Европа
Видео: Фотографии од соборувањето на малезискиот авион прикажани на руска ТВ?
Руската државна телевизија емитуваше сателитски фотографии за којшто се тврди дека се доказ на тврдењата на Москва дека украински воен авион го соборил малезискиот патнички авион МH17.
Неколку западни коментатори кои ги проучиле фотографиите, меѓутоа тврдат дека снимките се лажни. На фотографиите, коишто наводно ги снимил западен сателит, се гледа како авион ловец испалува проектил кон патничкиот авион над источна Украина, на местото каде е соборен малезискиот авион на 17 јули, каде загинаа сите 298 патници и членови на екипажот.
Москва тврдеше дека авионот е погоден од проектил испален од украински воен авион, додека заадните функционери тврдеа дека авионот е соборен со ракета земја-воздух од руско производство, којашто ја испалиле проруските сили во Украина.
Фотографиите прикажани синоќа во ТВ емисија, наводно им ги испратил Џорџ Билт кој се претставил како дипломец на Институтот за технологија во Масачусетс кој веќе 20 години работи во авиониндустријата.
Билт наводно ги испратил снимките на имејлот на Иван Андриевски, прв претседател на Руската унија за инженери. „Располагаме со сензационални фотографии коишто најверојатно ги снимил странски шпионски сателит за време на последните секунди од летот на малезискиот „боинг“ над Украина. Сликите се доказ за теоријата која Запад не сака да ја слушне“ изјави водителот на емисијата.
Фотографиите, меѓутоа, во светот се дочекани со скептицизам, наведува Би Би Си. Би и СИ пренесува дека експерите коментираат дека логото на малезиската авиокомпанија е на погрешно место на леталото, кое повеќе личи на „боинг 767“ отколку на соборениот „боинг 777“.
Воениот авион, според наводите на неименувани експерти, не личи на „Su 25“, за којшто руските медиуми тврдат дека го гаѓал патничкиот авион. Има и тврдење дека обликот и распоредот на облаците на фотографиие покажува дека за нивна монтажа е користена снимка од Google earth од август 2012./крај/тј/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

