои контролираат дела од авионот на 15-ти јануари покренаа офанзива за да ја преземат цел,осно контролата над последните позиции на украинската армија. Претходно соопштија дека оставиле коридор за повлекување на украинските војници од аеродромот, но дека властите во Киев, напротив, довеле свежи единици на боиштето.
Украинските сили во неделата успеале да отфрлат напад на бунтовниците благодарејќи на засилувањето во тенкови, пренесува AFP. Меѓутоа, подоцна се случија гранатирања врз станбени населби во Донецк, со десетици цивилни жртви.
„Аеродромот е и останува линија на фронтот. Не успеавме да ја задржиме контролата врз урнатините на новиот терминал. А момците во приземјето … пролеаја крв, ги дадоа и телото и душата. Пред два дена ја достигнаа својата граница“, напиша на својот профил на Facebook, Јуриј Бирјуков, советник на Петро Порошенко, пренесува Reuters. Андриј Билетски, командант на доброволечкиот баталјон „Азов“ потврди – „Го загубивме аеродромот“.
Во меѓувреме претседателот на самопрогласената Народна република Донецк, Александр Захарченко изјави дека бунтовниците имаат намера да ја преместат првата линија на фронтот за да се избегнат нападите врз градот кој е најголемото упориште на рускојзаичните бунтовници во источна Украина.
„Ќе ја поместиме првата линија на фронтот за да не можат да го гаѓаат Донецк“, изјави за РИА Новости во четвртокот Захарченко.
Претходно во четвртокот беше објавено дека во бомбардирање на градот Донецк, настрадала уште една цивилна цел – тролејбус, при што според последните информации животот го загубиле 15 луѓе, а десетици се ранети, и според градските власти сите се возрасни.
Украинскиот премиер изнесе Арсениј Јаценјук изнесе монструозно сценарио според кое проруските бунтовници самите го гаѓале тролејбусот. „Денеска руските терористи сторија ужасно злосторство против човечноста. Русија е договорна за тоа“, вели Јаценјук, пренесе Reuters.Во средата доцна ноќта во гранатирањето на станбена населба меѓу аеродромот и Донецк беше погоден автобус во кој загина најмалку едно лице.
Доцна ноќта кон четвртокот шефовите на дипломатиите на Украина, Русија, Германија и Франција во германската престолнина Берлин направија обид да ја намалат спиралата на жестоко насилство во источните украински региони. Германскиот министер Франк-Валтер Штајнмаер по средбата изјави дека е постигнат договор за воспоставување безбедносна зона меѓу украинската и проруските сили.
„Постигнавме договор околу демаркациската линија на раздвојување, во согласност со договорот од Минск, а од овој момент двете страни мора да ја повлечат тешката артилерија зад таа линија. Секако, целосниот прекин на огнот зависи од спроведувањето на овој договор“, изјави ноќта кон четвртокот шефот на германската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмаер.
„Најважната одлука која беше донесена денеска, изразена во заедничката изјава одобрена како резултат од средбата, е моќната поддршка на задачата за итно отстранување на тешкото оружје од линијата на контактот, којашто е утврдена со Минските спогодби, особено од меморандумот од Минск од 19-ти септември“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

