Европа
Во Луганск за 24 часа најмалку 22 мртви
Дваесет идвајца цивили се убиени во последните 24 часа во минофрлачки оган на украинската армија врз источниот град Луганск кој повеќе од четири месеци е под контрола на ткн народни милиции на самоодбраната на самопрогласената Народна Република Луганск, пренесува AFP повикувајќи се на претставник на локалните власти.
„Во последното деноноќие, според прелиминарните податоци, убиени се 22 жители на Луганск“. Станува збор за напад со минофрлачи врз источните станбени населби на градот. Погодени се автобус, продавници и неколку станбени згради“, изјавил за агенцијата неименуваниот претставник на самопрогласената бунтовничка република.
Градската управа на Луганск тврди,пак, дека има „голем број ранети“ во бомбардирањето.
Француската агенција пренесува дека „не било можно да се одреди која страна била одговорна за ова бомбардирање“.
Сепак, познато е дека огромно мнозинство од населението во Луганск се припадници на етничката руска и рускојазичната заедница кои ги поддржуваат бунтовниците во источна Украина, и не ги признаваат прозападните власти во Киев кои преку безредијата во февруари го соборија претседателот Виктор Јанукович и набрзо тоа го укинаа законот со кој рускиот јазик го имаше статусот на службен во регионот во кој како мајчин го наведуваат околу 78 отсто од населението.
Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права во Женева соопшти дека бројот на мртвите во украинскиот судир во првите две седмици од август двојно се зголемил во однос на бројот на жртвите од крајот на јули.
Заклучно со 10-ти август во Украина животите ги загубиле 2.086 луѓе. Кон крајот на јули оваа бројка изнесуваше 1.129. „Тоа соодветствува на трендот на јакнење на судирите“, изјави за Reuters портпаролката на ОН, Сесил Пуији.
Во просек, секој ден повеќе од 60 луѓе се убиени или ранети откако започна вооружениот судир во источна Украина, околу почетокот на април. Со првите денови на август, овој просек се зголемил на 70, се додава во процената на ОН.
Бројот на жртвите ги вклучува припадниците на украинските војска и на проруските бунтовници, како и цивилните жртви. Бројот на ранетите е околу пет илјади, но Поуји додава дека овие бројки се многу конзервативни, односно немаат конечни потврди./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Руски нуклеарни бомбардери летаа околу Скандинавија, ги следеа странски ловци
Руските стратешки бомбардери „ту-95“, способни да носат нуклеарно оружје, извршија планиран лет над неутралните води на Баренцовото и Норвешкото Море, а за време на мисијата беа придружувани од странски борбени авиони. Руското Министерство за одбрана ја објави веста, без да го прецизира точниот датум на летот или за кои странски авиони станува збор, пишува „Киев пост“.
„Стратешките ракетни носачи ‘ту-95МС’ извршија планиран лет над неутралните води на Баренцовото и Норвешкото Море“, се вели во соопштението на Министерството објаснувајќи дека станува збор за област северно од Скандинавија и северозападно од Русија.
„Во одредени фази од рутата бомбардерите со долг дострел беа придружувани од борбени авиони на странски земји“, се додава. Москва исто така рече дека ваквите летови се одржуваат редовно во многу региони и се во согласност со меѓународното право.
Европа
(Видео) Украинците: Соборивме авион за да можеме да разнесеме подморница
Безбедносната служба на Украина (СБУ) објави дека соборила модернизиран поморски извидувачки авион Ил-38Н „Sea Dragon“ во руската воздухопловна база во Јејск, како дел од подготовките за напад врз руска подморница во градот Новоросијск.
„Ова е авион дизајниран за поморско извидување, пребарување на подморници, следење на морски површини, поставување мински полиња и извршување напади со торпеда“, соопшти СБУ.
Според украинското разузнавање, погодениот Ил-38Н активно дејствувал против украински поморски беспилотни летала. Проценетата вредност на авионот е околу 24 милиони долари. СБУ истакнува дека Русија имала само еден авион од оваа класа во Црното Море способен да го открие украинскиот подводен дрон „Sub Sea Baby“ додека се движел кон својата цел.
Онеспособувањето на леталото, тврди УСБ, овозможило успешно спроведување на главната фаза од специјалната операција, експлозијата на руската подморница од класата Варшавјанка.
„За напад врз Ил-38Н, УСБ користела современ дрон со боева глава за површинска детонација опремена со 2.000 фрагменти насочени надолу. Детонацијата се случила директно над главната опрема и радарскиот оддел, а моторот бил оштетен“, објави украинското разузнавање.
УСБ претходно објави дека на 15 декември, за прв пат во историјата, руска подморница била уништена со употреба на подводни дронови „Sub Sea Baby“. Нападот во Јејск, според украинските тврдења, бил клучен предуслов за успехот на операцијата.
Европа
(Видео) Нова експлозија во Москва во близина на местото на кое пред два дена беше убиен генерал
Експлозија што се случи синоќа во јужниот дел од Москва уби три лица, вклучувајќи двајца припадници на руската сообраќајна полиција, соопшти Рускиот истражен комитет.
Според официјалното соопштение, двајца полицајци забележале сомнително лице во близина на службено полициско возило. Кога му се приближиле за да го идентификуваат и да го приведат, била активирана експлозивна направа.
„Двајца полицајци и едно лице кое било во нивна близина починале од повредите на местото на настанот“, се вели во соопштението на Истражниот комитет. Експлозијата се случила во густо населена област на градот. Членови на Истражниот комитет, полицијата, Росгвардија и службите за итна медицинска помош остануваат на местото на настанот.
🇷🇺🇺🇦 Moscow appears hit by another terror attack
An explosion in southern Moscow killed three — two police officers and an unidentified suspect
Officers noticed a suspicious person near their patrol car overnight, but as they moved to detain them, an explosive device detonated… pic.twitter.com/K5Jpeu9OJD
— The Other Side Media (@TheOtherSideRu) December 24, 2025
Руските власти потврдија дека е отворена кривична постапка. Најавено е дека ќе бидат спроведени неколку форензички вештачења, вклучувајќи медицински и експлозивно-технички вештачења, за да се утврдат околностите на инцидентот, видот на експлозивната направа и начинот на нејзино активирање.
Државното обвинителство ја презеде истрагата. Сè уште не е објавено дали третото лице кое загинало било напаѓач или дали постои врска со организирани структури или политички мотиви.
За потсетување, пред два дена, рускиот генерал Фанил Сарваров беше убиен во експлозија на автомобил-бомба во Москва, во близина на местото каде што се случи и синоќешната експлозија, а ова беше трет случај на убиство на генерал во Москва за една година.

