Европа
Во Франција објавени првите резултати од истрагата за нападот во Ницa
Парискиот државен обвинител Франсоа Молен, кој ги води истрагите поврзани со тероризмот, првпат во петокот вечерта се изјасни во врска со истрагата во врска со терористичкиот напад од четвртокот ноќта во Ница.
Во четвртокот малку по 22,30 часот, камион се залета во толпата луѓе на познатото Англиско шеталиште во Ница кои го следеа огнометот по повод францускиот национален празник Денот на падот на Бастилја -14-ти јули, по што возачот отворил оган.
Во нападот загинаа 84 лица, од кои 10 се деца и тинејџери. Повредени се уште околу 200 луѓе, од кои 52 се во критична состојба, од кои 25 уште се на одделенијата за интензивна нега. Според обвинителот Молен, станува збор за прелиминарни податоци, „кои може да се променат“.
Обвинителот ги потврди претходните извештаи на медиумите за идентитетот на напаѓачот. Станува збор за Мохамед Лауеиж Булел, роден на 3-ти јануари 1985 година во Тунис, кој живеел во Ница, работел како возач доставувач, женет и татко на три деца. Идентификуван е според личната и кредитната карта најдени во кабината на камионот и по проверката на отпечатоците на прстите.
Напаѓачот дејствувал сам
Според обвинителот Молен, напаѓачот дејствувал сам. Булел на 11-ти јули го изнајмил 19-тонскиот камион-ладилник, кој требало да го врати два дена подоцна, што не го сторил. Разгледаните видео снимки од надзорните камери на разни локации во Ница, покажуваат дека на 13-ти јули возилото било паркирано во квартот Ориол во источниот дел на градот. На 14-ти јули, пак, во 21,34 часот, Булел возел велосипед кој го натоварил на камионот, се качил во кабината и тргнал во западна насока.
Камионот повторно е забележан во областа Мањан околу 22,45 часот кога навлегол на Англиското шеталиште во Ница, каде во должина од два километра од адресата со бројот 11 до бројот 147 намерно прегазил голем број луѓе кои се собирале да го гледаат огнометот.
„Терористот неколкупати пукал кон полицајците во близина на хотелот ’Negresco’, полицајците одговориле на огнот и тргнале по камионот, чиј возач успеал да измени уште околу триста метри. Полицајците успеале да го неутрализираат во близина на хотелот ’Palais de la Méditerranée’, терористот починал на совозачкото седиште“, изјави обвинителот Молен.
Според истрагата, во кабината на камионот бил најден автоматски пиштол со калибар 7,65 мм, еден магацин за куршуми 7,65 мм и неискористени патрони од истиот калибар. Исто така, биле најдени и една копија од автоматски пиштол, две копии од автоматски пушки (АК и М16), копии од гранати и мобилен телефон.
Претходно веднаш по нападот медиумите, повикувајќи се на полициски извори, објавија дека камионот бил преполн со оружје, како и експлозивни направи подготвени за употреба.
Рецидивист, но не и радикал
Парискиот државен обвинител истакна дека Булел им бил познат на полициските органи според дела од сферата на закани, насилство, кражби и оштетувања на имоти, извршени во периодот меѓу 2010 до 2016 година. Од ткн Коректорен суд во Ница на 23-ти март годинава, тој би осуден на шест месеци затвор условно за насилство со примена на оружје од јануари годинава.
Претходно во петокот, министерот за правда, Жан-Жак Ирвоаз, коментирајќи го криминалното досие на Булел изјави дека казната му била изречена за физичка пресметка. „Станува збор за една караница на јавно место по сообраќајна незгода. Во текот на тепачката тој го нападнал противникот со дрвена палка, за што добил условна казна“, рече францускиот министер за правда.
„Притоа Булел воопшто не им бил познат на разузнавачките служби, и како на национално, така и на локално ниво немало ни најмала евиденција и податоци за негова радикализација“, изјави потоа обвинителот Молен.
Тоа се совпаѓа со медиумските извештаи објавени претходно во петокот. Според одредени информации на локалниот весник Nice Matin, францускиот државјанин од туниско потекло успеал пред една година да добие лиценца и да се вработи во една мала транспортна компанија. Се наведува, исто така, дека камионот со кој го изврши масакрот бил изнајмен пред два дена.
По потекло е од тунискиот градот М’сакена, кој последен пат го посетил пред четири години, десетина километри од градот Сус, каде што минатата година џихадистите извршија смртоносен напад врз туристи во хотелски комплекс при што беа убиени триесетина странци.
На француските власти им бил познат по прекршоци и како насилник, но не бил доведуван во поврзаност со радикали. И на туниските власти не им бил познат по радикални и исламистички ставови, изјави во петокот за Reuters извор од туниските безбедносни структури.
Истрагата, сепак, ќе истражува врски со терористи
И покрај претходно спомнатите сознанија за криминалното досие на Буел, Молен истакна, дека истрагата сé уште трага по неговите можни врски со екстремисти, и откривање причините или моментот од кој се радикализирал. Досега, инаку, ниедна терористичка групација не ја презема одговорноста за нападот во Ница.
„Дозволете ми да потсетам дека иако досега никој не ја презема врз себе одговорноста за вчерашниот терористички напад, дејствијата од таков вид одговараат и точно соодветствуваат на постојаните повици на терористичките организации на убиства во упатствата кои тие ги ставаат во многу текстови и видеа објавено од нив“, рече Молен.
Обвинителот најави и дека во сабота ќе бидат спроведени претреси на две адреси, а во моментов се одземени телефони, компјутери и мобилни носители на податоци кои се проучуваат. Исто така, утрото околу 11 часот била приведена и поранешната сопруга на Булел, која сега е во притвор./крај/мф/с
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

