Европа
Во Минск постигнат општ договор за украинската криза
Челниците на Украина, Русија, Германија и Франција постигнаа по 16 часовни преговори во белоруската престолнина Минск општ договор за прекин на огнот и општ договор за политичко решение на кризата во источна Украина, потврди по завршувањето на преговорите францускиот претседател Франсоа Оланд, додека претставниците на рускојазичните одметнати региони Донец и Луганск, одбиле да го потпишат договорот усогласен преку „нормандската четврток“, пренесуваат агенциите, а германската канцеларка Ангела Меркел, сепак, тврди дека рускиот претседател Владимир Путин ги убедил бунтовниците да се согласат со примирјето.
Претходно рускиот претседател Владимир Путин изјави дека челниците усогласиле договор за запирање на судирите во источна Украина. Зборувајќи пред новинарите во Минск, Путин рече дека четворицата челници „успеале да се усогласат околу главните прашања„, и додаде дека прекинот на огнот ќе стапи на сила од полноч на 15-ти февруари.
Според соопштението на Креммљ, четворицата челници ги потврдиле своите почитувања на украинскиот територијален суверенитет и интегритет, како што беше најавено во средата.
Претседателите на Украина, Русија и Франција, Петро Порошенко, Владимир Путин и Франсоа Оланд, и германската канцеларка Ангела Меркел, ги започнаа преговорите, според многумина решавачки за надминување на длабоката украинска криза, во средата попладне во белоруската престолнина Минск.
Паралелно со средбата на челниците во ткн „нормандски формат“, во Минск се одржуваа и преговорите на Контактната група за Украина, односно претставници на Украина, Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) како олеснувачи во преговорите меѓу претставниците на властите во Киев и на одметнатите самопрогласени ткн „народни републики“ во Донецк и Луганск.
Меѓутоа, челниците на рускојазичните бунтовници во Донецк и Луганск, Александр Захарченко и Игор Плотницки на состанокот на Контактната група одбиле да го потпишат документот усогласен меѓу четворицата челници, изјавил извор близок на преговорите за ТАСС.
„Четворката подготви документ, и се усогласи по него. Кога го разгледуваше контактната група во состав Медведчук, Кучма, Захарченки и Плотницки, последните двајца откажаа да го потпишат’, рекол соговорникот на агенцијата.„Претседателот на Русија, Владимир Путин ги убеди бунтовнциите од Донбас да со согласат со примирјето“, изјави подоцна германската канцеларка Меркел, пренесе агенцијата РИА Новости.
Во преговорите на Контактната група, од украинска страна учествуваа специјалниот претставник за хуманитарни прашања, челникот на граѓанската организација Украински избор, Виктор Медведчук и поранешниот украински претседател Леонид Кучма. Побунетиот рускојазичен украински југоисток го претставува челниците на самопрогласените Народни републики во Донецк и во Луганск, етничкиот Украинец, Александар Захарченко и Игор Плотницки. На преговорите учествува и специјалниот претставник на ОБСЕ, Хајди Таљивиани, и рускиот амбасадор во Киев, Михаил Зурабов, кои беа посредници во преговорите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

