Европа
Уште 200 украински војници се очекува да минат на руска територија
Уште 200 украински војници наскоро може да се префрлат на руска територија, изјави за РИА Новости Василиј Губарев, претставник на покраинската влада на Ростовската област којашто граничи со Донецкиот регион во источна Украина каде се водат жестоки борби меѓу украинската армија и проруските бунтовници, откако претходно ноќта кон понеделникот над 400 украински војници спасот од опкружувањето на бунтовниците го побараа на руска територија.
Ноќта кон понеделникот на територијата на Русија преминале 438 украински војници меѓу кои и 64 граничари, за кои штабот на воената операција во Киев што ја спроведува операцијата во источните делови од земјата соопшти дека останале во опколување на бунтовниците без воена техника и муниција. Руската страна, пак, соопшти дека пред да биде отворен коридорот до руската граница преку областите коишто ги контролираат бунтовниците, украинските војници сами го уништеле оружјето и муницијата.
Како и во претходните случаи, украинските војници се сместуваат во специјално поставен камп каде што се снабдуваат со храна и пијалаци. Подоцна во текот на денот околу 180 војници кои изразиле желба да се вратат во татковината ќе им бидат предадени на украинските власти преки граничниот премин „Матвеев-Курган“
„Ноќеска минаа 438 украински војници, а наскоро може да дојдат уште 200“, според Губарев.
Додал дека од почетокот на воената операција на украинската армија во источниот дел на земјата границата кај Ростовската област ја минале околу половина милион луѓе. Од нив околу 300 илјади останале, а во самиот регион околу 150 илјади.
Според официјалните бројки, пак, во моментов во Ростовската област престојуваат 46 илјади државјани на соседна Украина, кои почнале да пристигнуваат од почетокот на јуни.
Претходно во неделата агенцијата Итар-Тасс јави дека уште 12 украински војници го положиле оружјето и ја минале руската граница. Беше појаснето дека станува збор за припадници на 72-та моторизирана бригада на украинската армија чии припадници масовно а преминаа границата и во понеделникот. Двајца украински граничари, пак, исто така минале на руска територија и побарале руско државјанство.
На 27-ми јули, покрај повеќето поединечни примери, се случи најмасовното преминување на украински војници на територијата на Русија, кога 41 војник ги напушти своите единици и од бунтовниците побараа да им помогнат да дојдат до руската територија кај истоимениот руски град Донецк.
Според извори од руските безбедносни служби на Итар-Тасс, украинските војници кои кон крајот на јули преминаа во Русија изјавиле дека „не сакаат да војуваат против сопствениот народ“. Повеќето од нив биле мобилизирани во Украина и побарале преку Русија да се вратат во татковината, и покрај тоа што таму ги очекува повикување на одговорност поради дезертирање./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

